Летални деривати од Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство што треба да ги консумира македонскиот народ не се добија само на надворешнополитички план. Токсични деривати од споменатите меѓудржавни договори сѐ позасилено се чувствуваат и на внатрешнополитички план. Имено, во македонската општествено-политичка реалност се создаде атмосфера во која се чувствува дека токму т.н. француски предлог отвори простор за засилено активирање дрски провокации во врска со македонскиот идентитет, историја и јазик, како и за карактерот на македонската држава, од страна на албанскиот политички фактор во Македонија, со испорачани барања за менување на Уставот и карактерот на државата и уредувањето
Претставуван како „неизбежната патека“ на Македонија до ЕУ, т.н. француски пакет-предлог на преговарачката рамка за македонските евроинтеграции се чини дека експресно почна да ги покажува контраиндикациите во своето дејство. Ако за Преспанскиот договор сличните контраиндикации се чекаше малку „да ферментираат“, па да излезат „деривати“ што се токсични и по нашето име и по идентитетот, за Договорот за добрососедство, пак, и неговите летални „деривати“ за јазикот, историјата, културата и за македонскиот народ во целост, не се чекаше воопшто многу. Тие се редат како на филмска лента, секојдневно и во различни форми и содржини. Но токсични деривати од Преспанскиот договор и договорот за добрососедство не се добија само на надворешнополитички план. Последици се чувствуваат сѐ позасилено и на внатрешнополитички план, индиректно деривирани од гореспоменатите два меѓудржавни договори. Имено, во македонската општествено-политичка реалност се создаде атмосфера во која се чувствува дека токму т.н. француски предлог отвори простор за засилено активирање дрски провокации во врска со македонскиот идентитет, историја и јазик, како и за карактерот на македонската држава, од страна на албанскиот политички фактор во Македонија.
Активирање на апетитите на албанскиот политички фактор
Наметнувањето на барањето за отворање на македонскиот устав, како веќе европски услов со францускиот предлог, ги врати на внатрешнополитичката сцена во Македонија и потстивнатите гласишта на албанскиот политички фактор за Тиранската платформа, за која и понатаму се тврди дека не постои. Без оглед на ставовите за нејзиното (не)постоење, веќе живо се актуализирани барањата за менување во Уставот на описот „јазик што го говорат 20 отсто од населението“, со конкретно наведување на албанскиот јазик и на Албанците. Иако според последните изјави постојат разлики меѓу претставниците на албанските политички партии, во однос на ургентноста за отворање на ова прашање, заеднички е ставот дека немаат намера да се откажат од нивното барање за менување на македонскиот устав. За некои аналитичари, ваквиот притисок врз македонскиот устав е истовремено притисок врз македонскиот национален супстрат во Македонија, за предефинирање на македонскиот национален идентитет, историја и јазик.
Поранешната амбасадорка и новинарка Мелпомени Корнети смета дека прашањето за (де)конструктивната улога на францускиот предлог за македонските политички процеси, во стабилна држава со одговорна надворешна политика, претставниците на власта би требало да го адресираат до соодветните адреси во ЕУ што стојат зад овој предлог.
– За овие неколку месеци откако постои францускиот предлог, уште е позабележливо дека нема приближување во македонско-бугарските односи. Напротив, однесувањето на Бугарија спрема Македонија е уште поагресивно и подрско во настојувањето да ги реализираат своите историски амбиции за бугаризација на Македонија. Во Бугарија, францускиот предлог го сфатија како дозвола за спроведување на нивните намери за бугаризација на Македонија. Во актуелниов геополитички контекст на руско-украинскиот конфликт, на ЕУ ѝ е важно во Бугарија да не предоминира постојното проруско расположение, па главно дејствува со притисок по тоа прашање. За некаков баланс во притисокот спрема Бугарија, на ЕУ некако ѝ е најлесно да ѝ угоди попуштајќи и во своите ставови и однесувања спрема Македонија. Но, во целата ситуација, изгледа никој не зема предвид каков сигнал ќе му даде францускиот предлог за уставните измени во Македонија на албанскиот политички фактор во земјава. Се покажува дека францускиот предлог ги отвори апетитите и ги разви политичките комбинаторики и на албанските политички партии во Македонија, Уставните измени ги видоа како можност за реализација на своите барања, наведени во т.н. Тиранска платформа, без оглед на наративите за времето за нивно спроведување. Во таков контекст, не треба да се отфрлат со наивност анахроните амбиции на балканските земји за поделба на Македонија. Во стабилна држава, со одговорна надворешна политика, претставниците на власта би требало да ги адресираат ваквите загрижености за (де)конструктивната улога на францускиот предлог врз македонските политички процеси до соодветните адреси во ЕУ што стојат зад овој предлог – вели амбасадорката Мелпомени Корнети.
Дериват на двата меѓународни договори е и ново име на нацијата, кое сѐ почесто се практикува од Европејците?!
Според професорот по меѓународно право Игор Јанев, кој многу отрезнувачки и несекојдневно храбро, но со горчина во изјавата се изјаснува, „по Преспанскиот договор, за светот ние повеќе не сме Македонци“! Попусти се нашите интервенции како и интерпретациите дека „станува збор за лапсус на претседателката на европската влада“.
Имено, професорот Јанев цврсто стои на ставот, кој го поткрепува во меѓународноправната наука и практика, дека „претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, токму од државното име го деривира името на народот, односно на нацијата!“
Според професорката Солза Грчева, тоа е погубен процес за Македонија, а францускиот предлог (во кој целосно е прифатена Декларацијата на бугарското собрание за македонските евроинтеграции) значи поддршка на таквите намери, толерирани од ЕУ.
– Уште од самиот почеток беше јасно дека т.н. француски предлог е во рамките на проектот за решавање на македонското прашање, со изнудување согласност за „самоисчезнување“ на Македонците. Се осмелувам да кажам дека и пописот е дел од тој проект, а повиците за негов бојкот доведоа до тоа административно да се намали бројот на Македонците во Македонија. Главниот услов на францускиот предлог за менување на Уставот за внесување на Бугарите во преамбулата, за да започнат вистински преговорите со ЕУ, е погубен за Македонија. Во културни и пријателски односи, можеби внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не би било толку проблематично. Но, од една страна, бесмислено е за 3.500 граѓани во Македонија што се изјасниле како Бугари да се отвора Уставот, а уште повеќе што официјална Софија не крие дека на тој начин има намера да спроведува процес на бугаризација во нашата земја. Притоа треба да биде јасно дека онаа бројка од стотина илјади бугарски пасоши за Македонци, со кои оперира бугарската политика, не влегуваат во „равенката“ за уставните измени, зашто тие македонски граѓани секако имаат првенствено македонско државјанство. Отворањето „културни клубови“ со имиња на фашистички соработници, за македонската јавност секако претставува провокација, а со целите и плановите на тие клубови отворено се манифестираат намери за индоктринација, асимилација, односно бугаризација на Македонија. Тоа е погубен процес за Македонија, а францускиот предлог (во кој целосно е прифатена Декларацијата на бугарското собрание за македонските евроинтеграции) значи поддршка на таквите бугарски намери од ЕУ – вели професорката и лидерка на Глас за Македонија, Солза Грчева.