Фото: Игор Бансколиев

По дводецениска примена на „привремените решенија“ за унапредување на демократскиот развој (Бадентеровото мнозинство и „балансерот“), всушност, како да се чувствува веќе дека се измелезија во рестриктори на демократијата во Македонија. Тоа го наметнува прашањето дали македонското општество е зрело за укинување на „бадентерот“ и „балансерот“. Од оваа временска дистанца, тие си ја исполнија задачата онака како што ја исполнија, но веќе јасно се отвора дилемата дали тие како алатки на некаква теоретска консензуална демократија стануваат демократски и принципиелно контрапродуктивни за еден одржлив практичен развој на нашето мултиетничко општество

„БАДЕНТЕРОТ“ И „БАЛАНСЕРОТ“ ПОД ЛУПА

Во јавноста сѐ погласно одекнуваат условите на политичките партии за активно вклучување во процесот на уставните измени. На пример, како приоритетен услов на албанскиот (главно опозициски) политички фактор се профилира барањето за менување на уставната формулација за „јазикот што го говори 20 отсто од населението“, со конкретно именување на албанскиот јазик. Предизвикот се чини дека го прифати лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со одговорот дека тие како партија се подготвени да седнат и да разговараат, но не само за јазиците туку и за нормите како „бадентер“ и „балансер“, за кои смета „дека се надминати, непотребни, фаворизираат квоти пред квалитет и затоа мора да се укинат“.
Во продолжение, развојот на оваа јавна меѓупартиска комуникација отиде во насока на дополнителни лицитирања за проширување на барањата за уставни измени. Така, вицепремиерот од ДУИ, Артан Груби, порача дека освен во преамбулата, Уставот треба да претрпи измени и во делот што го регулира изборот на шеф на државата, односно тој да се избира во Собранието наместо на непосредни избори, да се помести цензусот за референдум, да се прецизира делот за конституирањето на Собранието, формулацијата „20 отсто“ да се замени со албански јазик…

Предност на миноризацијата над мајоризацијата

Се чини дека на албанските партии им е тешко да се откажат од политичките привилегии на т.н. „бадентер“ и „балансер“ за воспоставување некаква правична и соодветна (пред сѐ, етничка) застапеност, во институционалното функционирање на државата, кои произлегуваат од Охридскиот договор од 2001 година, исто како и формулацијата „јазикот што го говори 20 отсто од населението“.
Принципот „бадентер“, односно двојно мнозинство при одлучувањето, е потребен за законите што се однесуваат на правата на заедниците (употреба на јазици, лични документи, употреба на симболи и сл.). Во практика тоа значи дека Собранието одлучува со мнозинство гласови, при што е потребно да се изјасни и мнозинството од пратениците што припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, или т.н. Бадентерово мнозинство.
Кога станува збор за алатката „Балансер“, таа произлегува од Законот за вработените во јавниот сектор, кој започна со примена во 2015 година, со кој се предвидува механизам за постигнување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку годишни планови за вработување. Во 2016 година беше донесена методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор, во согласност со која секоја институција ќе мора да подготви годишен план за вработување и во согласност со годишниот план да ги спроведува постапките за вработување. Изработена е и веб-алатка преку која електронски се врши распределбата на планираните нови вработувања, во согласност со соодветната и правична застапеност.

„Балансерот“ го девалвира мерит-системот, а Бадентеровиот принцип – демократијата

Уште при воведувањето на овие принципи во уставно-законски формат беше извесно дека тие ги девалвираат мерит-системот, заснован на стручност и конкурентност при вработување, и демократскиот принцип на носење одлуки со мнозинство, па беа наречени „позитивна дискриминација“, со поттекст дека се од привремен карактер. Периодот од 20 години, колку што функционира моделот на „позитивна дискриминација“, се чини дека е доволен за преиспитување на потребата од негова понатамошна примена. Повторно, претставниците на албанските партии се категорични во намерата ова „привремено решение“ да го претворат во „трајна вредност“.
– Бадентер, или таканареченото двојно гласање, е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што беше воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии, како што се војните во поранешна Југославија. Овој механизам го носи името на неговиот творец Роберт Бадентер, поранешен министер за правда и поранешен претседател на Уставниот суд на Франција, или светилникот на просветителството и европската демократија. Секое прекршување на овој механизам на консоцијална демократија би било ретроградно и би донело последици што никој од нас не би ги посакал. Ако ова двојно гласање е „проблематично“ за некого, треба да се земе предвид дека многу земји слични на нашата го имаат регулирано ова прашање со дводомен парламент, кој треба да се стави на маса доколку во иднина се отвори ваква расправа – велат од партијата Алијанса за Албанците.
За ставањето во ист контекст на уставните измени, прашањата за „јазикот на 20 отсто“ со „бадентер“ и „балансер“, од партијата Беса реагираат дека „терминот 20 отсто“ е навредлив термин за јазикот на втората по големина нација во Македонија, додека Бадентеровиот механизам е политичка алатка што ги штити етничките заедници од мајоризацијата што настана против албанскиот политички фактор. Затоа, обидот да ги „пазарите“ овие две прашања во уставните промени не е ниту рационален ниту помага во тековното градење на меѓуетничката кохезија во државата.
Сепак, дводецениската примена на „привремените решенија“, со кои всушност се прават рестрикции на демократијата во Македонија, го наметнува прашањето дали македонското општество воопшто е зрело за укинување на „бадентерот“ и „балансерот“. Социологот Илија Ацески проценува дека се созреани условите за „Балансерот“ да почне да функционира во обратна насока – наместо за вработување, за отпуштање од администрацијата.
– Не само што е зрело туку веќе е презреано, речиси загниено македонското општество од застоеноста на „бадентерот“ и „балансерот“, кои не дозволуваат да се развиваме како стандардна демократска држава. Долготрајната примена на овие механизми ги искривоколчи критериумите на вообичаените демократски стандарди што функционираат во ЕУ, кон која декларативно се стремиме.

Предизвикот што ни се поставува е како да се укине „Балансерот“, кога администрацијата со години ни се „балансира“ до нефункционална превработеност. Едно од најургентните барања на ЕУ за Македонија (покрај борбата со корупцијата) е реформата во администрацијата. Тоа во практика значи дека се бара намалување на администрацијата најмалку за 30 отсто. Во вака поставениот контекст на европските барања, „Балансерот“ треба да почне да работи во обратна насока, односно да се применува како критериум и при отпуштање на прекубројните административци. Бидејќи сите критериуми за вработување според стручност и компетентност се изгубени, односно се сведени на етничко-партиско балансирање, се наметнува логиката дека таквиот процентуален принцип би се применувал и при реформата (односно отпуштањата) во администрацијата. Тоа дава нова светлина и на иницијативите за бришење и на формулацијата за „јазикот од 20 отсто“, за во Уставот да не остане никаков процентуален критериум – вели социологот и универзитетски професор Илија Ацески.
Професорот Ацески проценува дека императивот на уставните измени, поставени како европски услов, го активира партиското калулантство за тоа кој колку може повеќе да издејствува за себе во овој процес на отворена Пандорина кутија. Тој предупредува дека ставањето на идејата за дводомен парламент во етничко-партиските калкулации, како реакција на идејата за укинување на Бадентеровото мнозинство, ја исфрла на површина линијата на бинационална поделеност, односно билингвалната реалност на македонското општество, која сепак не е уставно и државно формална. Според неговото предупредување, „опцијата за дводомен парламент би ја форматирала таквата реалност, односно би ѝ дала друг формалноправен облик“. А тоа би довело до конечно редефинирање на карактерот на државата и деконструкција на нејзината унитарност!