Во македонскиот политички амбиент остана да одекнува пораката на Холандија искажана од нејзиниот амбасадор во земјава, Јан Дирк Коп, за принципиелните приоритети што им ги поставува на сите земји-кандидати (па и на некои членки на ЕУ) – владеење на правото и цел кон нулта корупција. Но и понатаму, со инсистирањето за уставните измени (кои во суштина се негација на владеењето на меѓународното право) на голем број други претставници од меѓународната заедница (Франција, Германија, па и на САД), се создава впечаток на контрадикторност на приоритетите: уставни измени или реформи. А воопшто не треба да биде така
Приоритетите на Македонија на патот кон ЕУ
Долготрајноста на македонските евроинтеграции исполнети со контроверзни и нестандардни услови во однос на пристапните процеси за другите земји-членки, променливоста на расположението за проширување на актуелната формација на ЕУ, потребата од внатрешни реформи на Унијата што сѐ позачестено се нагласува… претставуваат само некои од факторите што внесуваат забуна во однос на приоритетите за Македонија, за ефективно започнување на процесите за пристапување кон европското семејство. Во последнава година, од претставувањето на т.н. француски предлог на преговарачката рамка за Македонија, претставниците на меѓународната заедница речиси беспоговорно инсистираат на спроведување на уставните измени што ги бара Бугарија, за внесување на Бугарите како „дел од народ“ во преамбулата. Иако ваквиот услов претставува прекршување на меѓународното право по повеќе основи, па и на базичните правни стандарди на Европската Унија, претставниците на меѓународната заедница како воопшто да не го земаат тоа предвид.
Од друга страна, без оглед на сите размислувања за реформирање на Унијата и методологијата за пристапување во процесот на пристапување на новите членки, секогаш инсистираат на спроведување реформи во насока на зацврстување и гаранции за владеење на правото, правната држава и искоренување на корупцијата.
– Бугарија сакаше во преговарачката рамка да се додадат прашања од билатерална природа, на кои, според другите земји-членки, таму не им е местото. Бугарија во ова е сама. Исто така, треба да се запомни дека многу други држави мораа да решат тешки билатерални прашања пред да станат членки на ЕУ. Во меѓувреме, сето ова не треба да се драматизира на начин на кој се чини дека се прави во моментов. Поминувањето низ 35-те преговарачки поглавја со ЕУ во наредните години значи дека на патот пред вас има многу семафори и на секој од нив треба да се вклучи зеленото светло. Понекогаш чекате подолго отколку што сте очекувале. Сепак, за повеќето семафори Македонија најверојатно ќе забележи дека, имајќи го предвид напредокот што државата веќе го има постигнато, зеленото светло ќе светне порано од очекуваното. Мојата порака би била да не му се придава премногу значење на секој поединечен семафор, туку да се продолжи со реформите. Крајната цел не е да се помине бугарскиот застој на овој семафор, туку членството во ЕУ на крајот на патот – изјави во едно интервју годинава, амбасадорот на Холандија во Македонија, Дирк Јан Коп.
Дирк Јан Коп: Приоритетно е спроведувањето на реформите во Македонија
Холандскиот амбасадор во таа пригода испрати порака дека за неговата земја, како една од водечките членки на ЕУ, приоритетно е спроведувањето на реформите во земјава, почнувајќи од искоренувањето на корупцијата, која, според него, „е состојба на умот на целото општество: од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето што се подготвени да платат поткуп, оние што носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние што во март носат подароци за учителките на своите деца“. Исто така Коп нагласи дека „она што е потребно, секако, се јасни и спроведливи правила, како што се 42 препораки и 151 точка за акција за намалување на ризикот за корупција и кронизам при јавните вработувања, кои се усвоија како дел од проект финансиран од Холандија“. Навистина неколку месеци подоцна, холандскиот амбасадор револтирано кажа дека поддршката на Холандија за проектот за реформи на Судскиот совет за справување со корупцијата е замрзната, поради лошите резултати на ова тело и покрај сите вложени средства низ годините и непријатните афери при именувањата, разрешувањата и оставките на членовите од овој највисок судски орган.
Сепак, во македонскиот политички амбиент остана да одекнува пораката на Холандија за нејзините принципиелни приоритети што им ги поставува на сите земји-кандидати (па и на некои членки на ЕУ) – владеење на правото и цел кон нулта корупција. Но и понатаму, со инсистирањето за уставните измени (кои во суштина се негација на владеењето на меѓународното право) на голем број други претставници од меѓународната заедница (Франција, Германија, па и на САД) се создава впечаток на контрадикторност на приоритетите: уставни измени или реформи. А воопшто не треба да биде така.
Меѓународната заедница е индиферентна спрема тоа дали уставните измени отвораат нови проблеми во Македонија, а отвораат…
– Во очите на претставниците на меѓународната заедница не постои дилема меѓу уставните измени и реформите, како услови за нашите евроинтеграции. Овие две работи тие ги согледуваат процесно, односно како услови (пречки) што треба да се исполнат (надминат) за да тече процесот на евроинтеграции. Уставните измени што се бараат од Македонија, во меѓународната заедница не се гледаат содржински, како тоа политички ќе влијае внатре во Македонија, како ќе се одрази во Бугарија. За нив тоа не е контрадикторно, туку сѐ е дел од еден процес. Индиферентни се спрема тоа дали уставните измени отвораат нови проблеми во Македонија, а отвораат. Затоа, работа е на македонската дипломатија да ѝ претстави на меѓународната заедница што сѐ ќе предизвика прифаќањето на овој нестандарден и противправен услов (од аспект на меѓународното право) за Македонија, но и за авторитетот на принципиелност на Европската Унија. Но нашата влада даде согласност за таквото условување за уставни измени, што остави простор за оваа „процесна перспектива“ на меѓународната заедница за уставните измени, што всушност имаат суштински идентитетски и политички импликации за Македонија, а во перспектива и за целиот процес на проширувањето на ЕУ – вели Ивица Боцевски, поранешен македонски амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции.
Експертката за прашањата и процесите на ЕУ, со децениско практично искуство во спроведување на стратегиската определба на Македонија за членство во ЕУ, Малинка Ристевска-Јорданова, во една своја статија од пред една година, насловена „Дупло голо“, предупреди на ризикот и од натамошна билатерализација на преговарачкиот процес и од назадување во реформите. Од денешен аспект, една година подоцна, таа смета дека „ризикот не само што се оствари туку со промоцијата на неказнивост ги надминa ’очекувањата’“.
Целината на прифатените барања од Бугарија е суштински спротивна
на вредностите на ЕУ
– Најпрвин да укажам на едно мое видување на „задачите што Македонија треба да ги исполни“. Многу често го претставуваме процесот на евроинтеграции како еднонасочно поставување задачи измислени и поставени од некој „учител“ таму некаде од Брисел. Не е така. Се работи за процес во кој дијалогот – и внатрешен и надворешен, е исклучително значаен, исто како и домашниот капацитет за градење политики, а со тоа и за поставување приоритети. Одговорноста на крајот секогаш ќе падне врз нашите глави.
Барањето за уставни измени произлегува од реалната политика и политичкиот прагматизам. За претставниците на меѓународната заедница се работи за една обврска од договор на кој ние сме се согласиле и треба да се исполни за да се продолжи преговарачкиот процес, поради тоа што Бугарија има право на вето. Барањата за реформи произлегуваат од правото на ЕУ, кое секоја држава што сака членство треба да го преземе и да го спроведува. Во нашиов случај овие „обврски“ се контрадикторни, најпрвин затоа што целината на прифатените барања од Бугарија е суштински спротивна на вредностите на ЕУ, и второ – затоа што за да се оствари барањето што произлегува од реалната политика, свесно се газат вредностите на ЕУ – вели Малинка Ристевска-Јорданова за „Нова Македонија“.