Фото: Игор Бансколиев

Што се крие зад наводното бугарско одложување на ветото? Дали ваквата изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков е нова стапица за Македонија?
Дали е тоа уште еден обид за денационализација и деноминација на македонската нација, со цел Македонија да се стави пред свршен чин да ги прифати сите бугарски барања пред отворањето на секој кластер во преговорите со ЕУ? Познавачите на состојбите сметаат дека прифаќањето бугарските позиции да станат дел од преговарачката рамка би било погубно за Македонија

Наместо вето, серија рестриктивни мерки на Бугарија кон Македонија со отворање на поглавјата

Неодамнешните најави на бугарскиот премиер Кирил Петков дека Бугарија би можела да го помести ветото и во јуни да овозможи почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија наметнаа повеќе дилеми кај македонската јавност. Таа со право се прашува дали станува збор за нов тактички маневар, со кој Софија на крајно перфиден начин се обидува заклучоците од асимилирачката и крајно неповолна декларација за Македонија, која беше усвоена во бугарското народно собрание, да ги вметне во преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија, или, пак, Бугарија сака да остави впечаток пред меѓународната заедница дека бара решенија за спорот со Македонија.
Несомнено, изјавата на Петков за „одложување“ на ветото е добро смислено сценарио, повеќе во насока на опипување на пулсот на Брисел и неговата евентуална подготвеност апсурдните бугарски условувања на Македонија да станат дел од официјалната европска преговарачка рамка за земјава, иако не може да се исклучи и неговата намера да го види и расположението на македонска страна за прифаќање на ваквата понуда.
Како и да е, повеќе од очигледно е дека евентуалното „одложување“ на ветото во јуни нема да ѝ донесе ништо конкретно на земјава, туку, напротив, ќе ја стави во позиција пред неа да бидат поставени низа услови, кои таа ќе треба да ги исполни пред отворањето на секој кластер во согласност со новата преговарачка методологија на ЕУ.
Токму тука може да се насети бугарската стапица, сега „одложување“ на ветото како покажување на гест на „добра волја“, а потоа вметнување на сите точки од бугарската декларација во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, сето тоа под мониторинг на Брисел. Тоа значи долгорочно исполнување на бугарската национална стратегија од пред 100 и повеќе години со амин на Европа, односно бугаризација на Македонија во поглавја.
Познавачите на состојбите сметаат дека прифаќањето бугарските позиции да станат дел од преговарачката рамка би било погубно за Македонија.
– Доколку барањата на Бугарија влезат во преговарачката рамка, тие ќе станат дел од заедничката позиција на ЕУ, по што ќе биде тешко истите тие да се игнорираат во текот на преговорите – вели поранешниот вицепремиер за европски прашања Васко Наумовски.
Според него, бугарските барања остануваат на маса дури и ако не се дел од преговарачката рамка, како што е случајот сега, така што Македонија нема речиси никаков маневарски простор.

– Сепак, дури и да не влезат тие во рамката, Бугарија има право да ги блокира отворањето и затворањето на секое поглавје, што значи дека маневарскиот простор за нашата влада е стеснет. Бугарската влада има повеќе опции на располагање и прашање е дали ќе се постигне заеднички став внатре во нивната коалициска влада за евентуално кревање на ветото до јуни – истакнува Наумовски.
Дипломатот Драган Јањатов препознава замка во понудата на Петков во која земјава не смее никако да упадне.
– Тоа е замка, меч со две сечила. Познавајќи ги цивилизациските, културните и моралните вредности на Бугарија како национ, сметам дека со нив не треба да садиме тикви на таа тема. Тоа е голема замка и ништо убаво не се крие зад тоа. Што добива Македонија од тоа? Тие можат во недоглед да ги одложуваат преговорите, постојано поставувајќи услови. Треба Македонија да ја префрли топката во ЕУ, Брисел нека се расправа со Бугарија, а не ние. Таа продуцира проблеми, таа нека си ги решава – порачува Јањатов.
Тој понатаму уште додава дека не може да им се верува на Бугарите и дека постојано се потврдува тоа.
– Тие не сакаат да ни поверуваат дека ќе ги внесеме Бугарите во Уставот подоцна, во текот на преговорите со ЕУ, а зошто, пак, ние да им веруваме за ова што го кажува Петков? Која е гаранцијата? За нас ќе гарантира Фон дер Лејен, а за нив кој, Каракачанов? Треба да прекинат сите преговори со Бугарија од македонска страна. Кога ќе си го реши прашањето Бугарија со ЕУ, тогаш ќе разговараме. Крајно време е оваа точка да се симне од дневен ред. На вакви замки треба да внимаваме и да отвораме очи – заклучува Јањатов.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека Бугарија нема да отстапи од своите барања кон Македонија во никој случај и дека изјавите на Петков за „одложување“ на ветото се само за негова дневнополитичка потреба.
– Имаше една интересна изјава: „Еве ви студена војна, па освежете се“. Изјавата на Петков така ја толкувам. Еве, ќе ви пуштиме глас, постапете по него, кој краткорочно, но и долгорочно, за нас не значи многу. Таа бугарска позиција за нас е несовладлива, се провлекува низ различни форми. За Петков е дневнополитичка потреба, а нам таа порака ни ја праќа за да веруваме дека е нешто крупно што ќе ни помогне да се започнат преговорите – вели Андревски.
Тој појаснува дека ако се има на ум неотстапливоста од идејата да се внесат Бугарите во Уставот и колку време е потребно евентуално да се направи такво нешто, тогаш повеќе од јасно е дека нема суштинска промена на бугарската позиција.

– Тоа значи дека од Софија нема свежи ветришта, нема пријатни најави, туку само нешто колку да се промени во реториката што нам суштински нема да ни помогне. Мислам дека треба да се стави мораториум на преговорите со Бугарија и земјава да почне да прави реформи во тие области каде што има објективна потреба за такво нешто, па во некоја друга пригода и други поинакви околности да се обноват разговорите – нагласува Андревски.
На иста линија е и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој смета дека колку и да личи како замка во овој момент понудата на Петков, сепак Бугарија нема да го крене ветото во јуни.
– Бугарија ниту ќе го крене ветото, ниту, пак, има намера да го реши спорот со Македонија, бидејќи секој ден излегуваат со нови и нови небулозни барања. Не знам зошто македонските политичари воопшто се лажат дека нешто ќе се промени од бугарска страна кога нивната позиција е зацементирана. Ако ги внесеме Бугарите во Уставот, ќе излезат со други барања, еден куп барања и условувања на кои им нема крај – истакнува Пекевски.


Од кого е разочаран Вархеи

Еврокомесарот Оливер Вархеи вчера во Софија порача дека е екстремно разочаран што сè уште се разговара за прашањето кога Македонија ќе ги почне преговорите со Европската Унија, кое, како што рече, верувал дека било решено пред две години.
Еврокомесарот не прецизира од кого е разочаран, дали од самата ЕУ, дали од Бугарија или, пак, од самиот себе. Вархеи уште додаде дека е подготвен да ја посети Софија уште толку пати колку што ќе биде потребно за да се реши прашањето до јуни.
– ЕУ нема ни време за губење ни интерес да се одложува првата меѓувладина конференција со двете земји – порача Вархеи, повикувајќи ја Софија да има повеќе доверба во себе, во моќта на ЕУ и во трансформативната моќ на проширувањето.
Тој посочи на војната во Украина, истовремено потсетувајќи дека таква војна Европа веќе видела на просторите на Западен Балкан и дека нема гаранција дека таа нестабилност нема да се повтори.
– Лекцијата од претходните години за Западен Балкан е дека треба да го забрзаме процесот и, кога велам да го забрзаме, не мислам институционално туку реално, на терен, за да се смени животот во регионот – порача Вархеи.