За да не биде „притиснат во ќош“ од евролидерот Макрон, претседателот на Бугарија, Радев, нема лично да се појави на средбата со Макрон лице в лице. Бугарскиот премиер Петков, пак, има насоки од коалициските партнери да ги одбегне преговорите, па дури и разговорите за Македонија. Бугарскиот премиер Петков ќе остави само еден писмен документ на работната маса на Макрон, подготвен од бугарското МНР, како ултимативна консензуална позиција од името на највисоките бугарски институции. Тоа ќе биде познатиот ригиден и нефлексибилен став на официјална Софија… Реакцијата на Макрон на оваа игра ќе биде клучна за Македонија. Според меѓународноправни експерти, Бугарија веќе е притисната до ѕид…
Софија не прифаќа дискусија со Макрон: Ќе биде оставен само писмен документ подготвен од бугарското МНР
Францускиот претседател Емануел Макрон започна интензивна дипломатска активност на убедување на Бугарија за да го отстрани ветото за Македонија, во интерес на европските интереси. Доколку биде прифатена француската иницијатива, Македонија може формално да ги започне преговорите за членство во Европската Унија на 23 и 24 јуни, кога за последен пат се состанува Европскиот совет под претседателство на Франција. Меѓутоа, очигледно, бугарскиот државен врв не мисли така. И за да не биде „притиснат во ќош“ од евролидерот Макрон, претседателот на Бугарија, Радев, нема лично да се појави на средбата со Макрон лице в лице, а премиерот има инструкција од коалициските партнери да ги одбегне преговорите, па и разговорите за Македонија. Бугарскиот премиер ќе остави само еден писмен документ на работната маса на Макрон, подготвен од бугарското МНР, како ултимативна консензуална позиција од името на највисоките бугарски институции. Тоа ќе биде познатиот ригиден и нефлексибилен став на официјална Софија. Петков ќе одбие материјална расправа и дискусија за компромис, истовремено знаејќи дека тоа е толку далеку од европските вредности и принципи…
Референдум во Бугарија за ветото за Македонија?!
Деновиве беше најавено дека францускиот претседател ќе ги повика во Париз бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Кирил Петков. Иако се најавуваше дека оваа средба може да значи чекор напред во излегување од ќор-сокакот, односно од блокадата на нашиот почеток на разговорите за влез во ЕУ, се чини дека нема ништо од тоа. Сѐ поочигледно е дека Бугарија нема да ги промени своите позиции кон Македонија.
Имено, Софија се подготвува да приложи писмен документ во Париз дека Бугарија останува цврста на позициите во однос на Македонија. Дури, според наши сознанија од Софија, ниту премиерот Петков нема да оствари некоја средба или суштински разговор со Макрон, туку едноставно само ќе го приложи документот во Париз и без дискусија ќе се врати за Софија.
Не смее да се заборави ниту позицијата на бугарскиот претседател Румен Радев, кој, небаре, кукавички бега од директна средба за да не сноси никаква одговорност ако биде притиснат и попушти. Тој по линија на помал отпор најде причина да го избегне соочувањето со Макрон. Згора на тоа, Радев навести и можен референдум околу ова прашање, за да најде поддршка, поточно спас кај граѓаните за тие преку најдемократскиот инструмент на изјаснување да му дадат „легитимитет“ на ставот на официјална Софија, кој е на спротивната страна од меѓународното право. Имено, Радев потврди дека, според него, нема услови за негова посета на Франција, со што избегнува директна средба со францускиот претседател Макрон, каде што требаше да зборуваат за укинување на ветото за преговорите на Македонија со ЕУ. Избегнувајќи ја средбата со францускиот колега, каде што ќе беше соочен со изнаоѓање компромисно решение за Македонија, Радев се реши за друг потег. Имено, тој се повика на народот, како последна инстанца и порача дека секогаш постојат уставни механизми за консултирање со него, па така најави дека би можеле да организираат референдум за прашањето за ветото.
Доколку се случи промена на бугарската позиција кон Македонија врз основа на португалскиот предлог, македонската страна мора да внимава за да не ги наруши националните и државните интереси. Португалскиот предлог предвидува да остане македонскиот јазик каков што е, односно македонски јазик, како и унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Во тој случај, Бугарија треба да изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и дека јазикот во сите идни документи треба да биде третиран во согласност со Уставот на земјата, а од друга страна Македонија да изјави дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година.
Нема простор за „толкување на македонскиот јазик“!
Според познавачите на околностите со кои се консултиравме, доколку македонската страна се согласи дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година, со тоа остава простор за различни толкувања, во смисла дека македонскиот јазик има бугарски корени, со што не се решава прашањето за јазикот.
За да се случи ова постојат две можни сценарија, Македонија да прифати бугарските барања да се преточат во преговарачката рамка со ЕУ, со што се загрозуваат македонските национални интереси, или Софија да ги напушти досегашните контроверзни позиции и да ги замени со нови, врз основа на португалскиот предлог, за што постојат многу мали шанси. Од друга страна, француската иницијатива е проблематична, особено ако се земе предвид дека не е јасно дали Македонија ќе започне преговори за полноправно членство во Европската Унија или ќе се најде во редовите на т.н. европска геополитичка заедница заедно со Украина, Грузија и Молдавија.
Според првото сценарио, Македонија може да прифати бугарските барања да се преточат во преговарачката рамка со ЕУ, односно преговорите да се водат врз принципите на Договорот за пријателство и добрососедство од август 2017 година, рамковната позиција на бугарската влада од октомври 2019 година, проследена од декларацијата на Народното собрание и решенијата на Консултативниот совет за национална безбедност кај бугарскиот претседател од јануари 2022 година.
Познавачите на околностите предупредуваат дека доколку се случи ова, тогаш се загрозуваат македонските национални и државни интереси. Според аналитичарот и поранешен амбасадор Ивица Боцевски, доколку се прифатат бугарските барања какви што се, тоа е национално предавство, тоа е прифаќање на бугаризација на Македонија, која реално не може да се случи, но дополнително може да го комплицира патот на Македонија кон Европската Унија. Според Боцевски, во оваа ситуација битен е македонскиот став и клучот се наоѓа во Скопје.
Според второто сценарио, Софија може да ги напушти досегашните контроверзни позиции и да ги замени со нови, врз основа на португалскиот предлог. Но ова сценарио е проблематично од неколку аспекти. Новите позиции на Софија треба да поминат во бугарското Народно собрание, што е тешко остварливо, а од друга страна бугарските кругови се скептични кон француските гаранции. Неколку бугарски медиуми пренесоа информација добиена од Владата во Софија, според која, наводно, добиле ветување од француското претседателство дека сите бугарски барања ќе бидат вклучени во преговарачката рамка и нивното исполнување било гарантирано од самиот француски претседател Емануел Макрон.
Македонија треба да се потпре на самата себе
Меѓутоа кај бугарската страна постои доза скептицизам во однос на француските гаранции. Тоа се потврдува и од бугарските медиуми. Според БГНЕС, еден од учесниците во разговорите укажал дека доколку се прифатат француските гаранции, тоа би значело дека Софија целосно би се доверила на Емануел Макрон, но со тоа би можела да се најде во децениски спор. Според него, Бугарија не сака да влезе во таква „турска варијанта“.
Ивица Боцевски вели дека бугарската страна не верува во гаранциите на Макрон. Според него, француска гаранција во бугарскиот жаргон значи празна гаранција, во смисла како што Франција ѝ ја гарантираше безбедноста на Полска пред нападот на Германија со што започна Втората светска војна.
Француската иницијатива е проблематично од неколку аспекти – пред сѐ, нејасно е што содржи агендата на Макрон и дали Макрон навистина сака проширување на Европската Унија со нови членки.
Според аналитичарот Сашо Клековски, Македонија и Западен Балкан ќе бидат дел од Европската Унија, но не во предложената европска геополитичка заедница. Според Клековски, Македонија ќе биде дел од Европската Унија само откога ЕУ ќе помине низ процесот на реорганизација. Тој посочува дека Македонија треба да се потпре на самата себе, да работи кон европеизација на македонското општество. Само на овој начин, Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија.
Според професорот Звонимир Јанкуловски, пак, доколку се прифати предлогот на Макрон, тоа ќе биде процес што нема да има крај. Според него, во секоја етапа на пристапните преговори Софија би можела да стави вето на определени прашања и да го врати процесот на почеток. Јанкуловски посочува дека Македонија изгубила во оној момент кога дозволила врз основа на диктат на меѓународната заедница, на диктат од една држава од меѓународната заедница да го смени името, а потоа да се надоврзе со една авантура во надворешната политика со договор за добрососедство без притоа да анализира какви сѐ последици може да донесе тој договор по односите на Македонија и со Бугарија и генерално во регионот, на Балканот, па и во Европа.