Синхронизирано образовно-културно релативизирање на македонското национално достоинство

Во делот посветен на антифашистичката борба на македонскиот народ, во учебникот Историја и општество за четврто одделение повторно стои неопределена/инфинитивна форма на толкување за веќе постојни научно прифатени дефинирања на историски настани и процеси: „…НОБ е кратенка која значи народноослободителна борба. Борбата се случувала за време на Втората светска војна, а ја започнало македонското население за да се ослободи од ТУЃАТА власт…“

„Новата концепција за основното образование“ во делот за образованието, како и „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020 – 2022“ во делот на културата се два документа од стратегиски карактер каде што суптилно се провнува терминологија и концепција за подла замена на вредностите што се однесуваат на македонските национални интереси во образованието, последователно и во културата.
Имено, сѐ што досега се подразбирало како македонски национални столбови, особено најновите историски и културолошки обележувачки точки на македонското зреење: АСНОМ, илинденската епоха, преродбенскиот период…, преку вешто наметнување нова терминологија или нов начин на толкување на постојни квалитативни вредности што ја градат македонската стабилна развојна линија се прави обид, поточно, во тек е менување на мемориските кодни знаци на постоење.
Во „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020 – 2022“, иако со изминат рок на траење, постои декларативна заложба за развој на културата и културното наследство, но таму исказот „национален интерес во културата“ е квалификуван како ретрограден, односно нешто што го спречува современиот развој на државата.
Оттаму и произлегува новата определба во предлог-законот за културата „јавен интерес во културата“, кој треба постепено да се наметне како примарен, но и како и супституција за постојната определба „национален интерес во културата“. Новата определба семантички е широка, па така, таа е во состојба да апсорбира различни културолошки потреби, кои и не мора да бидат од национален интерес, па дури ни со минимум квалитет.
Широката семантика на новиот поим „јавен интерес“ значи и флуктуирачко толкување на тоа што би претставувало културолошка вредност! Кога би направил споредба за наметнувањето на оваа нова терминологија би се повикал на инфинитивот, неопределена глаголска форма што именува дејство или состојба, без да укаже на лице, број или време, што би се рекло – се наметнува безличност.
Во „Новата концепција за основното образование“, пак, предметите што кај децата треба да го изградат односот кон уметноста, кон естетиката, кон хуманата димензија на човештвото – Ликовно образование и Музичко образование, од два часа неделно се сведени на еден час неделно со тенденција двата предмета да се спојат во еден, по што ќе спаднат на по двапати месечно. Преку овие два предмета се профилираат или идните таленти или се изградува идната квалитативна публика.

Понатаму, веќе е широко позната намерата, поточно, во тек е замената на предметот Историја со предметот Историја и општество, предмет преку кој се гради односот кон националните прашања кај децата, последователно и кон културното наследство.
Така, во делот посветен на антифашистичката борба на македонскиот народ, во учебникот Историја и општество за четврто одделение повторно стои неопределена/инфинитивна форма на толкување за веќе постојни научно прифатени дефинирања на историски настани и процеси: „…НОБ е кратенка која значи народноослободителна борба. Борбата се случувала за време на Втората светска војна, а ја започнало македонското население за да се ослободи од ТУЃАТА власт…“.
Овие безлични форми на изразување што се провлекуваат во стратегиски документи, а потоа вешто се протнуваат во новите законски предлози или дидактички средства – „јавен интерес во културата“, „туѓата власт“ или, пак, новите концепции од типот Ликовно образование и Музичко образование во еден предмет, имаат цел да креираат идни генерации кај кои ќе отсуствува критичкото размислување, когнитивното знаење да се сведе на просто меморирање податоци, притоа, без изграден однос кон уметноста и естетиката. Крајна цел е генерации без никакво чувство кон националната припадност, без интерес кон колективната меморија за сопственото постоење, „скроз“ (кажано со колоквијалниот речник на учениците) одлични ученици без елементарна писменост, а како парадокс на сето тоа имаме декларативна заложба за зголемен интерес кон културното наследство, без видлив продукт повеќе од половина деценија. Врв на иронијата!

м-р Александар Јорданоски

(Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство)