Како тигрестиот комарец ја менува здравствената карта на Европа?
- Тигрестиот комарец последниве години повремено се забележува и во Македонија, особено во урбани средини. Со невообичаено топлите зими, прашањето веќе не е дали ќе се појави, туку кога ќе се случи тоа и во колкава мера
Европа влегува во нова епидемиолошка реалност. Нова студија покажува дека климатските услови погодни за пренос на вирусот чикунгуња сè повеќе се шират од јужниот дел на Стариот Континент кон централниот и северниот дел (на Европа). Токму со порастот на температурите се продолжува и сезоната на активност на азискиот тигрест комарец – главниот преносител на инфекцијата.
За земјите од јужна Европа, како Шпанија, Португалија, Италија, Грција, и секако Македонија, ризикот од пренос може да трае повеќе од шест месеци годишно. Во Франција, Белгија, Германија и во Швајцарија – од два до пет месеци, а дури и во југоисточна Англија вирусот би можел да циркулира само околу два месеца годишно.
Ова не е далечна приказна што не нè засега. Тигрестиот комарец последниве години повремено се забележува во Македонија, особено во урбани средини. Со невообичаено топлите зими, прашањето веќе не е дали ќе се појави, туку кога ќе се случи тоа и во колкава мера.
Што покажува гореспоменатото истражување?
Истражувањето предводено од научници од британскиот Центар за екологија и хидрологија анализирало податоци од 49 претходни студии од овој вид за да утврди како температурата влијае врз развојот на вирусот во рамките на азискиот тигрест комарец (Aedes albopictus).
Клучното откритие беше дека минималната температура потребна за пренос на вирусот не е од 16 до 18 Целзиусови степени како што се мислеше досега, туку од 13 до 14 Целзиусови степени. Тоа значи дека вирусот може да се активира и да опстојува во многу поширок географски појас и подолг временски период од годината.
Болеста чикунгуња првпат е регистрирана во Танзанија во 1952 година. Предизвикува силни болки во зглобовите, висока температура и исцрпеност. Иако најчесто завршува со закрепнување, кај мали деца и постари лица може да има сериозни, па и фатални последици. До 40 проценти од пациентите можат со години да страдаат од хронични болки или артритис.
Како почнуваат епидемиите?
Во Европа, епидемиите најчесто започнуваат кога патници се враќаат од тропските региони заразени со вирусот. Доколку ги касне таму тигрест комарец, тој понатаму ја пренесува инфекцијата во заедницата.
Само во 2025 година, стотици случаи биле регистрирани во Франција и Италија. Во Обединетото Кралство, иако нема локален пренос, во првата половина од годината биле евидентирани 73 увезени случаи – речиси трипати повеќе од претходната година.
Дополнителна загриженост е што истиот комарец пренесува и други опасни вируси како денга и зика.
Македонија, комарците и топлите зими
Време за будност
Иако Македонија засега нема регистрирани локални случаи на чикунгуња, повременото појавување на тигрестиот комарец покажува дека условите за негово населување постојат. Со зимски температури што сè почесто се движат над 13 Целзиусови степени, се губи природната „противпожарна линија“ што некогаш го прекинуваше циклусот на пренос. Токму затоа, превенцијата не треба да започне во лето – туку уште во зима.
Што можеме да направиме уште сега?
1. Отстранување стоечка вода
Дури и во зима, ако температурите се високи, комарците можат да положуваат јајца во:
• саксии и тацни
• буриња за дождовница
• нефункционални олуци
• стари гуми
• непокриени садови во дворовите
Редовното празнење и покривање на овие извори е клучно.
2. Проверка на дворните и заедничките простори
Станбените згради и општините треба да вршат контрола на подруми, шахти и одводни канали каде што може да се задржува вода.
3. Лична заштита при потопли денови
Ако зимата наликува на пролет:
• носете облека со долги ракави при престој на отворено
• користете репеленти
• поставете мрежи на прозорците
4. Информираност при патувања
При враќање од тропски региони, секоја појава на висока температура и болки во зглобовите треба веднаш да се пријават кај матичен лекар.
Подолга сезона – нова реалност
Според процените, во Европа ризикот од пренос е највисок од мај до октомври, со врв во јули и август, кога речиси половина од континентот има услови погодни за ширење на инфекцијата. Но со поместувањето на температурните граници, таа сезона полека се продолжува.
За Македонија, ова е предупредување – не за паника, туку за подготовка.
Борбата против комарците не е само летна активност, туку целогодишна стратегија. А во време на климатски промени, вниманието и превенцијата се нашата најсилна одбрана. Н.М.

































