ПРЕТСТАВЕН ГОДИШНИОТ ПЛАН ЗА ИЗГРАДБА НА ЕНЕРГЕТСКИ ОБЈЕКТИ ЗА 2026 ГОДИНА
- Планот за развој на енергетиката треба да води кон повисоки стандарди, построга контрола и јасни правила, со јасен баланс меѓу енергетската сигурност, заштитата на животната средина и јавниот интерес
Министерката за енергетика Сања Божиновска го претстави Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, нагласувајќи дека фокусот на Владата е ставен на зајакнување на енергетската сигурност и забрзување на транзицијата кон одржливи извори на енергија.
Според неа, планираните инвестиции имаат цел да обезбедат постабилен и поотпорен енергетски систем, со намалена зависност од увоз и поголема искористеност на домашните капацитети.
Во рамките на Годишниот план за 2026 година, како што информираше министерката на прес-конференција, до Министерството биле доставени вкупно 284 иницијативи од заинтересирани инвеститори, по јавен повик објавен во септември 2025 година, со рок за поднесување до 1.10.2025, во согласност со Законот за енергетика.
– По спроведена постапка на проверка и евалуација, изработена е ранг-листа по принципот „прв дојден – прв услужен“, при што се прифатени 67 иницијативи за изградба на нови енергетски објекти за производство на електрична енергија со инсталирана моќност поголема или еднаква на еден мегават – истакна министерката Божиновска.
Таа понатаму објасни дека прифатените проекти опфаќаат 59 фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 3.014,103 мегавати и проценета инвестиција од 2.109.872.100 евра, седум ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 907,7 мегавати и инвестиција од 1.180.010.000 евра, една когенеративна гасна електроцентрала со инсталирана моќност од 495 мегавати и инвестиција од 445.500.000 евра.
– Вкупната инсталирана моќност на објектите опфатени со планот изнесува 4.416,803 мегавати, а вкупната проценета вредност на инвестициите е 3.735.382.100 евра – посочи министерката.
Според неа, значаен сегмент од планот се системите за складирање електрична енергија, кои се клучни за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем.
– Во планот се опфатени 77 интегрирани складишта во рамките на постојни или нови електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност од 1.389,68 MW и капацитет за складирање од 3.465,96 мегават-часа, 19 изолирани складишта со инсталирана моќност од 637,518 мегавати и капацитет од 1.494,746 мегават-часа. Вкупно, планот опфаќа 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027,198 мегавати, капацитет од 4.960,706 мегават-часа и проценета инвестиција од 1.984.282.400 евра – потенцираше Божиновска.
Дополнително, во Годишниот план се вклучени и 56 енергетски објекти од општинските енергетски планови доставени од седум единици на локалната самоуправа – Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани. Станува збор за фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 51,8795 мегавати, како и 61 складиште на електрична енергија со вкупна моќност од 27,6792 мегавати и капацитет од 117,56 мегават-часа, што ја нагласува улогата на локалните самоуправи во енергетската транзиција.
Во планот се вклучени и прелиминарни мрежни и пазарни анализи од нацрт–интегралната студија, која во согласност со Законот ја изработуваат ОПС МЕПСО АД и ОДС Електродистрибуција ДООЕЛ, во соработка со Министерството. Анализите обезбедуваат стабилност на системот, Н–1 сигурност, како и пресметки за инвестициските трошоци и роковите за приклучување на новите енергетски објекти, вклучувајќи ги и потребите од дополнителни мрежни инвестиции.
– Нашата цел е јасен баланс – економски развој, заштита на животната средина и силен јавен интерес. Ова се документи што внесуваат ред, сигурност и долгорочна визија во енергетиката – нагласи Божиновска.
Таа уште додаде дека овој план ќе обезбеди повисоки стандарди, построга контрола и јасни правила, со јасен баланс меѓу енергетската сигурност, заштитата на животната средина и јавниот интерес.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката се осврна и на проектот „Чебрен“ како круцијален за земјава. На новинарски забелешки зошто сега повторно се оди со странски инвеститор, наместо овој капитален објект да се гради со домашни средства и да биде во македонска сопственост, министерката беше децидна дека тоа треба да биде домашен проект.
– Мој личен став е дека овој објект Македонија треба сама да го гради, најубаво е да биде наша инвестиција, но мораме да се соочиме со фактот и дека и другите министерства имаат свои капитални проекти и дека средствата од буџетот се потребни за сите проекти. „Чебрен“ е проект од над една милијарда евра, така што разгледуваме што е најдобро финансиски за нас. Изградбата на ваков проект се одвива меѓу седум и десет години, а заинтересираност искажаа една јапонска и една француска компанија – нагласи министерката Божиновска. С.Т.
































