Нападот дошол од правец на Гостивар, при што непријателските сили биле предводени од Германци, придружени од балистите на Џемо на кои им се придружуваат балистите на Мефаил Шеху, кои биле стационирани околу селото Бигор Доленци. Во раните утрински часови, на 1 октомври, Мирко Милески телефонирал од железничката станица во Буковиќ дека се опколени и дека четата била нападната од многубројни непријателски сили. Четата добила наредба да се повлече, но младинците немале време да се повлечат затоа што биле опколени. Започнала нерамна битка што траела околу седум часа. Во крвавата битка загинале 32 борци од четата, само петмина успеале да се извлечат
Од историските архиви: Битката кај Буковиќ од 1 октомври 1943 година
Самопожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката борба го поплочуваше патот кон македонската национална слобода и држава. Битката кај Буковиќ од 1 октомври 1943 година е токму пример за пожртвуваноста на млади македонски партизани, кои се судриле со албанските балистички сили. Комесарот Мирко Милески–Урош, откако ги испукал последните куршуми, откачил бомба и легнал врз неа. Партизанките Мара Угриновска–Гина и Олга Софеска Мицеска биле фатени живи, измачувани и на крајот погубени. Балистите имале над 20 жртви во битката. Споменатата борба кај Буковиќ била една од најжестоките и најсурови во 1943 година.
Прелудиум кон саможртвата на македонските партизани
Непосредно по ослободувањето на Кичево и создавањето на слободната територија во Кичевско се зголемил бројот на албански вооружени балистички формации. Прегрупирањето на балистичките сили се случило по капитулацијата на Италија и создавањето на т.н. нова албанска држава, кој била под политичко влијание на Германија. Балистите се поддржани од новата албанска влада и стануваат германски сојузници и со свежите германски трупи започнуваат да напредуваат од Гостивар кон Кичево.
Извесен успех бележат италијанската и германската политика во западниот дел на Македонија. Плаќајќи ги скапо озлогласените реакционерни елементи меѓу граѓаните од албанската националност, ползувајќи ги културната заостанатост и верскиот фанатизам кај поединци, успеваат од такви елементи, за борба против НОД извесен број и да мобилизираат. Но широките албански маси беа против таквата политика, со што оневозможија да се развие братоубиствена војна, ги осуетија плановите на окупаторите, нагласува генералот Михајло Апостолски за овие настани.
Главната цел на балистите и германската армија било заземањето на Буковиќ, а потоа напад на градот Кичево, кој по повлекувањето на Италијанците бил првиот ослободен град под контрола на македонските партизани.
Битката кај Буковиќ
Балистите извршиле напад врз слободната територија во реонот на планината Буковиќ, каде што престојувала младинската чета на баталјонот „Мирче Ацев“. Младинската чета, која била дел од баталјанот „Мирче Ацев“, била составена од најмладите македонски борци. Во одбраната на слободната територија на Буковиќ, водачи на младите партизани биле комесарот и народен херој Мирко Милески–Урош (20-годишен) и командантот на младинците Лазар Лазарески–Гоце (17-годишен).
Во битката учествувале вкупно 37 борци, меѓу кои и неколку млади Македонки. Од другата страна заедно со германските сили биле и многубројни балистички сили предводени од озлогласените Џемаил Хасани, попознат како Џемо Хаса, и Мефаил Шеху. Претходно балистот Мефаил Шеху и неговата балистичка банда биле помилувани од партизаните, откако Кичево било ослободено. Откако Шеху видел дека Италијанците во Кичево се поразени, тој за да се спаси им се приклучил на партизаните на 11 септември 1943 година. Но за помалку од еден месец тој се здружил со германските сили против македонските партизани.
Нападот дошол од правец на Гостивар, при што непријателските сили биле предводени од Германци, придружени од балистите на Џемо на кои им се придружуваат балистите на Мефаил Шеху, кои биле стационирани околу селото Бигор Доленци. Во раните утрински часови, на 1 октомври, Мирко Милески телефонирал од железничката станица во Буковиќ дека се опколени и дека четата била нападната од многубројни непријателски сили. Четата добила наредба да се повлече, но младинците немале време да се повлечат затоа што биле опколени. Започнала нерамна битка што траела околу седум часа. Во крвавата битка загинале 32 борци од четата, само петмина успеале да се извлечат.
Комесарот Мирко Милески, откако ги испукал последните куршуми од пушката и револверот, откачил бомба и легнал врз неа. Партизанките Мара Угриновска–Гина и Олга Софеска Мицеска биле фатени живи, измачувани и на крајот погубени. Балистите имале над 20 жртви во битката. За германските жртви нема податок. Следниот ден, на 2 октомври, Германците и балистите со помош на бугарските авиони го нападнале градот Кичево. Д.Ст.