За разлика од амандманите на бугарските европратеници, кои се обидуваат во извештајот за Македонија да вметнат свои ставови, квазикритики и конструкции за земјава со оцени за постоење „говор на омраза“ кон Бугарија и Бугарите, како и за „дискриминација, вознемирување, закани и насилства“ врз припадниците на бугарското малцинство, холандска европратеничка бара да се осуди таквото недозволиво однесување од страна на екстремни бугарски политичари спрема Македонија. Таа бара и целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик и историја од страна на сите земји-членки на ЕУ, спорот за историјата да се решава надвор од преговорите за членство, како и да се повлече поддршката на Европскиот парламент за уставните измени!
Предлог-извештајот за Македонија во Европскиот парламент: И поддршка (на адреса на Скопје) и предупредување (на адреса на Софија)
Редовниот извештај за напредокот на демократските процеси во Македонија пред Европскиот парламент, односно гласањето за него е одложено. За него се поднесени 320 амандмани. Меѓу тие 320 амандмани, дури 50 се од бугарски пратеници, кои на тој начин се обидуваат „да се исфрли делот од извештајот во кој експлицитно се наведува ’преговарачкиот процес да не се злоупотребува за решавање билатерални спорови‘“.
Бугарските европратеници со амандманска интервенција прават обиди и во заклучоците на извештајот да се вметнат констатациите дека „во Македонија е нарушена безбедносната состојба со присуство на повратници на Исламската држава и на вахабисти, како и дека има зголемено турско, иранско и кинеско влијание“.
Амандмани и во полза на вистината
Инаку, извештајот за напредокот на Македонија е подготвен од известувачот на ЕП за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, а е изработен по извештајот на Европската комисија.
Во многубројните амандмани на предлог-извештајот на Ќучук за Македонија, очигледно со различни намери и интереси на предлагачите, од повеќе земји на ЕУ, се чини дека во полза и интерес на земјава се неколку амандмани поднесени од холандска европратеничка. За разлика од амандманите на бугарските европратеници, кои се обидуваат во извештајот да вметнат свои ставови и критики за земјава со оцени за постоење „говор на омраза“ кон Бугарија и Бугарите, како и за „дискриминација, вознемирување, закани и насилства“ врз припадниците на бугарското малцинство, холандската европратеничка бара да се осуди такво однесување од страна на екстремни бугарски политичари спрема Македонија.
Холандската европратеничка предлага амандман со кој се осудуваат говорот на омраза и заканите што доаѓаат од екстремни бугарски политичари кон земјава, како заканите упатени кон претседателот Стево Пендаровски и ширењето идеи за „голема Бугарија“, кои се оценуваат како спротивни на европските вредности и дека ги нарушуваат добрососедските односи. Истата европратеничка бара целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик и историја од страна на сите земји-членки на ЕУ, спорот за историјата да се решава надвор од преговорите за членство, како и да се повлече поддршката на Европскиот парламент за уставните измени!
Во актуелната ситуација во која се наоѓа Македонија, во која нејзините европерспективи се условени со измена на Уставот и внесување на Бугарите во него, за да почне отворањето на поглавјата во преговарачкиот процес со ЕУ, се наметнува прашањето – дали ваквите амандмани како на холандската пратеничка се сигнал за некоја поправедна визија за македонските евроинтеграции во институциите на Унијата? Можеби уште пооптимистичкото прашање е дали се навестува некакво враќање на ЕУ кон нејзините базични Копенхашки критериуми за проширување (во кои не се предвидени услови како тие што ѝ се поставуваат на Македонија), односно колкави се шансите да се тргне условот за Македонија да спроведе уставни измени за почеток на преговорите?
Не е задоцнето со наша кампања да допреме до Европскиот парламент, Европската комисија, поединечните членки на ЕУ, па и до ОН
– Убаво ќе беше ако вакви реакции и амандмани како поддршка на Македонија на патот кон ЕУ се случеа порано, или барем навремено, минатата година кога беа актуелни протоколите на преговарачката рамка, во т.н. француски предлог. Сега ми се чини дека е задоцнета работа. Лани, кога се „кроеше“ тој пакет за нашата преговарачка рамка се огласија многу експерти од ЕУ (Германија, Полска), кои ја знаат историјата и на Македонија и на целиот Западен Балкан, кои укажаа дека не е во ред историски прашања да бидат вметнати во преговарачки процес на една земја-кандидат и дека сето тоа е далеку од Копенхашките критериуми за проширување на Унијата. Но тогаш никој од Европскиот парламент не реагираше на таквите непринципиелни услови за Македонија. Сите многу добро знаеја што не треба да се направи. Сегашните реакции ми изгледаат како утешна парада на ЕП за македонскиот народ да ги прифати условите што му се наметнуваат за ЕУ. Впрочем за да имаат некаков ефект ваквите амандмани за поддршка на Македонија треба зад нив да застанат поголем број европратеници. Не би сакала да влеземе пак во истата стапица како за Преспанскиот договор, кога од европските функционери (конкретно од еврокомесарката Могерини) ни беше ветувано дека со прифаќање на договорот и менување на името на државата не само што ќе влеземе во НАТО туку веднаш ќе почнеме преговори за членство во ЕУ. Таквиот однос на европските институции треба да ни биде предупредување и сигнал за внимателност при големи ветувања – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.
Според Котлар-Трајкова, од страна на Македонија треба да се потегнат решенија пред европските институции во насока на македонските национални интереси, а не да се прифаќаат некритички и невнимателно секакви предлози за решавање на македонското прашање.
– За жал, актуелните македонски политичари што ги водат процесите во Македонија, и на внатрешен и на надворешен план, не го имаат во фокус решавањето на македонското прашање. Тие пред европските институции дејствуваат како ненаштиман и несинхронизиран оркестар. Со хаотични постапки и талкање до целта, не се води ни надворешна, ни внатрешна политика – смета професорката Котлар-Трајкова.