Пред крајот на мандатот на актуелната Европска комисија и изборите во ЕУ наредниот месец, сегашниот еврокомесар за проширување Оливер Вархеи излезе со порака што се однесува до идната Европска комисија, за таа „многу посериозно да го сфати проширувањето отколку што беше досега“. (?!)
Токму ваквиот став на еврокомесарот отвори една длабока дилема за која нашите соговорници, професори на македонските универзитети, многу логично, со една своја констатација ни ги открија битието и заднината на изјавата на еврокомесарот:
– Вархеи (случајно или не) потврди дека досегашната европска влада (Европска комисија) „малку несериозно го сфаќаше проширувањето на ЕУ, та отсега (по изборите во ЕУ), таа би требало да биде многу посериозна?!
Констатацијата на еврокомесарот за досегашната несериозност на ЕК отвора и низа други суштински прашања во врска со бриселската европска администрација: за нејзината неефикасност, нејасност на политиките, непринципиелност и политизираност, па и корумпираност…
Како еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во своја изјава имплицитно потврди дека ЕУ беше несериозна за проширувањата
Тешко дека во Македонија некој може „како од пушка“ да ги изброи мандатите на Европската комисија или да се сети на точниот редослед на комесарите за проширување на ЕУ, барем од мигот кога се стекна со кандидатски статус, од кога го чека почетокот на преговори со Унијата. Оттогаш, од декември 2005 година, имаат поминато речиси 19 години и барем четворица еврокомесари за проширување, но и други високи функционери од Европската комисија доаѓаа во Македонија, бараа исполнување критериуми за проширувањето, ветуваа почеток на преговори – „само по уште еден специјален услов надвор од критериумите“, но и прекоруваа дипломатски кога не си ги исполнуваа ветувањата…
Пред крајот на мандатот на актуелната Европска комисија и изборите во ЕУ наредниот месец, сегашниот еврокомесар за проширување Оливер Вархеи порачува до идната Европска комисија многу посериозно да го сфати проширувањето отколку што беше досега. Тој констатира дека геополитичките пејзажи во Европа и околу Европа се променија, но, наводно, позитивната опција е што проширувањето станало еден од главните приоритети не само во Унијата туку и околу неа.
– Се надеваме дека следната комисија ќе биде комисија за проширување и се надеваме дека ќе имаме многу јасни одлуки насочени кон ова во текот на годината, за време на институционалната транзиција. Затоа што изминатите 21 година зедоа свој данок од сите нас – не само во Европа каде што беше популарно да се каже дека има замор од проширувањето туку и на Западен Балкан. Тоа имаше свој данок, но сега мислам дека има повик за будење дека ако ЕУ не го спроведе проширувањето заради себе и заради својот интерес, може да се соочи со ризик да се загубат долгорочниот мир, стабилност и безбедност дури и во Европа – изјави Оливер Вархеи во последните денови од својот мандат како еврокомесар за проширување.
Пораката на Вархеи, наредната Европска комисија „многу посериозно да го сфати проширувањето“, фрла сенка на сомнеж за досегашната сериозност по тоа прашање на оваа комисија (но и на сите претходни) спрема земјите од Западен Балкан, а особено спрема Македонија, кои со разни изговори и менување процедури се држат во чекалницата на Унијата. Секако, таквиот однос на Унијата спрема земјите кандидати си зема данок во довербата, па само во Македонија ентузијазмот за ЕУ е опаднат од некогашните 92-93 отсто на сега веќе околу 60 отсто.
– Самата изјава на актуелниот еврокомесар за проширување, Вархеи, со препорака наредната комисија на ЕУ да биде посериозна во однос на проширувањето – е несериозна. Тоа мошне индикативно говори за дволичноста на евробирократијата спрема проширувањето и земјите кандидати и не влева доверба во промена на тој однос и во наредниот состав на комисијата и другите институции на ЕУ, по изборите. Односно, проширувањето на Унијата ги интересира во контекст на Украина и почеток на преговори со оваа земја, која е во војна, што е сериозен геополитички предизвик за ЕУ. Премногу проблеми има ЕУ во овој миг со прашањето на Украина, како безбедносни така и економски…, што проширувањето со земјите од Западен Балкан е ставено на спореден колосек, иако тоа вешто го менаџираат со извежбани наративи на морков и стап. Таа дволичност е начинот на кој всушност функционира ЕУ. Иако поставува некакви принципиелни критериуми за проширувањето што треба да ги исполнат кандидатите, сепак за секоја земја се носат политички одлуки во текот на целиот процес на интегрирање до приемот. Без оглед дали кандидатите ги исполниле условите, ако геополитички ѝ оди во прилог приемот на некоја земја, тоа брзо се спроведува со политичка одлука. Сега тој геополитички интерес е насочен кон Украина, но непринципиелноста би била прекомпромитирачка за самата ЕУ, ако оваа земја, која едноставно нема услови да ги исполни Копенхашките критериуми, стане членка на Унијата пред земјите од Западен Балкан, кои речиси две децении се во процесот. Во моментов не може ништо да се предвиди во однос на проширувањето на Унијата, но ако се случи некаков пробив во овој процес, земјите од Западен Балкан, сите заедно би влегле (повеќе би се провлекле) во некоја „пукнатина“ на интересот за Украина – вели професорката Солза Грчева.
Во контекст на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, еврокомесарот Вархеи потсетува дека Унијата јасно им порачала на овие држави „дека работи уште понапорно за да биде подготвена да ги пречека како нови членки“. Но сепак нагласува дека „тоа е процес на исполнување критериуми и трансформација“.
– Можеме да ги сакаме најмногу, но земјите кандидатки мора да испорачаат исполнување на критериумите. Ние секако ќе им помогнеме во тоа. ЕУ може да испорача проширување само откако ќе се исполнат условите – рече еврокомесарот, кој е на заминување од својата функција за проширување на Европската Унија.
Кога станува збор за веродостојноста на Унијата околу исполнување на (Копенхашките) критериуми за проширување, отворениот случај на Македонија, никако не оди во прилог на принципиелноста околу исполнување на условите за кои зборува Вархеи. Процесот на исполнување критериуми и трансформација, за кои говори сѐ уште актуелниот еврокомесар за проширување, за Македонија постојано е „надградуван“ со мошне нестандардни услови, во целосна спротивност со критериумите со вредностите на Унијата, кои ескалираат до степен на уцени за откажување од универзалните човекови права, од страна на постојни земји членки. Особено фрустрирачки во целиот процес е што самата ЕУ „премолчено“ го толерира, па и го одобрува таквото уценувачко однесување на своите земји членки.
– Непринципиелноста и дволичноста како начин на однесување на ЕУ се, веројатно, најмногу применувани врз Македонија. Тоа што ние ја ставаме главата во песок и се правиме дека не го забележуваме тоа, секако е наш проблем. Секако дека е лицемерно и непринципиелно да ви кажуваат дека билатералните прашања не смеат да бидат внесени во преговарачкиот процес со ЕУ, а потоа таквите билатерални прашања да ги вградуваат во преговарачката рамка за Македонија. Доколку ЕУ сакаше на некој начин да биде доследна на своите декларирани критериуми и принципи, ќе направеше обид барем да го игнорира ветото на Бугарија за Македонија. Но не го стори тоа, туку напротив, со предложената преговарачка рамка, остава простор за перцепцијата дека Бугарија одработува за опструирање на процесот на проширување. Конечно, со многу одлуки ЕУ покажала дека и покрај декларативното инсистирање на своите критериуми, тие речиси воопшто и да не ја интересираат, туку се однесува само според геополитичките интереси – цени реномираната професорка Солза Грчева.