Најголеми жртви од целата оваа политичка рашомонијада се граѓаните, кои и натаму не можат да добијат квалитетна здравствена нега, бидејќи ниту еден министер не може да остане доволно долго да направи некакви реформи во здравството, не остана подолго на функција ниту некој министер за правда за да спроведе некакви реформи во правосудството. Единственото нешто што ќе го добијат граѓаните од овие мини-реконструкции се илјадници нови административци што ќе ги вработат партиите, а ќе ги плаќа народот
Дали личниот и партискиот интерес повторно доаѓаат во преден план пред
националниот интерес
Последните денови македонската јавност е целосно преокупирана со најновата владина реконструкција, но уште повеќе со партиската еквилибристика што се правеше изминатиот период со лицитирање за министерски, заменички и директорски места за влез на една албанска партија во Владата, на местото на друга, која излегува од извршната власт.
Каква бенефиција имаат граѓаните од владината реконструкција?
Ако нешто е кристално јасно во целата оваа „реконструктивна сценско-дијалошка игра“, тоа е дека македонските граѓани нема да имаат никаква бенефиција од сиот овој меѓупартиски пазар, бидејќи повторно се поаѓа од теснопартиските, а не граѓанските интереси.
Имено, владината реконструкција се случува на само една година пред регуларните избори, така што новите министри нема да имаат никаква шанса за толку кратко време да реализираат какви било реформски процеси освен да распишуваат тендери и да склучуваат други зделки, што отвора сомнеж дека приклучувањето на владејачкото мнозинство е исклучиво од лукративни причини.
Впрочем, дека тоа е така се потврди во изминатите 30 години, кога во редица владини реконструкции продефилираа десетици министри и потоа си заминаа без да преземат каква било одговорност за состојбите во ресорот со кој управувале.
Она што е вообичаена практика кога се прави некаква владина реконструкција во старите европски демократии, тоа е секогаш да се остави доволно простор да се спроведат одредени политики поради кои тој министер бил назначен на позицијата, а не само да биде фигура заради одредени партиски калкулации, стапувајќи на должност без никаква програма и план.
Најголеми жртви од целата оваа политичка рашомонијада се граѓаните, кои и натаму не можат да добијат квалитетна здравствена нега, бидејќи ниту еден министер не може да остане доволно долго да направи некакви реформи во здравството, не остана подолго на функција ниту некој министер за правда за да спроведе некакви реформи на правосудството. Единственото нешто што ќе го добијат граѓаните од овие мини-реконструкции се илјадници нови административци што ќе ги вработат партиите, а ќе ги плаќа народот.
Клучната дилема што се наметнува во македонската јавност е кога граѓанските интереси ќе станат приоритет во оваа држава и кога реконструкциите ќе значат вистински квалитет и свежина, а не теснопартиски комбинаторики.
Доследно спроведување на законите и доверба со одговорност
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски се согласува дека за овие владини реконструкции има доволно индикатори што првенствено го идентификуваат интересот на партиите и на поединци во тие партии, а не го препознаваат интересот на граѓаните. Тој исто така нагласува дека кога ќе се даде доверба за извршување јавна функција, апсолутно треба да постојат одговорност и отчетност за извршувањето на таа функција.
– Оддалеку се препознава дека овие реконструкции се заради лично партиски интереси. Граѓаните и нивните интереси тука никаде ги нема. Ние не знаеме што направил некој што бил министер и што завршил кога си заминал. Нема систем на отчетност, да видиме што испорачал од она што го ветил. Кај нас не функционира тоа. А за моралната и политичката одговорност , па и воопшто не станува збор. Ќе си дојде некој на министерска функција, ќе седи извесен период и ќе си замине без да каже што направил, каква одговорност презел и што од тоа испорачал додека ја извршувал функцијата. Во суштина ја посакуваат позицијата само за да вртат тендери, пари и слично. Сметам дека станува збор само за личен интерес и затоа во ваквите реконструкции и промени не гледам ништо друго – вели Пекевски.
Според него, реконструкција на влада се прави за да се подобруваат состојбите во државата, а не само да се пополнуваат местата со партиски подобници, кои нема да ги нарушат тесноградиот континуитет и бенефиција на партиските политики, завиткани во обланда на „владини политики за граѓански и европски бенефиции“.
– За каков квалитет во реконструкцијата зборуваме кога заменик-министер за внатрешни работи го ставаат да биде заменик-министер за образование. Во која држава се случува тоа? Мора да бидеш експерт во одредена област за да испорачаш резултати таму, а не само да се вели дека си министер – појаснува Пекевски.
Според анализите на Пекевски, кај него нема дилема дека ова што сега се прави со влезот на Алијанса за Албанците ќе излезе дека е само од полза на ДУИ?!
– Најголем добитник во целата ситуација е ДУИ. Го минимизира Таравари, нема никаква опозиција, а му помага и на СДСМ да остане на власт – заклучува Пекевски.
А генералните политики за „реорганизација на државата“, како што изјави Таравари, и менување на карактерот на државата – остануваат внатре, во пазувите на реконструираната влада. Кој ќе внимава на ваквите „тенденции со умисла“ и чија одговорност ќе биде ако не се спречи тие да бидат реализирани, токму некаде на патот на Македонија кон ЕУ?