Фото: Принтскрин

Енергетска алармантност во Европа

  • Складирањето природен гас во Европската Унија падна на најниско сезонско ниво од енергетската криза во 2022 година, објави британскиот „Фајненшл тајмс“. Податоците дополнително ги зголемија стравувањата околу безбедноста на снабдувањето и стабилноста на цените во пресрет на остатокот од грејната сезона

Европскиот енергетски пазар повторно се соочува со притисоци откако ЕУ драстично го намали увозот на руска нафта и гас по ескалацијата на конфликтот во Украина пред четири години. Отстранувањето на рускиот гас од гасоводите го принуди блокот сè повеќе да се потпира на алтернативни извори, пред сè на течен природен гас (ЛНГ) од САД.
Како резултат на растечката загриженост околу снабдувањето, европските цени на гасот го забележаа најголемиот месечен раст во повеќе од две години. Холандскиот референтен индекс ТТФ – клучниот показател за цените на гасот во Европа – минатата недела се искачи на 42,6 евра (околу 46 долари) по мегават-час, што е највисоко ниво во последните десет месеци.

И американскиот ЛНГ дефицитарен?

Дополнителен фактор за растот на цените беа силните зимски бури во САД, кои го оптоварија домашниот пазар на гас. Тоа индиректно се одрази и врз Европа, која во последните години сè повеќе се потпира на американски ЛНГ за да го надомести наглиот пад на испораките преку руските гасоводи.
Во меѓувреме, нов закон донесен минатата недела предвидува земјите членки на ЕУ целосно да ги прекинат сите испораки на руска енергија најдоцна до крајот на 2027 година.

„Газпром“ со загрижувачки анализи: Состојбата е уште полоша!

Руската енергетска компанија „Газпром“, повикувајќи се на податоци од ГИЕ (Gas Infrastructure Europe – GIE), предупреди дека состојбата со европските складишта е полоша отколку лани. Според тие податоци, на 29 јануари во ЕУ недостасувале приближно 130 полни товарни пратки гас во споредба со истиот период минатата година, при вкупен капацитет на складирање од 490 терават-часа.
Во моментов резервите на гас во ЕУ изнесуваат околу 43 отсто од вкупниот капацитет – најниско сезонско ниво од 2022 година. „Газпром“ наведува дека Европа веќе повлекла повеќе од 81 отсто од гасот складиран во подземните складишта, во подготовка за остатокот од грејната сезона.
Особено е загрижувачка состојбата во Холандија, каде што нивото на складирање паднало на само 27,8 отсто – најниско забележано за овој период.
– Резервите од гас во Франција и Германија исто така се на најниските нивоа за 28 јануари – соопшти компанијата.

Геополитика и енергетска зависност

Пред конфликтот во Украина, Европската Унија увезуваше околу 45 отсто од гасот од Русија, што ја правеше Москва најголем странски снабдувач на блокот од крајот на Студената војна. Западните санкции, заедно со саботажата на клучната енергетска инфраструктура, драстично ги намалија испораките преку гасоводите, иако увозот на руски ЛНГ од страна на земјите на ЕУ и понатаму останува значаен.
За да го пополни вакуумот, Брисел сè повеќе се ориентира кон поскапиот американски ЛНГ. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја користеше енергијата како инструмент во трговските преговори, а ЕУ минатиот јули се согласи да купи американска енергија во вредност од 750 милијарди долари до 2028 година, со цел да избегне повисоки царини – потег што критичарите го оценија како форма на економско-енергетско харакири. Можеби под принуда, но сепак – самоубиство. Токму тоа прави најгласен аларм во Европа, чија тревога веќе ја слушаат и обичните Европејци, чувствувајќи го губитничкиот концепт на либералните елити од Брисел, кои ја водат Европа на работ на бездната. Е.Р.