Mакедонската дијаспора уште еднаш, како и секогаш во вакви ситуации, се обедини и почна да организира директни активности и манифестации за поддршка и помош на настраданите од пожарот во Кочани. Со своите последни активности, дијаспората повторно потврди дека не ја заборава својата матична држава, нагласувајќи дека обединети сме посилни и во радост и во тага
Македонската дијаспора се обединува за сочувство, но и во хуманитарни акции за помош за семејствата на настраданите во Кочани
Македонската дијаспора секогаш била сплотена околу националните и државните интереси на Македонија. Денес, како и во минатото, припадниците на македонскиот народ без разлика на местото на раѓање и живеење, повторно се обединија и уште еднаш покажаа дека не ги забораваат своите сонародници во матичната држава. Изминативе денови македонските граѓани беа сведоци дека нашинците се обединуваат во жалоста за трагично загинатите во една од најголемите трагедии во историјата на современата македонска држава. Но сплотеноста не е само во заедничкото тагување туку и во организирањето активности што се во насока на директна помош за настраданите од пожарот во Кочани.
Во овој правец е и поддршката на македонската заедница од Шведска, односно поканата до сите Македонци во Шведска заедно да го следат фудбалскиот натпревар меѓу ФК Вардар и ФК Црвена ѕвезда договорен на 16 април годинава во Скопје, по иницијатива на македонската фудбалска легенда Дарко Панчев за одигрување хуманитарен натпревар.
– Од секоја купена влезница преку Swish tickets, 100 круни ќе се донираат за семејствата на загинатите и повредните во националната трагедија во Кочани, Македонија, на 16 март годинава – се вели во соопштението на организаторите.
Организатори на оваа хуманитарна акција во Шведска се македонското здружение „Даме Груев“ од Стокхолм, „Висаж клуб“ од Гетеборг и здружението „Македонски патриоти – Шведска“. Организаторите повикуваа на масовно присуство, за повеќе донации за настраданите во Кочани, во Македонија.
Дека македонската дијаспора не ги заборава својата матична држава и своите сонародници потврди и македонската заедница во Неиве, Италија, која се обедини во жалоста за загинатите и со молитва за повредените во националната трагедија во Кочани на 16 март годинава. Треба да се нагласи и дека македонската православна црковна општина во Неиве одржа молитвен помен.
– Многу Македонци што живеат во областа Лангхе и Роеро потекнуваат од таа област и имаат роднини и познаници меѓу жртвите. Затоа, кога дознавме дека Црвениот крст организира собирање средства за помош на семејствата на загинатите и повредените во националната трагедија на 16 март годинава, веднаш решивме да се вклучиме. И ние сме солидарни, ги поддржуваме нашите Македонци за донациите испратени до Црвениот крст – изјави отец Михајло Матевски, кој додава дека сите од општината што сакаат да донираат може да контактираат со него лично на 320-21-04-865.
Сочувство до македонската заедница во Неиве изрази и управата на Општина Неиве.
Слични активности организира и македонската дијаспора во Австралија, а најавена е и комеморацијата, која треба да се одржи утре, 30 март 2025 година, во Мелбурн. Конкретно, во организација на Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва во Мелбурн и Викторија, а во соработка со Федерацијата на македонските пензионерски друштва во Мелбурн ќе се одржи комеморација за загинатите и молитва за најбрзо заздравување на повредените во националната трагедија во Кочани на 16 март годинава.
Планирано е комеморацијата и молитвата да се одржат пред споменикот на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, во дворот на македонската православна црковна општина „Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица“ во Епинг, со почеток во 18 часот попладне.
Организаторите повикуваат на масовно семакедонско присуство, нагласувајќи -обединети сме посилни и во радост и во тага.
Ова е само дел од активностите со кои се потврдува старата вистина дека македонската дијаспора, без разлика на местото на раѓање или местото на живеење, секогаш кога имало потреба од помош за Македонија, секогаш срдечно помагала. Последниот немил настан во Кочани докажа дека нашинците од целиот свет не ја заборавија својата татковина и повторно, како и во минатото, помагаат преку донации за настраданите. П.Р.