Многу е симптоматично временското совпаѓање на зaвршувањето на работата на меѓународната експертска група од Преспанскиот договор и лансирањето на новиот бренд и кампањата од страна на Грција, наречени „Македонија Велика“ (Macedonia the GReat). Имено, токму на крајот, по истекот на мандатот на експертската комисија, се активира грчката кампања наречена „Македонија Велика“, што во најмала рака може да се окарактеризира како индикативен потег од страна на Грција, инаку образложен од нивна страна со тоа дека „странците мора да разберат дека ова (Македонија) е грчки бренд“?!
(Не)очекувана случка по истекот на мандатот на заедничката експертска комисија од Преспанскиот договор за „заемно прифатливи решенија
за имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци“
Некако незабележано од македонската јавност, која е главно преокупирана со „европските“ предизвици што ѝ ги поставува Бугарија на Македонија, почнаа да истекуваат роковите за некои обврски преземени со Преспанскиот договор. Имено, неодамна се „потрошија“ трите години предвидени за работа на меѓународната група експерти, која требаше да дава поддршка и да ги охрабрува деловните заедници во Македонија и во Грција да „воспостават искрен, структуриран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци“.
Преспански договор: Ниту една одредба нема да влијае на сегашната комерцијална употреба „сè додека не се постигне заемна согласност“?!
Споменатата експертска група беше предвидена во Преспанскиот договор, со членот 1, точка 3, став ж, а беше формирана во 2019 година со одреден рок (временска рамка на работа) од три години. За потсетување:
– Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа Група на експерти ќе се формира во текот на 2019 г. и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од член 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја – гласи цитатот на членот 1, точка 3, став ж, во Преспанскиот договор.
Договорите на членовите на експертската комисија им се истечени на почетокот на ноември оваа година
Извори од македонскиот дел на експертската комисија потврдуваат дека договорите на членовите на комисијата им се истечени на почетокот на ноември, а до крајот на годината треба да го поднесат последниот годишен извештај.
Во таков контекст, многу е симптоматично временското совпаѓање на завршувањето на работата на меѓународната експертска група од Преспанскиот договор. Имено, токму на крајот, по истекот на мандатот на експертската комисија, се активира грчката кампања наречена „Македонија Велика“ (Macedonia the GReat), за „странците да мора да разберат дека ова (Македонија) е грчки бренд“.
Грчкиот весник „Етнос“ пишува дека до крајот на годината се очекува првите 100 компании што се регистрирани во грчкиот едношалтерски систем за сеопфатна поддршка на извозот (СЕВЕ) и што аплицирале за неа да ја добијат новата трговска марка „Македонија Велика“ (Macedonia the GReat).
– Новата ознака е достапна за членките на СЕВЕ бесплатно, а целта е да обезбеди производите и услугите произведени на „македонска земја“ да не се помешуваат со оние на Северна Македонија, особено на странските пазари – наведува грчки „Етнос“.
Процедурата на СЕВЕ за регистрација на името на брендот, според информациите на „Нова Македонија“, заврши точно пред два месеца. А, пак, барањето/апликацијата за негово одобрување пред Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија во Аликанте, Шпанија, СЕВЕ го поднесе, уште во 2019 година. За издвојување е дека во периодот потоа беа отфрлени низа приговори поднесени од органи, комори и бизниси од Република Македонија.
Новите итроштини на Атина со преземениот чекор (бренд), очигледно, се тенденциозен потег на грчката политика
Претседателот на грчката СЕВЕ, Симеон Дијамантидис, признава дека досега грчките компании биле скептични новите производи што ги произведуваат да ги именуваат како „македонски“, бидејќи се плашеле дека таквото нивно именување ќе се однесува на соседната земја. Според него, со новата ознака се решава тој „проблем“, а и странците така ќе разбереле дека тоа е грчки бренд. Првите 100 грчки компании се главно активни во секторот храна (тестенини, зеленчук, овошје) и пијалаци (вина). Официјалното претставување на брендот ќе се одржи на 20 февруари во Солунската концертна сала. Од новата година ќе започне нов циклус отворени настани за целиот свет, а на некои ќе присуствува и премиерот Кирјакос Мицотакис.
Од друга страна, Ѓорѓи Филипов, претседателот на македонскиот дел од меѓународната експертска група со Грција, за имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци, забележува дека активирањето на грчката кампања „Македонија Велика“ предизвикала внимание и изненадување меѓу субјектите во македонскиот бизнис-сектор и стопанството. Тој смета дека ова, очигледно, е тенденциозен потег на грчката политика. Филипов смета дека токму оваа трговска марка навистина може да предизвика конфузија кај недоволно упатените потрошувачи во Европа, а камоли во целиот свет.
– Решението на Грција да се употреби именката „Македонија“ како составен дел на една марка (во графизам), што претставува основа на името на нивна соседна држава, предизвика неколку компании, здруженија и институции (вкупно осум): од кај нас, од Австрија и од Бугарија. Тие поднесоа опсервации (приговори) до Заводот за интелектуална сопственост на Европската Унија (ЕУИПО) во Аликанте, Шпанија. Севкупните образложенија на приговорите беа издржани, длабоки и аргументирани, дека поимот и територијата Македонија се протега на шест земји од соседството и на Северна Грција. Токму називот на трговската марка „M Macedonia the GReat“ (М Македонија Голема), е иритирачки и контроверзно. А може да доведе до заблуда од која земја потекнуваат производите сертифицирани со таква марка.
Сепак, искрено верувам дека надлежните институции во Шпанија се свесни за контроверзноста на марката и за прекршувањето на одредбите на Париската конвенција за индустриска сопственост, а сепак ЕУИПО дозволи нејзино објавување, одбивајќи ги сите приговори (може да се видат сите дописи и одлуки на веб-страницата на ЕУИПО).
Сите ознаки: „Made in Greece“ или „Produced in Greece“ или, пак,
„M Macedonia the GReat“ се грчки
Една наша македонска компанија беше упорна и продолжи со жалби дури до Европскиот општ суд во Луксембург, но жалбата беше одбиена, а беше признаена одлуката на ЕУИПО. Последниот рок за дополнителна жалба истече на 20.8.2022, по што одлуката стана правосилна и марката, по тригодишен процес (што нормално трае од шест до 12 месеци), заврши во полза на заедничката марка на Асоцијацијата на стопанските комори од Северна Грција. Судските одлуки не се коментираат, меѓутоа многумина сметаат, како што гледате, дури и грчки стопански субјекти, дека оваа трговска марка навистина може да предизвика конфузија кај недоволно упатените потрошувачи во Европа, а камоли во целиот свет. Имено, производите од пријателска Република Грција, секогаш ќе носат ознака „Made in Greece“ или „Produced in Greece“, што е многу поголема територија, отколку територијата „Macedonia“, во составот на хеленската република или Грција.
Сепак, оптимист сум и мислам дека оваа контроверзна трговска марка нема да ги наруши деловните односи меѓу стопанските субјекти на двете земји, Грција и Македонија, бидејќи тие се чини се доволно свесни за потребата од меѓусебна успешна деловна соработка, која е во постојан пораст и треба и натаму да се развива во духот на добрососедство, заемната почит и доверба на сите соседи во Југоисточна Европа, та биле тие членки на ЕУ или само кандидати. Вакви или слични спорови постоеле, постојат и во иднина ќе постојат, дури и меѓу земји-членки на ЕУ, но сите се решавале или со договори и медијации, или со преговори или арбитражи, па на крајот и на суд, но никако не треба да завршат со зголемување на нетрпеливоста и запирање на соработката – заклучува Ѓорѓи Филипов.
Став на претседателот на македонскиот дел од експертската комисија, Ѓорѓи Филипов, за ефектите од работата на телото
Неодамна заврши работата на меѓународната експертска група, формирана според Преспанскиот договор, која требаше да помогне и да посредува во постигнување заемно прифатливи решенија за прашањата што произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво, пред сѐ за користење на брендот Македонија. По истекот на тригодишниот период од функционирањето на експертската група, го прашавме претседателот на македонскиот дел од комисијата, Ѓорѓи Филипов, дали како експерти се задоволни од постигнатите резултати?
– Имајќи ги предвид Договорот од Преспа и чл. 1.3.ж од тој договор, ние, претставниците на македонскиот дел од меѓународната група на експерти, можеме да зборуваме само за нашата работа и соработката со македонските стопански комори, асоцијации и компании што се во приватна сопственост. Или уште попрецизно, со оние компании или здруженија што во своето трговско име како составен дел ја имаат или имаат намера да ги имаат придавката „македонски“ (Macedonian) или именката „Македонија“ (Macedonia) или, пак, поседуваат трговски марки или географски ознаки со истите зборовни.
Гледано од тој аспект можам да кажам дека сме задоволни од постигнатото затоа што:
1. Во услови на тешка здравствена, економска, финансиска и политичка клима во Европа и во светот, се разбира и на Балканот, успеавме да ги анимираме соодветните владини и стопански институции од земјата во поглед на значењето на интелектуалната сопственост воопшто и на трговските марки и особено ознаките на потекло, што резултира со зголемено внимание кај институциите при донесување одлуки кому и под кои услови ќе му се дозволува користењето на придавката „македонски“ и името „Македонија“ во својство на составен дел од трговска марка.
2. На ниту една компанија или асоцијација од приватен карактер од С. Македонија не ѝ беше ускратено да ги користи поимот „Македонија“ и изведенките од него на домашна или меѓународна манифестација, саем или изложба, иако постоеја спротивставувања или обиди за забрана.
3. Трговијата меѓу Македонија и Грција се одвива и натаму непречено, постоеја комуникации меѓу трговските комори, иако намерно или ненамерно се избегнуваа средби на кои директно би се разговарало само за трговските марки.
4. Се разбира дека секогаш е можно да се постигне и нешто повеќе, меѓутоа треба сите да сме свесни дека постојат работи што не зависат само од меѓународната група на експерти, ниту пак само од македонскиот дел од таа група, туку и од стопанските, политичките, дипломатските и државните институции во двете земји и во Европската Унија, на кои МГЕ, секако, не може да влијае – ги наведува Филипов четирите моменти што можат да се извлечат како придобивка од работата на МГЕ.