Фото: Игор Бансколиев

Иако директните врски со овие економии се минимални, индиректните ризици преку глобалната економија и пазарите на стоки, но и финансиските пазари, би се одразиле и на нашата економија како мала и отворена. Ефектите може да бидат видливи преку трговските и финансиските канали, нарушување на синџирите на снабдување и воопшто дополнително забавување на конвергенцијата на економијата

Веројатноста од влијание на конфликтот Израел – Газа врз домашната економија

Постојниот конфликт меѓу Русија и Украина, заедно со ескалацијата на израелско-палестинските непријателства, може да има далекосежни последици за глобалната економија и геополитичките односи, велат од Светската банка.
– Влошувањето на геополитичките услови може да ја комплицира ситуацијата на неодредено време на глобално ниво. Војната во Украина и нападите врз Израел може да имаат негативни ефекти врз енергетските и прехранбените пазари, глобалната трговија и геополитичките односи. Ова е можеби најопасното време што светот го видел во последните децении – предупредија надлежните од Светската банка.
Нашата економија, како мала и отворена, е исклучително зависна од случувањата во европската економија, но и во светската. Нашата економија нема директна изложеност кон израелската економија, но сепак следуваат прашањата дали и колку може Македонија да биде засегната од овие случувања. Претставува ли закана новиот воен конфликт за нашата економија? Како да превенираме и да се заштитиме од негативните ефекти?
Според универзитетскиот професор Зоран Ивановски, несомнено дека двата конфликта ќе имаат негативно влијание на домашната економија. Тој укажува дека новиот конфликт во Израел веќе влијае на пораст на цената на енергентите, што ќе предизвика подгревање на инфлацијата кај нас, а ќе се преслика и на пораст на трошоците, како на корпоративниот сектор, така и на стандардот на населението.
– Конфликтите влијаат на прекин и усложнување на синџирите на снабдување, што ја зголемува и цената на производите, влијаат на намалување на побарувачката, што ќе предизвика и намалување на извозот на нашите производи во земји што ни се традиционални партнери – посочува Ивановски.
Како што вели тој, нашата економија тешко може да се заштити од овие негативни влијанија, единствен начин за ублажување на негативните ефекти е натамошна диверзификација на странските пазари и отворање на нови пазари.
– Потребно е да се стави поголем фокус на азиската економија, особено кинеската, која е огромен пазар. Во таа насока би сугерирал Владата да размисли барем за укинување на визниот режим со Народна Република Кина, со што ќе се олесни меѓусебната соработка и ќе се овозможи привлекување не само на кинески компании туку и на нивни туристи во земјава. Минатата година речиси 170 милиони Кинези патуваа во странство, што е огромен потенцијал, кој би можел да се насочи и во нашата земја. Таква иницијатива веќе пројавија Црна Гора и Србија, а во меѓувреме Кина ја посочи Македонија, во групата со други 60 земји каде што можат да патуваат организирани групи. Сметам дека ова е голем потенцијал за нашата економија и треба што поскоро да се искористи – нагласува Ивановски.
Од Народната банка за „Нова Македонија“ велат дека нашата економија е сосема малку директно изложена кон овие економии, како во однос на трговските, така и во однос на финансиските врски.

– Учеството на Русија и Украина во вкупната трговија е околу два отсто, за двете економии заедно, а исклучително ниски се и учеството на странските директни инвестиции и должничките текови. Ист е случајот и со Израел, со трговска изложеност од околу 0,1 отсто и исто толкаво учество на СДИ. Инвеститори од овие земји не учествуваат во сопствеништвото на банките кај нас – истакнуваат од Народната банка.
Но, сепак, тие укажуваат дека геополитичките ризици тековно се третираат како едни од клучните глобални ризици и тие се ризик за изгледите за глобалниот раст, а наедно значајно ја нагласуваат променливоста на цените на светските пазари на примарни производи.
– Избувнувањето на последниот конфликт, Израел – Газа, според аналитичарите, особено може да влијае на пазарот и цените на нафтата. Во секој случај, колкаво ќе биде влијанието врз глобалната економија ќе зависи од понатамошниот развој на воено-политичките случувања во двата региона. Иако директните врски со овие економии се минимални, индиректните ризици преку глобалната економија и пазарите на стоки, но и финансиските пазари би се одразиле и на нашата економија како мала и отворена – појаснуваат од Народната банка.
Според нив, ефектите може да бидат видливи преку трговските и финансиските канали, нарушување на синџирите на снабдување и воопшто дополнително забавување на конвергенцијата на економијата.
– Будно следење на развојот на состојбите и јакнење на отпорноста на економијата на шокови е најсоодветниот одговор на овие геополитички случувања – потенцираат аналитичарите од Народната банка.
Експертите велат дека сите овие геополитички ризици ќе предизвикаат негативно влијание и врз странските и врз домашните инвестиции, бидејќи секоја војна предизвикува страв од нови инвестиции. Војната ќе го ограничи пристапот и ќе го поскапи капиталот, така што, според експертите, се очекува да влијае и врз растот на каматните стапки на кредитите. Сепак, според нив, колкаво ќе биде влијанието врз светската, како и врз нашата економија, најмногу ќе зависи од тоа дали војната ќе се рашири или ќе остане на тоа подрачје.