Според анализата „Жените и мажите во С. Македонија: Статистички портрет на трендовите во областа на родовата еднаквост“, издадена во ноември, 2022 година, жените во Македонија (на возраст од 15 години и повеќе) се значително помалку активни на пазарот на трудот од мажите од истата возрасна група. Статистичките податоци според кои е правена анализата се од 2020 година. Првата верзија од анализата е изработена од „Фајнанс тинк – институт за економски истражувања и политики“, во издание на канцеларија на „УН вимен“ во Македонија
Во 2020 година стапката на учество на жените на пазарот на трудот изнесуваше 45,7 отсто. Тоа значи дека 54,3 отсто од жените би се сметале за економски неактивни. За споредба, во истата година стапката на учество на мажите на пазарот на трудот изнесуваше 67,1 отсто, што остава само 32,9 отсто од мажите што би се сметале за неактивни. Разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на трудот доведуваат до родов јаз. Тој родов јаз во Македонија, во однос на стапката на вработеност кај лицата на возраст од 20 до 64 години изнесува 17,5 отсто.
Постоење на родовиот јаз
Иако постоењето на родовиот јаз е очекувано, бидејќи тој го одразува фактот дека жените многу почесто поминуваат време надвор од пазарот на трудот за да ги одгледуваат децата и поради други семејни обврски, јазот во Македонија е поголем од јазот во ЕУ. За споредба, во ЕУ родовиот јаз во 2020 година изнесуваше 11,69 отсто. Сепак, може да се забележи тренд на прогресивно намалување на учеството на економски неактивни жени од 2000 година наваму. Повеќе жени се вработиле отколку што останале без работа.
Доколку се разгледа родовиот јаз во учеството на пазарот на трудот, може да се забележи дека тој е стабилен кај младите (на возраст од 15 до 24 години) и кај лицата над 45 години, а се намалува кај возрасната група од 25 до 44 години. Ова укажува дека жените од овие возрасни групи станале поактивни на пазарот на трудот во последните години.
Податоците за причините поради кои жените и мажите не учествуваат во работната сила го откриваат влијанието на родовите стереотипи. Како што е споменато претходно, мажите и жените еднакво можат да бидат економски неактивни бидејќи посетуваат образование, па затоа родовиот јаз е мал кај возрасната група од 15 до 24 години. Слично на тоа, жените и мажите се застапени еднакво кај лицата што се неактивни поради тоа што се во пензија. Најзначајната разлика, сепак, се однесува на лицата што се надвор од пазарот на трудот поради домашни обврски. Оваа категорија целосно ја сочинуваат жени, што е показател за тоа дека за некои жени е тешко да ја усогласат работата со семејниот живот.
Доколку се спореди нивото на образование на вработените лица во Македонија, податоците укажуваат на слични обрасци кај жените и кај мажите. На пример, околу половина од вработените и мажи и жени имаат четиригодишно средно образование. Најзначајната разлика е во учеството на вработените лица со високо образование – кај жените една четвртина имаат високо образование, а истото важи и за 16 отсто од вработените мажи. Жените се застапени во поголем процент кај студентите што се запишуваат и завршуваат високо образование, што укажува на тоа дека на жените можеби им е потешко да најдат работа со пониски квалификации, во споредба со мажите. Најголемиот дел од вработените лица работат со полно работно време, но жените почесто од мажите работат со скратено работно време кога почнуваат да работат (до 24 години) и повторно, кога имаат значително работно искуство (по 54-годишна возраст). Жените прифаќаат работа со скратено работно време бидејќи е полесно да се усогласат со другите активности поврзани со домашните обврски и грижата за членовите на семејството. Меѓутоа, со текот на времето, сè помалку жени се одлучуваат за работа со скратено работно време или, пак, имаат можност да изберат таква работа. Мажите почесто се работодавачи или работници за сопствена сметка, додека жените обично работат како вработени лица. Работниците за сопствена сметка се самовработени, обично во мали претпријатија.
Жените многу почесто се неплатени семејни работници
Жените многу почесто се неплатени семејни работници, а овој тренд се зголемува со текот на времето. Неплатените семејни работници генерално работат во земјоделството, на земјоделски стопанства. Застапеноста на мажите меѓу работодавачите и самовработените лица укажува на фактот дека жените наидуваат на бариери за основање и водење сопствен бизнис во Македонија. Во приватниот сектор жените поретко се работодавачи во споредба со мажите, без разлика на големината на претпријатието. Меѓутоа, во текот на последната деценија се забележува подобрување на позицијата на жените како работодавачи во претпријатија што вработуваат од 11 до 19 лица.
Неформалната вработеност (како процент од вкупната вработеност) е во опаѓање и кај жените и кај мажите. Сепак, мажите се постојано поактивни во неформалната економија, со пет проценти разлика помеѓу стапката на неформална вработеност на мажите и жените.
Достапните информации за нето-платите покажуваат дека жените заработуваат помалку од мажите во сите категории плати. Меѓутоа, со текот на времето, забележан е постепен раст на платите на жените. Овој тренд е поттикнат од зголемувањето на минималната плата (воведено во 2012 година за одредени сектори, какви што се текстилната и кожарската индустрија, како нископлатени сектори во кои несразмерно поголем број од вработените се жени).
Има зголемување и на релативниот број жени што земаат плата во опсегот на средни плати (повеќе од 16.000 денари месечно), што укажува на тоа дека севкупните подобрувања на условите на пазарот на трудот, освен зголемувањето на минималната плата, доведоа до зголемување на платите на жените.
Исклучок е категоријата со највисоки плати (повеќе од 40.000 денари месечно), во која жените не оствариле значителен напредок!
Стаклен плафон за жените
Сето ова погоре кажано укажува дека за жените постои „стаклен плафон“ не само во поглед на занимањата туку и во поглед на работните места со највисоки нивоа на плати. Со текот на времето може да се забележат и промени во структурата на платите на вработените жени. Во текот на деценијата од 2009 до 2019 година, драстично се намалил бројот на жени што примаат плата до 12.000 денари, а се зголемил бројот на жени што примаат плата меѓу 12.000 и 16.000 денари, како и на жените што примаат плата од 20.000 до 25.000 денари
Стапките на невработеност се слични и кај мажите и кај жените и опаѓаат со слично темпо со текот на времето. Сепак, има повеќе невработени жени отколку мажи без образование, со незавршено образование, а исто така и со високо образование. Кога ќе останат без работа, повеќето луѓе во Македонија остануваат без работа значително долго време. Додека процентот на лицата што бараат работа четири или повеќе години се преполови во текот на една деценија, сепак бројот на мажите што се соочуваат со долготрајна невработеност е двојно поголем од бројот на жените. Меѓутоа, стапките на долгорочна невработеност се слични кај жените и кај мажите.
Жените доминираат во финансискиот, образовниот и во здравствениот сектор, додека големо мнозинство од вработените во рударството, градежништвото и во транспортот се мажи. Мажите се позастапени и во земјоделството (како платено вработување), трговијата, снабдувањето со електрична енергија и вода и во угостителството. Работата во јавниот сектор, приватните услуги и во производството е родово урамнотежена во поглед на учеството на вработените. Друга форма на професионална сегрегација се јавува во фактот дека мажите преовладуваат на работните места со повисок статус, а жените се поретко на раководни места.