Според истрагата, добро организираната криминална организација извршила најмалку 36 илегални „увози“ во Европа, со вкупно еден тон кокаин и еден тон хашиш. Илегалната продажба на црниот наркопазар од овие супстанции би генерирала повеќе од една милијарда евра. За издвојување е дека надлежните истражни органи во текот на реализацијата на оперативната акција заплениле и над еден милион евра во готовина

ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ ПРОТИВ НАРКОМАФИЈАТА

Успешно е разбиена уште една широка албанска криминална мрежа, односно откриена е и оневозможена да работи уште една сериозно организирана криминална организација. Европол и Евроџаст во тесна соработка ги поддржаа властите на Германија, Италија и Холандија во акцијата насочена кон разбивање криминална наркомрежа составена главно од албански државјани. Во акцијата беа уапсени 35 осомничени и беа претресени 51 место во гореспоменатите три држави. Акцијата ја спроведуваа повеќе од 600 полициски службеници.

Главноосомничените поседувале луксузни ресторани, барови и
агенции за недвижности, кои биле користени за перење пари од
трговијата со дрога

Според информациите што ги објави Европол, криминалната мрежа наводно е одговорна за голем шверц на кокаин и канабис од Јужна Америка во Европа и негова понатамошна дистрибуција низ Европската Унија. Тие им биле познати на полициските власти и по употребата на насилство, вклучувајќи и тортура и киднапирање, чија цел била изнуда.
Сторителите користеле значителни финансиски средства добиени од претходни активности за трговија со дрога. Тие мале повеќе логистички бази во кои се чувале наркотичните материи и средствата од кривичното дело. Во тие бази биле остварувани и средби за договори за илегалните активности. Поседувале и голем број возила опремени со софистицирани скриени прегради, мобилни телефони опремени со шифрирани апликации за пораки и други комунални услуги.
Според истрагата, криминалната мрежа извршила најмалку 36 увози, од вкупно еден тон кокаин и еден тон хашиш, во периодот од март 2020 до јуни 2021 година. Овие супстанции би генерирале повеќе од една милијарда евра на црниот пазар. Во текот на истрагата се запленети и над еден милион евра во готовина.
Приходите од кривичното дело биле поделени меѓу членовите на мрежата според нивните соодветни улоги. Во Германија некои осомничени поседувале луксузен ресторан, бар и агенција за недвижности, кои наводно биле користени за перење пари од активности на трговија со дрога.
Случајот беше отворен во Евроџаст во септември 2021 година, по барање на германските власти. Евроџаст им помогна на властите во формирањето и финансирањето заеднички истражен тим (ЗИТ) за случајот. Овој тим беше основан во јули минатата година помеѓу германските и италијанските власти.
Центарот за организиран криминал на Европол го поддржува случајот од крајот на 2020 година и оттогаш разменил повеќе од 250 безбедни пораки со инволвираните власти. Широката аналитичка поддршка овозможи идентификација на клучните цели и мапирање на нивните криминални активности низ целиот свет. Голем број оперативни состаноци беа организирани од страна на Европол во неговото седиште во Хаг или во странство.

АЛБАНСКАТА МАФИЈА АГРЕСИВНО ГО ОСВОЈУВА СВЕТОТ

Според шпанскиот инспектор Тони Салјерас, албанската криминална организација се шири насекаде во светот, а особено во Европа. Нејзиното присуство се чувствува во Шпанија, но и во другите земји. На пример, веќе го водат пазарот на кокаин во Велика Британија, која е и европска земја чии жители најмногу ја консумираат таа дрога. Таму, покрај дрогата, купиле и голем број ресторани во Лондон, за да ги исперат парите заработени од трговијата со дрога.
Од друга страна, албанските кланови, како што веќе и пишувавме во нашиот весник, пред неколку години пристигнаа и во Еквадор, поточно во градот Гвајакил, чие пристаниште е клучен дел од логистиката на меѓународната трговија со дрога во последните неколку години. Интересно е тоа што тие се населиле во Јужна Америка благодарение на калабриската мафија, која е позиционирана како најмоќна и најопасна во светот. Токму калабриските кланови им ја дадоа довербата на албанските наркоемисари да отворат нови маршрути од Гвајакил.
Во борбата со нив досега, шпанските власти реализираа голем број акции против наркоклановите и ги апсат нивните припадници.

ШПАНИЈА НА ШТРЕК

Шпанските власти веќе се на штрек поради дејствувањето на албанската мафија, кое во минатото и не се чувствуваше толку интензивно како денес. Во оваа земја, албанската мафија пристигнала уште во деведесеттите години на минатиот век и уште тогаш ја добила својата „подземна популарност“ поради трговија со луѓе и хероин.
Првото предупредување дека албанската мафија се обидува „да ја заземе Шпанија“ доаѓа уште во 2017 година, кога во земјата почнале да пристигнуваат транснационални криминални групи во Каталонија, кои работеле со трговија на марихуана. Албанците ги насочиле своите ресурси кон оваа дрога, правејќи си плантажи насекаде во Шпанија, но особено на источното крајбрежје на Каталонија.
Според шпанските инспектори, криминалните организации го купуваат производството од локалните производители, со што се воспоставува синергија помеѓу странските и националните наркогрупи.
– Првите им плаќаат добри пари на вторите за да одгледуваат марихуана на плантажите што веќе ги поставиле насекаде низ Каталонија – истакна инспекторот Тони Салјерас.
Иако на почетокот дејствувале на сигурно и не се експонирале, па затоа и било тешко да се фатат, со текот на годините оваа опасна криминална организација, чии припадници главно се од Албанија и Косово, стана софистицирана и се прошири на целата територија на Шпанија.
Според познавачите на состојбите со наркомафијата, албанската мафија не само што го презела лидерството во трговијата со наркотици туку оттука и почнала да се шири „на свој терен“ кон Велика Британија, чиј наркопазар веќе го има целосно под контрола.
– Албанските кланови што се присутни во Шпанија досега се однесуваа подискретно во однос на другите меѓународни мафијашки организации. Оние што работат и се целосно посветени на трговијата со дрога, секогаш гледаат да се настрана и се повлечени. Тие се обидуваат да не го привлекуваат вниманието кон нив. Иако станува збор за насилна организација, не ги покажуваат своите ресурси во јавност. На тој начин можат да обезбедат сигурност и да останат незабележани за да продолжат да произведуваат марихуана во големи количества, а потоа да ја извезуваат низ цела Европа – пишуваат шпанските медиуми.
Познавачите што ја истражуваат албанската мафија велат дека албанските кланови ја стекнале довербата на сите меѓународни криминални организации, пред сѐ, поради стравот што го предизвикуваат.


Предупредувањето доаѓа уште во 2018 година

Италијанскиот обвинител Никола Гратери, кој од 2016 година е одговорен за одделот за борба против мафијата во регионот на Калабрија, за тиранската телевизија Ора њуз изјави дека „албанската мафија е во редот на најмоќните“ во светот.
– Албанската мафија е постојано растечка во Европа и ќе биде мафија на иднината. Албанската мафија сѐ повеќе и повеќе се шири во Јужна Америка. Во соработка со калабриската мафија Ндрагета, таа е способна да увезува големи количества кокаин во Европа. Албанската мафија е исто така доста присутна во трговијата со марихуана и тони прошверцувана марихуана од Албанија ја преплавуваат Европа. Ние сме многу загрижени – изјави Гратери за тиранските медиуми во 2018 година.