Фото: Игор Бансколиев

Во продолжение ги пренесуваме суштинските детали од нивното револуционерно патешествие, нивните идеали и искажани пораки, кои имаат свое значење и тежина и ден-денес

КОИ СЕ ОСНОВАЧИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), позната и како Внатрешна организација, во националната меморија на македонскиот народ ќе останат запаметени како личности што ја трасираа идејата за самостојна македонска држава уште пред 129 години. Како корифеи на македонската револуционерна кауза, се спротивставија на надворешните влијанија што пристигнуваа од Софија, Белград и Атина. Помеѓу споменатите основачи има крупни македонски национални личности, како што се Даме Груев и Петар Поп Арсов, но не треба да се занемари учеството и на другите што го посветиле својот живот за слободата на Македонија и македонскиот народ. Во продолжение ги пренесуваме суштинските детали од нивното револуционерно патешествие, нивните идеали и искажани пораки, кои имаат свое значење и тежина и ден-денес.

Дамјан (Даме) Груев: Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај

Дамјан Груев е еден од основачите на Македонската револуционерна организација, позната и како Внатрешна организација, но и како една од најкрупните фигури на македонското националноослободително движење од крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Учествувал во големиот бунт на учениците во борбата против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување во настава на македонскиот народен говор, а во Гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда. На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало цел ослободување на Македонија од Османлиската Империја.
Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група, во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и Христо Татарчев. Станал првиот секретар на Централниот комитет на организацијата. Токму Даме Груев е личноста што го убедила Гоце Делчев да му се приклучи на револуционерното дело. По разговорите во Софија, со раководството на Врховниот комитет на македонската емигрантска организација во Бугарија и во Цариград со егзархот Јосиф (1895), се уверил дека Македонската револуционерна организација не само што не можела да смета на поддршка туку и дека претстоело жестоко конфронтирање поради противречности меѓу двете страни. Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на десет години затвор.
Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација. Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум Кале во Мала Азија, каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, по прашањето за организирање востание. Одлуката за востанието ја прифатил како завршена работа, оттука е и неговата позната изрека: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ Во почетокот на мај претседавал со Смилевскиот конгрес. Тогаш бил избран Главен штаб за Вториот битолски револуционерен округ, во состав: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.
На 2 август било кренато Илинденското востание. По неколкумесечните борби со огромната модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на востанието, со цел да се поштеди народот и да се зачуваат силите и кадрите на движењето. По востанието, Даме останал во Битолско со народот, за да работи на консолидирање на организацијата. Тој учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), каде што се залагал за централизирана организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна република. Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905-та и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите, меѓутоа единството постигнато на конгресот траело кратко.
Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец, кај Русиново. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево.

Петар Поп Арсов: Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата, ќе ни ја земе земјата

Петар Поп Арсов е еден од основачите на Македонската револуционерна организација, а како интелектуалец се јавува како еден од главните идеолози на организацијата, но и на целото македонско револуционерно движење. Останува запаметен како задграничен претставник на организацијата, автор на првиот устав на организацијата, како и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, која била насочена против бугарската пропаганда. Низ револуционерните години се истакнал како борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ. Бил заштитник на македонската самобитност и се залагал за македонска држава и независна македонска црква, како и за македонски литературен јазик и правопис. Во Софија станал еден од основачите на Македонското студентско друштво. Учествувал во работата на оформување на уставот и правилникот на друштвото. По растурањето на друштвото, учествувал во основањето на Младата македонска книжевна дружина и влегол во редовите на Лозарското движење (заедно со Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и др.). Арсов бил поставен за главен уредник на весникот „Лоза“, официјален орган на лозарите. Од првиот број на списанието, каде што го објавил и својот расказ „На Мокров“, вовел еден нов македонски фонетски правопис, каде што и за првпат ги наоѓаме употребени и карактеристичните букви: К’, Г’, Н’, а се исфрлени двогласните букви:Ъ, Ю, Ь, a гласот Ј е предаден во I.
По растурањето на Младата македонска книжевна дружина и забраната на „Лоза“, се вработил како професор во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во Солун повторно се сретнал со своите стари познаници, меѓу кои и Даме Груев. Во тој период, меѓу потесен круг македонски интелектуалци се појавила идејата за основање една револуционерна организација, а во овие случувања активно учествувал и самиот Поп Арсов. Тој ја прифатил иницијативата и станал еден од шестемина основоположници на Македонската револуционерна организација и автор на првиот устав на организацијата (1893 год.).
Во текот на својата револуционерна дејност извршувал повеќе функции. Тој бил: претседател на Прилепскиот околиски комитет во 1896 г., директор на егзархиските училишта во Штип, 1896 г., претседател на окружниот комитет, 1896 г. По Виничката афера, првото масовно разоткривање на Внатрешната организација од османлиската власт, е обвинет за организирање востание и е осуден на 101 г. Од страна на специјален воен суд во 1897 г. бил испратен во Подрум Кале, каде што бил до 1902 г., кога бил амнестиран. Останал настрана за време на Илинденското востание, поради апсењето по Солунските атентати, во тоа време дошло до самораспуштање на Централниот комитет. Арсов станал член на ЦК на Внатрешната организација во 1904 г. Тој учествувал во работата на Рилскиот конгрес во 1905 г. и бил избран за задграничен претставник, учествувал во дејноста на организацијата до нејзиниот неформален расцеп.
За време на подготовките на списанието „Македонија“, двапати бил притворан како интелектуален инспиратор. Учествувал во работата на Народната федеративна партија и парламентарните избори во 1910 г. Се залагал за независна Македонска црква и независно образование, ја пласирал идејата за отворање висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет, заедно со Теодосиј Гологанов и Крсте П. Мисирков.
За време на Првата балканска војна се повлекол во Велес, каде што ја организирал т.н. македонска конференција, на која заедно со Димитрија Чуповски биле избрани да отпатуваат во Лондон за да го постават македонското прашање на Мировната конференција. Неговиот поглед по во ова прашање го дознаваме од мислата: „Македонија ако ја немаше, би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот“. Под притисок на српската власт, Чуповски се вратил во Русија, а Петар пребегал во Бугарија. Во 1920 г. се повлекол од јавниот политички живот. Се претпоставува дека контактирал со Македонскиот литературен кружок.
Петар Поп Арсов останува запаметен по зборовите:: „Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата, ќе ни ја земе земјата“.

Христо Татарчев: Македонија била и си останува култ на македонскиот народ

Христо Татарчев е роден во Ресен, во богато банкарско и трговско семејство. Во 1890 година се префрлил во Берлин, каде што дипломирал како лекар во 1892 година, со дипломската работа на тема „Професионални неврози“, која подоцна ја објавил.
Во есента 1892 година, се вработил како лекар во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во 1893 година, барајќи медицинска помош, кај него отишол Даме Груев. На третата средба, Груев се отворил пред Татарчев и тие отворено разговарале за да се подобри политичката положба на „нашиот народ“. На 21 октомври1893 година, покрај солунскиот брег се сретнале Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Андон Димитров, при што разговарале за ослободување на Македонија. Паднал предлогот тие тројца да формираат револуционерна организација. И.Х. Николов понудил во основањето да учествуваат и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев.
На 5 јануари 1894 година се одржала Јануарската средба, на која дошло до конкретно формирање на организацијата. На дневен ред биле: целта, името и поставеноста на организацијата. Појдовна точка за дискусија бил членот 23 од Берлинскиот конгрес. Во однос на втората точка, Татарчев истакнал: „На истата седница долго се разгледуваше прашањето какво име да носат револуционерната организација и комитетот. Ова прашање ни одзеде многу време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: Македонска револуционерна организација, а комитетот – Централен македонски револуционерен комитет, а скратено ЦМРК. На Јануарската средба, помеѓу другото, бил конституиран и Централниот комитет, во кој влегле шестемина основоположници, додека Татарчев бил избран за претседател на ЦМРК, а наедно бил избран и за прв претседател на Македонската револуционерна организација.
При крајот на 1902 година, Татарчев бил именуван за член на Задграничното претставништво на организацијата во Софија. Кон крајот на ноември 1902 година, ЦК на Гарванов и Задграничното претставништво ја донеле конечната одлука за организирање на востанието.
Во екот на востанието, Задграничното претставништво во име на организацијата се обратило до големите сили. Преку декларација било истакнато дека вмешувањето на големите сили е: единствено средство за се отстрани злото и да се запре крвопролевањето. Притоа било побарано, со согласност на големите сили, за главен управник во Македонија да се назначи христијанин, кој немало да ѝ припаѓа на турската администрација и ќе дејствува независно од Високата Порта. Било потенцирано дека македонското прашање може да биде решено само доколку постои ефикасна меѓународна контрола
Во текот на Балканските војни и Првата светска војна, Татарчев бил лекар во бугарската армија. На петнаесетгодишнината од Илинденското востание, тој одржал свечен говор во Крушево. Во текот на јануари 1919 година, ги поддржал мислењата на групата од „Бившата ВРО од Западна Македонија“, но не го потпишал нејзиниот Апел од 9 март 1919 година само затоа што, според него, не било доволно интонирано националното прашање. По Првата светска војна, Татарчев продолжил со својата револуционерна дејност. Во есента 1920 година учествувал во создавањето на Македонската федеративна организација, меѓутоа поради недоразбирањата што ги имал со Тодор Александров, морал да ја напушти Бугарија и со своето семејство се населил во Торино, Италија.
Меѓу двете светски војни, Татарчев напишал голем број статии во весниците „Македонија“, „Вардар“ и др. По окупацијата на Вардарска Македонија од страна на Бугарија, во 1941 година, се вратил во својот роден град. Меѓутоа, подоцна заминал за Софија, а по бомбардирањето на овој град во 1943 година се прикрил во Нова Загора. Во текот на 1944 година, Иван Михајлов му предложил на Татарчев да стане претседател на проектот „Независна република Македонија“, но тој го одбил овој предлог. Останува запаметен по зборовите: „Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на нејзините дедовци и прадедовци“.

Иван Хаџи Николов – човекот што ја отпечати брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“

Во почетокот на 90-тите години на 19 век се нашол во Софија и учествувал во формирањето и дејствувањето на Младата македонска книжевна дружина и списанието „Лоза“, но поради македонските национални идеи, ММКД била растурена од страна на бугарските власти, а „Лоза“ била забранета, а набргу потоа се Хаџи Николов се нашол во Солун. Учествувал во основањето на револуционерната организација, а по т.н. Јануарска средба во Софија ја отпечатил брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, која пота била растурена низ Македонија и меѓу македонската емиграција во Бугарија. Во понатамошната дејност Хаџи Николов продолжил да агитира преку својата книжарница, но наишол на пречки.
Во текот на Солунската афера, поради очај, работењето со Централниот комитет им го доверил на поранешните членови на Бугарското револуционерно братство. Подоцна Хаџи Николов се правдал пред Христо Татарчев дека на Иван Гарванов, Спас Мартин и Димитар Мирчев им ги предал само печатот на ЦК, шифрите и списоците и дека Спас Мартин го задолжил да им пише на задграничните претставници во смисла: Држете ја вие од таму здраво ситуацијата. Хаџи Николов најверојатно ја разбрал својата грешка и поради грижа на совеста посегнал по својот живот, односно си ја пресекол радијалната артерија и поради тоа подолго време бил во болница.
На 7 мај 1901 г., Хаџи Николов бил осуден на доживотен затвор. Хаџи Николов заедно со 38 затвореници казната ја издржувал во Подрум Кале. Таму останал до август 1902 година. Во почетокот на септември пристигнал во Солун, а потоа заминал за Софија, каде што учествувал во советувањата по прашањето за востанието. По Солунската афера и враќањето од затвор, Хаџи Николов го немал она поранешно значење во револуционерното движење и, потиснат од младиот кадар, постепено се повлекол од учеството во револуционерно дело.
Во Софија продолжил да се занимава со книжарство и издавачка дејност. Во тој период ги напишал своите „Спомени“, а неговите публикации биле вметнати во алманахот „Македонија“ на Илинденската организација, под псевдонимот Основач. Спомените на Хаџи Николов се објавени во периодот меѓу 1935 и 1937 година, од страна на Христо Шалдев, во списанието „Илустрација Илинден“. До крајот на својот живот живеел во Софија. Бил тешко заболен и душевно растроен и се самоубил на 9 јули 1934 година.

Андон Димитров – борец за автономна Македонија

Андон Димитров е роден во селото Ајватово, тогаш во Османлиското Царство. Во 1889 година завршил во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, потоа студирал право на Вишото училиште во Цариград и на Универзитетот во Лиеж (Белгија).
Тој бил член на Централниот комитет од самото негово создавање, а во 1896 година повторно бил избран на Солунскиот конгрес. Оваа должност ја извршувал до втората половина на 1897 година, по што заминал за Битола.
Додека работел како учител во Битола, наставниот кадар бил поларизиран на две групи: егзархисти и симпатизери на организацијата. Димитров бил раководител на втората група, а активна улога имал и во училишниот бунт од 26 мај 1899 во Битолската гимназија. Повод за бунтот било барањето на професорот по Историја, Цонев: „Црковните книги да се преведат од црковнословенски на месниот дијалект“. Бунтот довел до целосна блокада на гимназијата и пансионот. Затоа митрополитот Григориј побарал вилаетската полиција да интервенира, но до тоа не дошло. Меѓутоа, бидејќи биле замешани и учителите, Егзархијата го суспендирала целиот учителски кадар во Битолската гимназија, а со посебно циркуларно писмо, под бројот 2.784, од 24 август (стар стил) 1899 година, исклучила 18 ученици засекогаш од сите егзархиски училишта.
Во ноември 1903 година станал директор на егзархиските училишта во Прилеп, а во 1904 година бил избран за член – судија на битолскиот апелациски суд. Со влегувањето на младите македонски револуционерни сили во македонското движење, Димитров се нашол во втор план, но по Младотурската револуција повторно се активирал.
По завршувањето на Првата балканска војна се вратил во Македонија, но новите српски и грчки власти го проследувале и тајно заминал за Бугарија. Таму помагал во дејноста на Сојузот на македонските културно-просветни благотворителни братства и како негов претставник учествувал во тајните преговори меѓу Бугарија и Османлиското Царство, со цел Македонија да добие автономија. Во 1920 година бил избран за претседател на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија, а по расцепот станал член на новоформираниот Федеративен македонски комитет, но по големите делби во македонското ослободително движење се повлекол од активно учество во него. Страдајќи од тешка болест, се самоубил на 13 март 1933 година, во Софија.

Христо Батанџиев – патриот загрижен за судбината на Македонија

Христо Батанџиев е роден во Гуменџе, Ениџевардарско. Се школувал во родното село, каде што подоцна и учителствувал. Најпрво работел како учител во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, а потоа бил секретар во солунската црковно-училишна општина и егзархиската митрополија во Солун. Како патриот, бил загрижен за судбината на Македонија и ѝ пристапил на групата македонски интелектуалци истомисленици, со кои во Солун ја основале Македонската револуционерна организација.
Во текот на Балканските војни, Батанџиев заедно со уште 183 други Македонци од Солун и Солунско бил уапсен од грчката војска. Некои од нив, вклучувајќи го и Батанџиев, требало да бидат интернирани со брод од Солун до островот Трикери. Загинал заедно со архимандритот Евлогиј, во 1913 година, така што бил фрлен и удавен во Егејско Море од страна на грчките сили.