Угледниот бриселски портал „Политико“ деновиве интензивно пишува за „протекувањето на огромен број документи од полициската истрага за најголемиот случај на корупција што ја погодил Европската Унија во последните децении“. Овие документи, до чија содржина дојде „Политико“ и кои ги анализира и коментира, нарекувајќи ги „годишни извештаи на Катаргејт“, го откриваат целосниот обем на скандалот со пари за влијание на Европскиот парламент. Експертите што имале увид во протечените документи ги ценат како несоборливи аргументи и материјални докази за корупција, но и за „тешки манипулирања со демократијата на ЕУ“
Досие „Катаргејт“: Колосални размери на корупцискиот скандал во ЕУ
Опфаќајќи период од четири години, протечените документи (досиеја) од едногодишната полициска истрага за корупција во Европскиот парламент (ЕП) сугерираат дека клучните осомничени, вклучувајќи ги и поранешниот пратеник во Европскиот парламент, Пјер Антонио Панцери, и неговиот помошник Франческо Џорџи, смислено спроведувале обиди за манипулирање со Европскиот парламент на различни начини, вклучувајќи и преку пошироки политички дебати.
Според тврдењата во документите (досиејата), осомничените лица добиле и потрошиле околу 4 милиони евра за завршената работа, и тоа од Катар, Мароко и од Мавританија.
Потплатени да не се изгласаат шест парламентарни резолуции (осуда за нарушени човекови права во Катар), како и за ангажман за постигнување договор за безвизно патување меѓу
Доха и ЕУ
Скандалот првпат излезе на виделина точно пред една година, кога Панцери, Џорџи и други клучни фигури беа уапсени во серија драматични рации во кои беа пронајдени и одземени вреќи со пари и други материјални докази за „странско замешателство“ во срцето на демократијата на ЕУ.
Дејствата запишани во документите вклучуваат некои што имаат значително влијание врз работата на Европската Унија – како што се планирањето да се уништат шест парламентарни резолуции со кои се осудува досието за човекови права на Катар и работа на постигнување договор за безвизно патување меѓу Доха и ЕУ.
Но имало и ситни операции: Џорџи еднаш забележал дека секој примерок од една непријатна книга за Катар што може да се најде во Парламентот е ревносно „уништен“.
Помеѓу документите (досиејата) до кои дојде „Политико“ беше и обемниот табеларно подреден материјал на лаптопот на Џорџи, запленет во неговиот стан во Брисел, во кој се наведени стотици активности на влијание што мрежата, наводно, ги извршила помеѓу 2018 и 2022 година.
Табелата евидентира повеќе од 300 дела за кои осомничените добивале згодни хонорари. Тие, наводно, ги постигнале своите цели користејќи мрежа на соработници што работеле внатре во Парламентот, кои според досиејата ги нарекувале свои „војници“.
Досега истрагата покажа дека четворица сегашни и поранешни европратеници се уапсени под прелиминарни обвиненија за корупција, перење пари и членство во криминална организација. Меѓу осомничените се Панцери, Џорџи и Ева Каили, партнерката на Џорџи, високо позиционирана во бриселската администрација, која беше исфрлена од нејзината функција како потпретседателка на Парламентот кога изби скандалот.
Додека истражителите се сомневаат дека Панцери и неговата мрежа манипулирале со Парламентот во име на Катар и други држави, документите сугерираат дека тие исто така се обидувале да го искористат недостигот од знаење на странските претставници за демократијата на ЕУ.
Па, така, според документите, Џорџи ѝ признал на полицијата дека тој и неговиот шеф понекогаш им давале информации на своите плаќачи за операции врз кои тие немале практично влијание, бидејќи Панцери погрешно го претставил степенот на неговата моќ да ја обликува работата на Парламентот.
– Тоа се потпираше на незнаењето за тоа како функционира Парламентот – навел Џорџи во изјавите за полицијата.
Лице запознаено со правната одбрана на Џорџи, кое сакало да остане анонимно, навело дека „не е веродостојно“ да се гледа табеларното досие од лаптопот како доказ за активностите на влијание. Наместо тоа, како што навело лицето, списокот е дизајниран да го „засили“ имиџот на Панцери пред неговите клиенти.
Без разлика дали станува зор за вистинско влијание или само алатка за надувување на сметката, записите во табеларните пресметки нудат уникатен поглед на работата на машината за влијание изградена и управувана од Панцери, Џорџи и нивните наводни соучесници, сѐ до полициската истрага во декември 2022 година, која го доведе сето тоа до ненадеен крај. Документите исто така отвораат прашања за тоа како таквите операции на влијание би можеле да останат незабележани толку долго.
Додека европските лидери се соочуваат со срамната една година од скандалот, кој избувна на 9 декември минатата година, обелоденувањата содржани во досиејата „Катаргејт“ уште еднаш ќе ги постават етичките стандарди на ЕУ на интензивна контрола.
Какви ангажмани на осомничените се откриени и обелоденети преку
протечените документи?
- Работејќи за Катар, Џорџи и Панцери изградија една поголема зделка за награда: да се осигури дека Доха склучи договор за безвизно патување со ЕУ. Договорот доби суштинско зелено светло во парламентарната комисија за граѓански слободи во декември 2022 година, неколку дена пред Џорџи и Панцери да бидат уапсени. Конечното гласање за договорот е ставено во мирување откако изби скандалот.
Други документи од лаптопот на Џорџи откриваат дека тој имал намера да им предложи на Катарците два „акциски плана“ со детали со кого да контактираат и каде да вршат притисок за да се обезбеди визниот договор. - Предуслов за обезбедување на визниот договор, како што тврдеа Џорџи и Панцери, беше спречување на обидите на некои европратеници да го осудат Катар за неговиот третман кон работниците мигранти и новинарите. Во својата табела, Џорџи ја зема заслугата за „неутрализирање“ на шест парламентарни резолуции со кои се осудува Катар во периодот од јуни 2021 до ноември 2022 година. Сепак, Парламентот на крајот донесе резолуција со која се критикува состојбата на Катар за човекови права на 24 ноември 2022 година.
- Подготовките за Светското фудбалско првенство во Катар беа предмет на интензивни критики поради наводната експлоатација на работниците мигранти. Материјалот од лаптопот на Џорџи содржи тврдење дека „го промениле наративот во парламентот“ за ова прашање за време на комисиското сослушување во април 2021 година, на кое се појавил катарски функционер.
- Во февруари 2020 година осомничените подготвија детални белешки за појавување на министерот за надворешни работи на Катар во парламентарната комисија за надворешни работи. Тие исто така обезбедија присуство на одредени европратеници „за насочени прашања“.
- Една операција во 2021 година, на пример, имаше за цел назначување на висок полициски функционер од Обединетите Арапски Емирати, Насер ал Раиси, за нов претседател на Интерпол. Односите меѓу Катар и Обединетите Арапски Емирати, нејзиниот сосед во Персискиот Залив, бележеа прекинати дипломатски врски помеѓу 2017 и 2021 година. Како и многу политичари и невладини организации во тоа време, пријателката на Панцери, европратеничката Марија Арена, ги повика земјите од ЕУ да се спротивстават на номинацијата на Ал Раиси. Панцери и Џорџи ги презедоа заслугите за писмото на Арена, иако не е јасно дали таа знаеше дека тие го прават тоа. Адвокатот на Арена изјави за „Политико“ дека таа не била обвинета како дел од полициската истрага и одби да коментира повеќе.
- Друга операција беше насочена кон Саудиска Арабија, која ги прекина дипломатските и економските односи со Катар. Панцери и Џорџи му наплатија на Катар за пакет акции, вклучувајќи серија твитови и филмски проекции во врска со убиството на саудискиот колумнист Џамал Кашоги, истовремено остро осудувајќи ја одговорноста на Ријад за убиството.
- Кога станува збор за одбраната на Мароко, Панцери и Џорџи се гордееја со усвојувањето на парламентарната резолуција против Алжир, за која рекоа дека ќе биде од корист за Мароко.
- Тимот исто така се пофали дека постигнал „поумерен текст“ за резолуцијата што го критикуваше Мароко поради неговото справување со миграциската криза во 2021 година, во спор со владата во Мадрид.
- Според документите, главната цел на Мавританија била да го подобри својот јавен имиџ. Материјалот од лаптопот на Џорџи сугерираше дека групата работела на обидот да спречи активист против ропството, кој станал непријател на владата на Мавританија, да ја добие престижната награда на ЕУ за човекови права Сахаров.
Мрежата и шемата за корумпирање многу поголеми од она што досега се знаеше во јавноста
Откритијата вклучени во досиејата „ Катаргејт“ веројатно повторно ќе ја разгорат дебатата во Парламентот за тоа дали законодавниот дом направил доволно за да обезбеди да не се повторат слични операции. Додека Парламентот воведе построги процедури како одговор на скандалот, многумина во Брисел реформите, во најдобар случај, ги сметаат за половични.
– Овие документи ни покажуваат дека ова беше постојан повеќегодишен напор за инсајдерско, злобно влијание врз парламентарните процедури. Тоа се случуваше со години со повеќе луѓе, а не беше откриено. Значи, што друго има таму? Одговорот на Парламентот беше слаб и секако не зборува за сериозноста на скандалот што се случи минатиот декември – рече Ник Ајоса, вршител на должноста директор на „Транспаренси интернешнл ЕУ“.
Даниел Фројнд, европратеник на германските зелени, како реакција на истрагата на „Политико“ изјави: „Се чини дека шемата е многу поголема од она што го научивме досега “. Притоа тој додаде дека главниот проблем е што Парламентот нема спроведено внатрешна истрага за влијанието на наводните операции врз неговите демократски активности и одлуки.
– Се чини дека можете да купите или барем да влијаете на одредени одлуки во Парламентот, или барем има некои поранешни европратеници што се обидуваат да ги натераат сите да веруваат дека можете и го продавате тоа како производ. Станува сè појасно дека можеби имало голем број процедури во Парламентот што се доведени во прашање, во најмала рака. Сега треба соодветен процес внатре во Парламентот, да погледнеме дали тоа се само напумпани глупости од тие двајца… или е реално? Дали имало влијание врз некоја од тие постапки? Дали треба да преиспитаме одредени одлуки – рече Фројнд.
Портпаролот на Собранието рече дека институцијата не може да спроведе внатрешна истрага за потенцијални криминални активности.
– Но може целосно и навремено да соработува со надлежните органи, и тоа е она што го направив. Претседателката на парламентот Роберта Мецола „лично ја олесни истрагата“ со тоа што беше „присутна на претресите на двајца белгиски европратеници (во декември 2022 и јули 2023 година) како што беше побарано според белгискиот Устав, нешто без преседан во историјата на ЕП – додаде портпаролот.
По првите наводи за корупција, Мецола претстави 14 мерки за зајакнување на ѕидовите на парламентот и подобрување на транспарентноста.
– Законодавниот дом исто така се приклучи на белгискиот правен случај како граѓански тужител за „да открие дали е направена штета на буџетот на ЕП во некоја од активностите и да ги врати парите“ – рече портпаролот.
Панцери ја призна вината во договорот за признавање вина што го постигна со властите, а кој се појави во јануари. Џорџи ја призна својата вмешаност во шемите, според досиејата видени од „Политико“. Р.Н.М.