Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неуспешниот 14-ти обид за започнување на проектот „Чебрен“, преку контроверзна концесија за грчки инвеститор, потсети на некои други брзоплети и сѐ уште контроверзни продажби на важни економски државни капацитети во Македонија. Овој случај ги разбуди размислувањата дали и како Македонија може да си ги врати во свое владение и стопанисување некои од клучните капацитети за самоодржлива функционалност на државата

Враќање на самодовербата во Македонија како суверена држава:

Одлучноста и посветеноста на Здружението на инженери на Република Македонија за самоизведба на проектот „Чебрен“, што резултира со конкретна предлог-иницијатива за закон за овој проект, доставена до Собранието и до Владата, активираше некои прашања за стопанските и економските потенцијали на Македонија, запретани и потиснати од политичките интереси, низ годините на независност. Неуспешниот 14-ти обид за започнување на проектот „Чебрен“, преку контроверзна концесија за грчки инвеститор, потсети на некои други брзоплети и сѐ уште контроверзни продажби на важни економски државни капацитети во Македонија. Овој случај ги разбуди размислувањата дали и како Македонија може да си ги врати во свое владение и стопанисување некои од клучните капацитети за самоодржлива функционалност на државата.

Боцевски: Македонија мора да си ги врати големите системи во енергетиката, комуникациите, транспортот, јавното здравство, социјалните служби…

Амбасадорот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски смета дека клучно за граѓаните е државата да им обезбеди достапност до услугите и добрата што им ги пружа.
– Иницијативата за проектот „Чебрен“ е само почеток на повторното воспоставување на Македонија како самоодржлива заедница и суверена држава. Македонија мора да си ги врати големите системи во енергетиката, комуникациите, транспортот, јавното здравство, социјалните служби… Во сите овие области има простор за приватна иницијатива, но клучно за граѓаните е државата да им обезбеди достапност до услугите и добрата што им ги пружа. Во изминативе децении, по воведувањето на демократизцијата и пазарното стопанство, нештата отидоа толку далеку, што се наметна наратив дека Македонија е неуспешна, неодржлива и неспособна држава. Се доведовме во ситуација власта да тврди дека Македонија е неспособна да ги изгради браните на Црна Река, и тоа длабоко во 21 век. Истата таа Македонија, како една од шесте југословенски републики, во 80-тите години на минатиот век планираше изградба на втората југословенска нуклеарна централа во Мариово, со користење за нејзино ладење на водите од акумулациите, што требаше да се изградат токму на реката Црна. Како за 40 години стигнавме од планирање за изградба на нуклеарка до недоверба дека можеме сами да изградиме една брана? Се надевам дека оваа иницијатива е почеток на еден процес што ќе ни ја врати самодовербата и ќе ни покаже дека можеме да бидеме и далеку поамбициозни дури од планираното во 80-тите години на 20 век – вели амбасадорот Ивица Боцевски, еден од потписниците на предлог-иницијативата за законот за проектот „Чебрен“.

Џевдет Хајредини: Врвни се стратегиите за енергетска независност и за производство на храна

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини потсетува дека главниот приоритет за одржување на суверенитетот на секоја држава е да постави стратегија за енергетска независност и производство на храна.
– Во овие триесетина години независна Македонија, без сомнение можевме да изградиме со сопствени сили и средства многу повеќе од патна инфраструктура до енергетски капацитети, а секако и да го организираме производството на храна, барем за сопствена самоодржливост. Главниот приоритет за одржување на суверенитетот на секоја држава е да постави стратегија за енергетска независност и производство на храна. Во овие триесетина години, можеше и сосема поинаку на друг и почесен начин да се изведат и продажбите на големите стопански капацитети, во интерес на развојот на македонската економија и стопанство. Но ориентацијата на политичките елити во Македонија, во овој период, беше сосема поинаква од размислување за државно-општествен економски развој во интерес на граѓаните, или некаква стратегија за одржување и надградба на компонентите што се база на сувереноста – храната и енергетиката. Субјективните интереси и лошите намери на политичките елити нѐ доведоа во ситуација да не направиме ништо од она што можевме да го направиме со сопствени сили. Иницијативата за изградба на проектот „Чебрен“, на некој начин претставува обновување на проектот „Стрежево“, за кој се зборува веќе 50 години. Дури и партијата ВМРО-ДПМНЕ, во 2000-тите во својата програма во 100 чекори имаше наведено изградба на капацитети од тој проект…, но досега ништо од тоа не е ни започнато да се гради. Очигледно за да направиме нешто во Македонија, што е во интерес на благосостојбата на граѓаните, главниот предизвик ни се чесни политички елити. Само ќе потсетам дека во првата експертска влада од независноста на Македонија имаше министер за проектот „Вардарска Долина“, кој беше мултидисциплинарен проект. Тој проект постојано се спомнуваше, но никогаш не се започна. Сепак треба да се споменува, како потсетник дека во Македонија имало визија за економско-енергетска самоодржливост, како предуслов за сувереност на државата – вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.