Грото истапи на министрите на ДУИ, според повеќе наши соговорници професори, се надвор од надлежностите на техничката влада, со што практично тие ги загрозуваат функционалноста и кредибилитетот на државата. Таквиот факт повторно го поставува прашањето за (бе)смисленоста на концептот на предизборна техничка влада…
Влијанието на техничката влада на внатрешнополитичките односи (2)
Во вчерашниот прв дел на темата „Влијанието на техничката влада на политичките односи“ се осврнавме на реалните штети што преодната (т.н. техничка) влада ги нанесува на надворешните односи на Македонија. Денес, од разговорот со низа професори, ќе ги издвоиме ставовите низ кои соговорниците ќе направат краток осврт на „реалните штети што таквата квазитворба, поточно некои носители во неа прават штета и на внатрешната политика“ во самата наша држава.
Тенденција со умисла за излегување од поставените линии на надлежности на извршен орган (конципиран пред сѐ за организирање избори)
Имено, во последната временска четвртина од мандатот на техничката влада, своевидните носители на овој предизборен проект, премиерот и министерот за надворешни работи што потекнуваат од партијата ДУИ, со некои свои одлуки направија исчекори шо се чини дека излегуваат од поставените линии на надлежност на извршен орган конципиран пред сѐ за организирање избори. Во период кога ситно се бројат деновите до претседателските, па и парламентарните избори и создавање услови за формирање политичка влада, првенците на техничката влада истапија на меѓународна сцена со одлуки донесени без консултација со другите политички чинители во Македонија, притоа згрозувајќи ги меѓународните позиции на државата.
Но она што е уште позагрижувачки е рефлексијата на одлуките на одделни претставници на техничката влада на внатрешен план.
Кое е влијанието на техничката влада врз внатрешнополитичките односи?
Според досегашните искуства, се покажа дека техничката влада наместо да се грижи само за организирање фер и демократски избори, всушност уште подлабоко ги поткопува внатрешнополитичките односи, бидејќи партиципиентите во таа влада се обидуваат што подобро да ја претстават својата партија во пресрет на изборите, за сметка на политичкиот опонент во владата, внесен по „пржински рецепт“, но секако на штета на граѓаните и нивните интереси.
Конкретно, премиерот на техничката влада започна со промоција на проекти што не се во негова надлежност и кои не се поврзани со изборите, туку со собирање поени пред гласачкото тело. Тој е ставен во функција исклучиво на партијата што ја претставува, па затоа одеше во посети исклучиво на општини со албанско мнозинско население. (За потсетување, тој прекрши повеќе закони така што не му дозволи на министерот за внатрешни работи да ги назначи сите кадровски решенија, туку премиерот во Тетово самиот назначи командир, односно директно се вмешува во прашањата од областа на јавната безбедност.)
И во МВР уште на самиот старт се случи курцшлус на релацијата министер (кој е од редовите на опозицијата) и заменик-министер (кој е од редовите на позицијата). Обајцата се обидуваа да наметнат наратив дека едниот ги средува состојбите што претходната власт ги оставила во хаос, а другиот, пак, дека министерот намерно креира лажна слика.
Исто беше и во Министерството за труд и социјала. Министерот во техничката влада Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ) обвини за повеќе од 2.000 незаконски исплати на гарантирана помош и социјална пензија преку Министерството и побара одговорност. Според него, со овие исплати државниот буџет е оштетен за повеќе од 18 милиони денари месечно. Пред него на функцијата беше Јованка Тренчевска (СДСМ), која сега е дополнителна заменик-министерка.
Таа ги демантира наводите за незаконски исплати. Ништо подобро не беше ниту во Министерството за земјоделство. Дополнителниот заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски (ВМРО-ДПМНЕ) го обвини министерoт Љупчо Николовски (СДСМ) дека доделил 2,5 милиона евра надвор од процедура. Николовски ги отфрли обвинувањата. Тој рече дека исплатата на средствата од Министерството се врши според процедури и дека нема селективност во распределбата на парите.
За целото ова (изгубено) време на какофонија меѓу носителите на јавните функции од спротивните политичко-партиски табори во централната извршна власт, државната администрација е таа што е обезглавена и нефункционална, а граѓаните се оставени да нема кој да ги сервисира нивните потреби поврзани со администрирањето и институциите. На тој начин се креира еден општествен неред во кој криминалот и корупцијата го зафаќаат просторот на секојдневното „нормално“ функционирање на државата.
И наместо т.н. техничка влада да создава услови за организирање фер и демократски избори, всушност креира конфликтни ситуации со кои само уште повеќе придонесува државата да тоне во спиралата на креираниот хаос. Тоа предизвикува тешка конфузија кај граѓаните. Таа наместо да работи на креирање мирна атмосфера пред избори, всушност дополнително ја поларизира состојбата во пресрет на изборниот ден. Со тоа уште еднаш се потврди дека кога нешто е накриво насадено, едноставно не може да функционира и местото на техничката влада е исклучиво во историјата.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правно-политички истражувања смета дека постоењето на техничката влада е во контрадикторност со тврдењата дека Македонија напредувала институционално во процесите за владеење на правото.
– Концептот на техничка преодна влада стана бесмислен уште по оние избори за кои беше утврдено дека е потребна посебна заштита на изборниот процес, поради недоверба во владеење на правото и недоверба во институциите. Тоа беше пред два изборни циклуса. Во меѓувреме, се тврди од актуелната власт дека се надминати тие состојби и имаме напредок на патот кон ЕУ токму поради подобрувањата во однос на владеењето на правото. Продолжувањето со концептот на техничката влада е во контрадикторност со таквите тврдења. Освен тоа, што било да прави техничката влада, тоа треба да биде исклучиво во насока на организирање и законитост во спроведувањето на изборите и оптимална функционалност на државата. Тоа се законски дефинирани надлежности на техничката влада. Секоја одлука на Владата или на некој нејзин член надвор од таквата законска дефиниција е спротивно на законот. Но ДУИ, чии претставници се актуелни носители на главните позиции во техничката влада, очигледно не може да им понуди ништо како исполнето ветување на своите гласачи (подобар стандард, живот…), па го дефокусира вниманието на својот „успех“ за прв Албанец премиер на македонска влада – вели професорката Мирјана Најчевска.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека техничката влада пред избори веќе нема поента.
– Тоа е повеќе од очигледно. Сега ДУИ ја користи таа ситуација за собирање политички поени за претстојните избори. Во моментов немаме влада на Македонија. А ДУИ го користи својот дел од Владата во контекст на предизборна кампања – вели Владимир Божиновски.
Партија на Македонците во Србија: Чија агенда застапува министерот за надворешни работи на Македонија?
Коспонзорството на Македонија на резолуцијата на ОН за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на комеморација и сеќавање на геноцидот во Сребреница, предложено од македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, предизвика остри реакции од српските политичари, но и незадоволство од Македонците во Србија, односно Партијата на Македонците во Србија. Горан Илијевски, претседател на оваа партија, прашува чија агенда застапува министерот за надворешни работи на Македонија.
– Иницијативата за коспонзорство на Македонија за резолуцијата на ОН за Сребреница, со која Србија и Србите практично би биле карактеризирани како геноциден народ, има потенцијал сериозно да ги поткопа добрососедските односи на Македонија и Србија. Министерот за надворешни работи и в.д. премиер на Србија, Ивица Дачиќ, реагираше револтирано на ваквиот потег на неговиот колега од Македонија, Бујар Османи, што секако навестува тензија во соседските односи. Но, ние како Македонци што живееме во Србија и сме признаени како конститутивен народ во државата, односно Партијата на Македонците во Србија, прашуваме чија агенда со ваквата одлука застапува министерот Османи. Тоа е мошне самоволна одлука, донесена без консултација со другите политички чинители во Македонија… и не согледуваме во неа државен став на Македонија, туку една партиско-етничка агенда, која ја спроведува министерот Османи. Ваквото однесување на министрите на ДУИ во македонската влада го поставува прашањето кој ја води државата и зошто надворешната политика и соседските односи одат во насока на интересите на едни соседи, на штета на односите со друг сосед на Македонија. Во крајна линија, сметаме дека недипломатскиот потег на Османи, кој ги загрозува добрососедските односи со Србија, не ги одразува заемните пријателски чувства на македонскиот и српскиот народ. Поради тоа ги повикуваме надлежните институции во нашата матична држава Македонија, сите македонски државотворни, парламентарни и непарламентарни партии, да се оградат од ваквите штетни шовинистичко-националистички ставови и изјави, кои не смеат да поминат како официјални државни одлуки – вели Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија.