Што вели политичката теорија за поделбата на законодавниот дом
Според политичката теорија, произлезена од неколкувековното практикување на парламентаризмот: Дводомен парламент е парламент што е организиран околу две легислативни тела (два дома). Дводомен парламент обично имаат поголемите земји: федерациите, бинационални или повеќенационални држави (не општества!).
Идејата за дводомен парламент потекнува од потребата да бидат застапени различни форми на претставување во парламентот: на пример ако станува збор за федерација, во долниот дом може да се застапени граѓаните на мнозински принцип, а во горниот дом може да се застапени федералните единици на паритетен или еднаков принцип. Таков е случајот во САД, каде што во Претставничкиот дом (Конгресот) има пропорционална застапеност на сојузните држави според населението, а во Сенатот секоја сојузна држава е застапена со по двајца претставници.
И во другите случаи (на пример во монархиите) дводомниот парламент значи поделба: долниот и горниот дом ја претставуваат поделбата на власта помеѓу народот и монархот, како што е тоа во Обединетото Кралство (Велика Британија), каде што во долниот дом се претставени граѓаните, а во горниот дом претставниците се назначени од монархијата – лордовите.
Вообичаено, последниот збор во донесувањето на законите го има горниот дом, но во некои случаи тој има само советодавна улога.
Една од разликите на дводомниот во однос на еднодомниот систем е во главната предност на еднодомниот систем – штом законот помине во парламентот, може да се каже дека тој веднаш стапува во сила, додека во дводомниот систем едниот дом може да го прифати законот, а другиот да го одбие. Исто така, во некои случаи, дводомните системи може да доведат до блокади. Се смета дека главната предност на еднодомниот систем е во тоа што оној што го контролира собранието, грубо кажано, ја контролира и извршната власт. Според актуелните статистички податоци, во светот 41 отсто од парламентите се дводомни, а околу 59 отсто се еднодомни, што значи дека од 193 земји (во светот), 79 имаат дводомен парламент, а 113 имаат еднодомен. Најпознати земји со дводомен парламентарен систем се: Австралија, Бразил, Канада, Германија, Индија, Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, Русија, Шпанија, Чешка… Од државите на поранешна Југославија, дводомен парламент имаат само Босна и Херцеговина и Словенија. Ј.П.