Можеби актуелната раздвиженост на западните дипломати во регионот и на активностите на некои држави од ЕУ е во насока да се потисне „апетитот за проширување кај земјите-кандидати“, на тој начин што ќе се испорачаат непристојни предлози, а за возврат нема да биде понудена никаква реална европска перспектива. А кога нема „ниту морков ниту стап“, повеќе од јасно е дека токму во ваквата актуелна геополитичка состојба проширувањето треба да остане статус кво, односно тоа да се тргне настрана на неодредено време
ЗАПАДНИТЕ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ, ЕКСПЕРТИ И ПОЛИТИЧАРИ СО ЈАСНИ ПОРАКИ: ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ НЕ Е ПОВЕЌЕ ПАКЕТЧЕ ВО ИЗЛОГОТ
Европската Унија нема никаква намера да се шири со земјите од Западен Балкан во блиска иднина, без оглед на очигледната раздвиженост и притисоците што во последно време се прават и кон Македонија во врска со внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, а и кон Приштина и Белград, за постигнување некаков меѓусебен договор, вклучувајќи ги и притисоците кон Црна Гора и Босна и Херцеговина…
Целта што македонските власти сè почесто ја споменуваат за некакво членство на земјава во ЕУ до 2030 година е очигледно само за домашна употреба, бидејќи експертите, интелектуалците и политичарите од западните земји креваат раменици во моментот на споменување на флоскулата „Проширување на Унијата“!
Повеќето од нив јасно кажуваат дека „во Брисел повеќе нема никаков апетит за вклучување нови држави во европското семејство“, а нарацијата за некаква европска перспектива повеќе има цел да ги задржи земјите на европскиот курс за да се спречи какво било друго влијание. Истовремено, за Брисел терминот европска перспектива не подразбира полноправно членство, туку посветеност кон европските вредности и евентуално кон заедничкиот европски пазар, од што повторно најголема полза би имала старата Европа.
Можеби актуелната раздвиженост на западните дипломати во регионот и на активностите на некои држави од ЕУ е во насока да се потисне „апетитот за проширување кај земјите кандидати“, на тој начин што ќе се испорачаат непристојни предлози, а за возврат нема да биде понудена никаква реална европска перспектива. А кога нема „ниту морков ниту стап“, повеќе од јасно е дека токму во ваквата актуелна геополитичка состојба проширувањето треба да остане статус кво, односно тоа да се тргне настрана на неодредено време.
Проширувањето повеќе не е во излогот
Сите овие сигнали стигнуваат во време кога во Македонија постои сериозна дебата дали внесувањето на Бугарите во македонскиот устав ќе ги отвори портите на ЕУ за земјава или, пак, тоа ќе биде уште едно пеколно чекорење по маките, проследено со нови омаловажувања, уценувања, понижувања и, што е најтрагично, со целосно обезличување на македонскиот народ.
Новинарот Михаел Мартенс од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и добар познавач на состојбите во регионот на Западен Балкан категорично тврди дека приказната со проширувањето на ЕУ е завршена и никој не треба да има никакви илузии дека во скоро време ќе стане член на ова 27-члено друштво. Тој смета дека секоја земја треба да поаѓа од сопствените интереси и да работи за себе, без да се надева на членство.
– Процесот на проширување на ЕУ е мртов, не постои. Полноправното членство на земјите-кандидати веќе не е во излогот. Кога разговарам со западните преговарачи имам впечаток дека тие навистина сакаат да се направи нешто тука на Балканот. По нападот на Русија врз Украина, тие сфатија дека мораат да прават нешто на Западен Балканот и мора да има нешто конкретно, не само празни ветувања. Тоа е вистина и верувам дека е така. Проблемот е во тоа што не е доволно нешто искрено да се посакува од една страна, а од друга страна да не постојат идеја и концепција како да се направи тоа. Во моментот нема никаква идеја и концепција за проширувањето. ЕУ нема веќе ништо што може да предложи. Мислам дека најреално нешто што може да се оствари е сите земји од Западен Балкан да станат дел од Европската економска зона и тоа би било реално и нешто што може да биде атрактивно – вели Мартенс.
Според него, со години се зборува за некаква европска перспектива, но никој не знае што значи тоа навистина.
– Луѓето порано, пред 20 и повеќе години, веруваа во тоа. Во 2003 година во Солун имаше самит на кој тогашниот претседател на Европската комисија, Романо Проди, јасно кажа дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Што се случи во меѓувреме? Последното проширување беше со Хрватска во 2013 година и потоа ништо. Францускиот претседател Макрон јасно кажа дека ЕУ е нефункционална и ваква со 27 земји-членки, а не, пак, со 28, 32 или повеќе земји-членки. Право на вето имаат сите, а во ЕУ нема волја да се смени начинот на гласање. Тоа најдобро говори за желбата за проширување. Лично сметам дека треба отворено да им се каже на сите земји дека нема шанси за полноправно членство во ЕУ и наедно да им се понуди тие да соработуваат со Унијата на разни начини така што би било од заемна полза – категоричен е Мартенс.
Членството да се замени со реални перспективи
Германските експерти за Западен Балкан се согласуваат со оцените дека не треба да се очекува во скоро време регионот да биде примен во ЕУ, истовремено изразувајќи резерва и околу приемот во Европската економска зона, што неформално беше спомнувано како замена за полноправното членство.
– Далечните и неизвесни перспективи за конечно членство во ЕУ сè повеќе влијаат врз недостигот од „лостови“ на Унијата што би можеле да предизвикаат преобразба во овој регион. Тажно е, исто така, што мораме да бидеме свесни дека сè понеуверливите ветувања за придружување во ЕУ значат дека повеќе немаме поттици за промена на авторитарната управа, спроведувањето на реформите и воспоставувањето на владеењето на правото. Поради тоа, ЕУ ќе мора да живее со фактот дека во нејзиниот „заден двор“, во најдобар случај, сè ќе остане како што е сега, но и дека веројатно ситуацијата ќе продолжи да се влошува и дека дополнителната економска стагнација ќе биде катастрофа на многу начини (одлив на мозоци, дури и повеќе отворена врата за надворешни актери како Кина) – оценува Јохана Дајмел, германска аналитичарка за Западен Балкан и Југоисточна Европа.
Изнесувајќи став по истата тема, Франц-Лотар Алтман, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Букурешт, се согласува дека проширувањето на Унијата е запрено.
– Во суштина, мала е веројатноста земјите од Западен Балкан да ѝ се приклучат на ЕУ – смета Алтман.
Според него, има неколку идеи како ЕУ да го придвижи регионот напред, без да ветува полноправно членство.
– ЕУ би можела да понуди чекор напред на Западен Балкан кога станува збор за подобра економска интеграција во контекст на паневропската соработка, а да ги избегне претходно споменатите политички импликации за полноправно членство на државите во ЕУ. Втората идеја, која можеби е пореална и полесно применлива, е подобрување и проширување на претпристапната финансиска и техничка поддршка на државите кандидати, но не во смисла на забрзување на преговорите за членство, а особено не за да се ублажат условите за придружување – заклучува Алтман.
Доста е со отстапки, време е да се свртиме кон себе
ЕУ испрати отворени и јасни сигнали дека проширување нема да се случи, така што сега е клучно оваа реалност да ја прифатат и македонските политички чинители и конечно да почнат да ја насочуваат земјата во согласност со новите околности.
Тоа подразбира свртување кон она што значи градење функционална држава, во која владеењето на правото ќе биде клучно при воспоставувањето институции поставени врз здрави темели, со што и перцепцијата на Македонија од страна на Европската Унија ќе биде далеку поинаква.
Истовремено, колку побрзо македонските граѓани и политички елити ја прифатат оваа реалност, толку побрзо ќе се прекине со практиката на постојано правење отстапки кон некого на сметка на сопствените интереси.
И домашните аналитичари подолго време предупредуваат дека ЕУ нема намера да се шири и дека Македонија мора да се сврти сама кон себе ако сака да стане држава во која граѓаните ќе сакаат да останат и да ја градат.
– Проширување нема да има и тоа мора да ни биде јасно на сите. Тоа не значи дека треба да очајуваме, туку напротив. Членка сме на НАТО, имаме безбедносни гаранции, така што сега е клучно да го ресетираме системот внатре. Да воспоставиме вистинско владеење на правото, на демократијата, да ги оспособиме институциите, да ги спроведеме сите потребни реформи исклучиво заради нас, а не заради членството во ЕУ. Само така ќе изградиме функционална држава од која младите нема да се иселуваат, економијата ќе расте, секој ќе напредува според квалитетот, а партизираноста и корупцијата ќе отидат во заборав – велат нашите соговорници.
Според нив, прво е потребно да се постигне внатрешен општествен консензус и јасно да се расчисти со илузиите за некакво брзо членство во Унијата.
– Прво треба да се смират страстите дома. Да седнеме и да изградиме стратегија, ама не само на хартија како досега, да се засилат контактите со секоја земја-членка на Унијата и со секоја да се наоѓаат заеднички интереси. Сакаме квалитетно образование, да преговараме со Финска, сакаме владеење на правото, тука е Холандија, САД да ни помагаат во борбата со корупцијата, од Германија да бараме решенија за економијата, од Велика Британија да учиме за парламентарната демократија, од Данска за зелените енергии. Да ги поканиме сите оние што сакаат да ги споделат своите искуства со нас, да работиме со нивни тимови, само така ќе си ја направиме државата попристојно место за живеење – предлагаат соговорниците.
Несомнено, илузиите за брзо членство во ЕУ се распрснаа како меур од сапуница, дополнително што ниту војната во Украина воопшто не ги забрза евроинтегративните процеси во регионот. Пораките што пристигнуваат се само обично тапкање по рамо, така што во овој момент градењето и чувањето на сопствената држава се најважната цел кон која треба да се стремат сите. Во едни вакви околности, апсурдно е да се влегува во какви било замки со нови отстапки што скапо ќе ги чинат македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, ако се има предвид дека дури и најголемата отстапка што беше направена со промената на името, не ја мрдна Македонија ниту чекор поблиску до ЕУ. Времето покажа дека сите кризи и неизвесности најдобро се надминуваат со градење и создавање, така што ова е одлична можност за повторна изградба на силна македонска држава на горди и достоинствени граѓани. Сè друго е продавање ветер и магла и вовед во неизвесна иднина.