Поранешен албански министер и пратеник со јасна и недвосмислена порака
Многу албански политичари, експерти и аналитичари подолго време излегуваат со категоричен став дека „голема Албанија“ е само фикција и една анахрона идеја од пред еден век и повеќе, сепак она што се случува на терен покажува дека не само што не е анахрона идеја туку станува збор за многу реален и опиплив процес што во моментот се одвива во целиот регион
Големите геостратегиски превирања јасно покажуваат дека започнуваат нови процеси што имаат цел да го редефинираат светот во целост, така што многу процеси што започнаа во минатото и се чинеше дека се утопија, сега како да добиваат реални можности за реализација.
Еден од таквите идеи и проекти што се туркаат повеќе од еден век е проектот за создавање „голема Албанија“, така што би се обединиле сите територии на кои живеат Албанци на Балканот. Тоа подразбира зафаќање територии на Македонија, Грција, Црна Гора и Србија и нивно присоединување кон Албанија.
Многу албански политичари, експерти и аналитичари подолго време излегуваат со категоричен став дека „голема Албанија“ е само фикција и една анахрона идеја од пред еден век и повеќе, сепак она што се случува на терен покажува дека не само што не е анахрона идеја туку станува збор за многу реален процес што во моментот се одвива во целиот регион.
Особено директен во потврдата на ваквите заклучоци е адвокатот и поранешен албански министер за правда Спартак Нѓела, кој отворено кажува дека воопшто не е мртва идејата за голема Албанија и дека нејзината реализација е во тек.
– Досега, во историјата на нашето време, две албански држави – Албанија и Косово – се во целосна правна функција и во рамките на меѓународното право. Но, како што одат работите, треба да се појават како независна држава и еден милион Албанци што живеат во Македонија, пишува во колумна Нѓела.
Понатаму во колумната тој го наметнува прашањето дали ќе има и трета албанска држава на Западен Балкан со, како што наведува, еден милион етнички Албанци што живеат во Македонија.
– Уште од националната преродба, уште од независноста на Албанија, сѐ до независноста на Косово, Албанците чекаа нивната национална преродба да стане сеалбанска реалност. Тоа и доаѓа сега. Во Западен Балкан денес има две албански држави, со пет милиони Албанци. Се очекува и третата албанска држава, со еден милион Албанци: во Македонија. Ова е логиката на времето, која гласи: ќе се случи и тоа. Сѐ што се случува во Западен Балкан е во полза на албанското прашање. Кризата во Србија избувна како последица на загубата на Косово. Кризата во Србија се случува поради засилувањето на албанството во илирскиот полуостров. Сѐ е во корист на Косово и Албанија – пишува меѓу другото Нѓела.
Поранешниот албански министер за правда ги предупредува Грција, Србија, Црна Гора и Македонија дека албанското прашање не е завршено.
– Албанците, под удар, насилно во овие четири држави, ќе се обединат со своите албански етнички територии во единствена држава: ова ќе биде последната битка во болната историја на Албанија… Но нема да заостане ниту Чамерија во овој сеалбански процес. Затоа, треба да знаат добро и Белград, и Москва, и Атина дека повеќе не можат да го запрат овој сеалбански процес, кој започна со независноста на Косово – порачува Нѓела.
Тој потсетува дека во интерес на НАТО е да се задржи сојузништвото со Албанците на целиот Западен Балкан, кои се главниот американски сојузник во овој дел на Европа во борбата против Русија и рускиот претседател Путин.
– Ова е основната причина за националната преродба на Албанците во овој историски период. Големите европски сили сосила спроведуваа блокада на албанскиот национален дух во изминатата 120-годишна историја, но времето сега работи за Албанците. Сиот албански свет во Западен Балкан токму сега ја чека новата албанска република во Македонија. Ова ќе биде последната голема победа на Албанците против долгогодишната словенска окупација – наведува Нѓела во колумната.
Ставовите во колумната не се ставови на обичен коментатор, туку на поранешен министер и поранешен пратеник, кој многу добро бил запознаен со сите политички процеси во регионот и затоа имаат и посебна тежина. Она што тој го наведува, веќе се спроведува во практика, почнувајќи со сè почестото истакнување на транспаренти со Чамерија, со одбивањето на косовскиот премиер Курти да прифати формирање заедница на српски општини на северот на Косово, бидејќи знае дека тоа би ги загрозило сеалбанските планови за обединување, до остварувањето низа елементи за „де факто“ федерализирање на Македонија. Едно е сигурно, набљудувајќи ги потезите на терен, сите изјави за анахроноста и ступидноста на идејата за „голема Албанија“ во суштина се крајно лицемерни и подли. С.Т.