Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија во континуитет се грижи пензионерите да имаат пристоен живот

Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ) е формиран со цел пензионерите да имаат квалитетeн и пристоен живот, водејќи притоа сметка за можностите на државата и стабилноста на Фондот за ПИОМ, а тоа го остварува со доставување барања и иницијативи до сите релевантни институции во државата.
Врз основа на сеопфатни анализи, искуството во пензионерското организирање, познавањето на економските состојби, законите и можностите на државата, СЗПМ упати предлог до работната група на Владата за измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (ЗПИО), за подобрување на материјалниот статус на пензионерите.

За мерките од деветтиот пакет што ги донесе Владата

Во врска со пензионерските предизвици кои во последно време поттикнуваат различни размислувања, мислења и ставови, но секако поттикнуваат стремежи да се направи нешто, секако на подобро во врска со статусот на пензионерите, во интерес на целокупната јавност се обидовме од прва рака да ја дознаеме фактичката состојба од Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ), г-ѓа Станка Трајкова.
„Нова Македонија“ континуирано ги следи и афирмира состојбите и статусот на пензионерите преку различни проекти со СЗПМ. Токму затоа, во продолжение Претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, од прва рака ни го презентира мислењето и ставовите на здружението, како и начините и напорите за да се направат ефикасни исчекори на квалитетот на живеењето и статусот на пензионерите во Македонија.

Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ) е формиран со цел пензионерите да имаат квалитетeн и пристоен живот, водејќи притоа сметка за можностите на државата и стабилноста на Фондот за ПИОМ, а тоа го остварува со доставување барања и иницијативи до сите релевантни институции во државата.
Врз основа на сеопфатни анализи, искуството во пензионерското организирање, познавањето на економските состојби, законите и можностите на државата, СЗПМ упати предлог до работната група на Владата за измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (ЗПИО), за подобрување на материјалниот статус на пензионерите. Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија партиципира со двајца членови и во формираната група од Владата за разгледување предлози за прашањето за најниската пензија и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите.

СЗПМ достави повеќе барања до работната група на Владата

До групата се поднесени повеќе барања, односно материјали доставени од Сојузот, кои се однесуваат за подобрување на материјалниот статус на пензионерите, и тоа со цел да се подобри материјалната положба на пензионерите корисниците на најнизок износ на пензија, Сојузот предложи нови решенија за определување на најнискиот износ на пензијата со образложени три варијанти.
Особено сакам да го истакнам следното: правото на најнизок износ на пензија треба и понатаму да остане во рамките на пензискиот систем, односно како регулатива на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. И во поранешните југословенски републики најнискиот износ на пензија е уреден со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а не со посебен закон. Предлозите од одредени субјекти да се определува најнискиот износ во соодветен процент од најниска плата, односно со посебен закон се некомпатибилни со поставеноста на нашиот пензиски систем. Сите права од пензиското и инвалидското осигурување се условени со должината на пензискиот стаж и остварената просечна плата што пензионерот ја остварил во неговиот работен век, валоризациските коефициенти за валоризација на платите од поранешните години, највисоката пензија, параметар за усогласување на пензијата, предвид се зема и просечната плата. Затоа Сојузот предлага како параметар за најнизок износ да служи просечната плата на вработените во Републиката!
Сојузот како граѓанска организација при подготвување на предлозите користеше податоци за бројот на корисници на пензија, висината на пензиските примања, бројот и износите на најниските пензии, висината на пензиите по група на износи, просечна плата на сите вработени, бројот на осигуреници, најниски пензии во земјите од опкружувањето со кои имаме слични пензиски системи и друго.

За предлозите на СЗПМ за подобрување на материјалниот статус на
пензионерите на долгорочна основа

Сојузот на здруженија пензионерите на Македонија достави до работната група неколку предлози за подобрување на материјалниот статус на пензионерите на долгорочна основа. Со овој допис се дава кратка верзија на предлозите, а поради актуелната состојба, Сојузот пристапи и кон нивно дополнување:
Прво – Усогласувањето на пензиите да се врши од 1 јануари и 1 јули во тековната година наместо од 1 март и 1 септември во тековната година. На овој начин нема да биде ускратено зголемувањето на пензиите за четири месеци во текот на годината (јануари, февруари, јули, август).
Второ – Се предлага и понатаму пензиите да се усогласуваат со користење на параметрите пораст на платите и трошоците на живот, но секогаш да се применува поповолниот параметар.
На пример, со последното усогласување на пензиите од 1 септември 2023 година, параметрите за усогласување на пензиите изнесуваа: порастот на платите 7,6 отсто, а порастот на трошоците 2,7 отсто.
Со ваквото решение пензиите би се усогласиле со порастот на платите, односно со поповолниот параметар, а тоа е 7,6 отсто.
Трето – Да се создаде правна основа за дегресивно усогласување на пензиите со тоа што во одредени временски периоди, кога значително се зголемуваат трошоците на животот, да се овозможи поголем процент на усогласување од вкупното усогласување на помалите пензии и на овој начин нема да се оптовари Фондот на ПИОМ, ниту централниот буџет бидејќи се врши само прераспределба.
Четврто – Предлагаме доколку не се прифати дегресивното усогласување, да се прифати нивелирање на пензиите и ова мерка се презема во пензискиот систем само кога со усогласување на пензиите не се отстрануваат разликите во висината на пензиите, особено заради остварување на ниските пензии, кои ги генерира самиот пензиски систем.
Петто – Сојузот смета дека добро би било ИТНО да се разгледа Мислењето на Сојузот (МТСП и ФПИОМ) во однос на тековното усогласување на пензиите на пензионерите што остваруваат право на пензија во тековната година. Мислењето на СЗПМ е дека пензионерите кога остваруваат право на пензија во кој било период во тековната година треба да се стават во еднаква правна положба во однос на усогласувањето. Во примената на членот 37 од ЗПИО има големи реакции и идните пензионери не знаат во кој период од тековната година да одат во пензија.
Значи Сојузот постојано предлага решенија за подобрување на статутот на пензионерите на краткорочен и долгорочен период, но факт е дека системски решенија не се носат за еден ден. Мерките ги донесе Владата врз база на сето она што било доставено како предлог и во граници на можностите.

Дали се задоволни пензионерите?

Дали се задоволни пензионерите од последните мерки содржани во деветтиот пакет? Мерките несомнено се добредојдени иако се краткорочни, односно за временски период од пет месеци. Тие претставуваат помош за оние што се наменети. Дали се задоволни пензионерите? Секогаш и за сѐ има и задоволни и незадоволни, но бројката со која ќе бидат опфатени со овие мерки над 187 илјади пензионери со фискалните импликации, која изнесува 35 милиони евра, е секако за почит. Притоа треба да се има предвид дека покрај овие мерки пензионерите ќе имаат бенефиции и од помошта наменета за нивните деца и внуци, кои исто така ќе добијат помош, бидејќи тоа ќе се рефлектира и на нивниот материјален статус.

Што презема и што ќе презема Сојузот во иднина за подобар живот
на своето членство?

Предлози ќе има постојано. Еве некои од нив што се во тек: ажурирање на листата на лекови, подигање на лимитот за ослободување од партиципација за болничко лекување, изградба на државни старски и пензионерски домови и геријатриски центри со цена пристапна и за пензионери со ниски пензии и друго.
Во таа насока се и повеќе проекти бесплатни или со попуст за пензионерите, како што се меморандумот со клиниката „Жан Митрев“ за прегледи на пензионери со кардиоваскуларен ризик, меморандумот со Стоматолошкиот факултет, со „Промедика – офталмологија“ и други, со кои се очекува сите да се придржуваат на содржините од договорите.
Такви проекти ќе има и во иднина. Сојузот и понатаму континуирано ќе работи за подобар живот на сите пензионери во рамките на законите и можностите. Затоа и се здружени пензионерите во Сојузот, за да имаат што повеќе и права и можности бидејќи факт е дека индивидуата е немоќна сама да се избори.
Значи, за пензионерите е најважно да има редовна исплата на пензиите, подобрување на материјалниот статус, усогласувањето на пензиите, како и други мерки што ќе придонесат за подобар и активен живот на пензионерите. На тоа ќе се фокусира Сојузот во иднина во интерес на 337 000 пензионери.

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија