Франциск Први во името Господово ни го покажуваше неговиот свет пат. Амин! Франциск дојде во Македонија, бидејќи и апостол Павле го направи тоа. Сиромасите од Македонија најмногу даваат за црквата, рече Павле, та затоа ја добија љубовта Божја
Тмурно со тежина на стишеност од нешто што се мора, кардиналот Кевин Фарел изрече: „Најдраги браќа и сестри, со длабока жалост јас ви ја најавувам смртта на Светиот Отец“. Мирно, тивко и достоинствено замина, како што и дојде. Таков е патот на големиот. Бог да го прости и да го земе до него. Го молиме ние најмалите и најниски на овој свет, кои тој Франциск Први, неговата екселенција и величество, најмногу ги сакаше, почитуваше и благословуваше. Бог да го удостои со најголемите почести, уште поголеми од овие на земјата, таму во Царството Господово, каде што ние сите повторно ќе бидеме заедно. Иако за кратко на пресветлиот стол, тој остави сторени невидени дела на овој свет, измачен, болен, осакатен од минатото. Слава му вечна негова, слава им и на тие што ги сакаше. Амин!
Не знам дали со толкав пиетет во периодот од средниот век, па до денес, некој од друга вера и друга мисла и традиција, со други и некогаш спротивставени животи и тегоби, би можел вака да искажува и чувствува една фундаментална загуба. Како „формален“ остаток од еврејската популација на 21 век, мене Бог ми дозволил, а можеби ме обврзал да бидам дел од сите вери што искрено го почитуваат Бога. Нови времиња. И слава му негова Божја ми подарил живот, со сите скромни почести и дарови за да го минувам низ света и светла почит и прочист на едно скромно достоинство. Слава му и на бога и на неговото чедо, папата Франциск Први, кој во името Господово ни го покажуваше неговиот свет пат. Амин! Франциск дојде во Македонија, бидејќи и апостол Павле го направи тоа. Сиромасите од Македонија најмногу даваат за црквата, рече Павле, та затоа ја добија љубовта Божја. Доста е зборувано и ќе се зборува за неговото релативно кратко патешествие низ најсветлиот пат, та јас тоа немам ни можност ни достојност овде да го прикажувам. Како најнизок човек, дел на овој свет и со приближување кон ангелскиот и светецоносниот дом на Царството Господово, загрижен сум, можеби со незнајност оптоварен, за иднината на она што останува. Неговото величество укажа на некои опасности, сили на темнината, но со величината укажа на можниот излез од состојбата општа и целосна на светот.
Светот нема и не може да биде како што беше. Искуството ни кажува дека секогаш, при секоја промена на папата имало промени, неретко големи. Строгоста на Католичката црква е карактеристика и начин на вековно одржување. Три потреси оставиле многу големи и долготрајни траги. Првиот е шизмата меѓу западната и источната црква („Големата шизма“) во 1054 година, кој дури до денес остава трага во односите исток-запад. Кај нас дури и царството Самуилово го изгубивме во тој кијамет, но барем словото македонско од времето тогашно ни остана до денес. Вториот потрес е поделбата меѓу католиците и протестантите (Трент, Собор 1545-63), а третиот е Втората светска војна. Тогаш сите религии се споија против нацизмот и тоа е нова ера. Сега, дури и кога секуларноста е мошне силна, а би рекол доминантна, сѐ уште се наѕираат антагонизми.
На пример, мислевме дека со завршувањето на „ладната војна“ и падот на комунизмот ќе се изгуби непријателството меѓу Истокот и Западот, но гледате дека тоа не е случај. Се надвиснува демонот на шизмата. Присутен е и демонот на протестантско-католичките војни (на пример, судирот на англосаксонскиот и франкофонскиот империјализам, со кој подлабоките мислители можат да ги разберат „апсурдните“ конфликти во Европа и Блискиот Исток. Стогодишната војна меѓу Франција и Англија всушност е верска војна меѓу протестантите и католиците, болест сѐ до денес, а исто е и страшната Бартоломејска ноќ во Франција. Исто и внатрешните војни на Елизабета Прва со Шкотска и со светот, потпомогната од разузнавачите на Вулсингем. Страшни се и војните во Швајцарија, а особено во Германија каде што повеќе од половина на населението е убиено или умрело од болест. Чумите се појавија со овие војни. Француската револуција е борба на католицизмот со „секуларизмот“ (проекција на протестантизмот). Ужасни се и борбите на католицизмот со исламот – Крстоносните војни, војните во Шпанија и Португалија, војните со Отоманската Империја, па и Византија со исламот. Потоа се создаваат крвави вирови (malestroms) од самите меѓусебни војни на три христијански религии во Украина (гледате што се случува). Исто и на Балканот (плус исламот). Велат дека исламот го донесе среброто и патот на свилата и зачините, Евреите – банкарството, а протестантизмот ги донесе капитализмот, машините, комунизмот, либерализмот, глобализмот и секуларизмот, а сега и „постлиберализмот“. Исто велат дека Мао е франко-американски ученик (се познавал со моите родители и учел марксизам во филијала на Универзитетот Јејл – Скал енд боунс – во Шангај), но брутално и индиректно беше внесена европската култура и секуларизмот во Кина – наспроти Зелениот змеј, Белиот лотус, будизмот, таоизмот, конфучизмот, чан, Синиот волк и други редови. Мајсторски е внесен либералниот капитализам (Фридман) во Кина со што „ментално се нивелира“ со западниот свет, иако ние „гледаме“ економски војни, тарифи и такви „естради“ на големите бизнисмени.
На крајот – ништо не кажавме за теолошките аспекти. А можеме ли? Смееме ли? Никој нема да го смени христијанството. Бог е еден кај сите религии и никаква моќ нема да го смени. Благослов е ако го смениме човекот, на добро, барем и малку. Тогаш и Бог ќе биде среќен
За време на нацизмот Хитлер имаше тенденција да ги анихилира сите религии (сите за него беа „Евреи“). Сепак тактизираше со Католичката црква преку папата Пиј Дванаесетти. Тактизираше и со муслиманите (Хаџ ел Хусеини). Мусолини имаше „пријателски“ однос кон католицизмот (на Ватикан му дал автономно подрачје), па дури и кон Евреите во прво време до 1938-39 (можеби и поради неговата „пријателка“ Маргарета Сарфати, која беше Еврејка и „мозокот“ на грандоманиите на Мусолини). Поради таа првична „благонаклоност“ многу Евреи се спасија и од Македонија, Косово и од Србија – преку албанските католици, а скопскиот католички бискуп Чекада им даваше шпански пасоши, за што беше застрашуван од Гестапо. Чекада по војната им беше голем пријател на Евреите, особено на моите родители. Загрепскиот кардинал велел: „Ако ви одземат сѐ, ви остануваат двете раце – склопите ги и вие сте најјаки“.
Инквизицијата била хорор во средниот век, а се применувала сѐ до Наполеоновите војни. Но во ужаси и логори имало такви што спасувале Евреи и по цена на животот. Католици сега има 1.313 милијарди во светот (Holy See Press Office 2019), но како и кај сите – со голема хетерогеност. Папата Франциск беше од „Societas Iesu“ – „Језуити“, во Јужна Америка, кои исто имале бурна еволуција.
Формирани се од Св. Игнациус Лојола и Св. Франциск Ксавиер во 1540 година. Лојола велел „носи го Бог сегде со себе“ или „сѐ што правиш е знак дека Бог е тука“ или „ако Бог прави да страдаш многу, тој сигурно од тебе ќе направи светец“. Примарна улога била да ги бранат папата и Ватикан, а неколкупати се и забранувани. Историски имаат најмалку три групи – експлоататори (мисионери во Јужна Америка, Азија итн.), научници (математичари, филозофи, физичари – на пр. Руџер Бошковиќ, Рене Декарт, Сачери) и војници (плус и многу секретивни разузнавачи). Некои велат (Никола Милошевиќ) дека имале улога и во комунизмот (малку податоци) и илуминизмот (алумбрадос – Лојоја во Шпанија и Баварските – Адам Вајсхауп во Германија). Некои карактеристики на језуитите се: ученост, храброст, лојалност, упорност, издржливост, фундаменталност, дружељубие, популизам. Папата Франциск Први велеше: „Направи… да го оставиш светот подобар од што го најде“. Потоа – „Бог е во животот на секого. Дури и ако животот му бил пекол, уништен од зло – Бог е во него. Барај го Бог кај секого“. „Прегрни го со љубов целото човештво, особено најсиромашните, најслабите и најневажните“.
Тоа беше папата Франциск – некогаш ме потсеќаше на Св. Франциск од Азизи, некогаш на императорот Маркус Аурелиус, а некогаш на Мајка Тереза. Мислам дека најголемата величина во него беше „невеличината“. Невеличината е микроскоп на душата.
Следниот папа сѐ уште е неизвесен. Кој и да е, треба да учи од Франциск. Во моментот на ова пишување има десетина кандидати – со различни профили, од сите краишта на светот, со различни сфаќања. Добро е да е интегралност, но најсетне ќе биде само еден. Несомнено е дека ќе биде величина. Но рековме дека величината е тајна на маленкоста… тоа се крие во длабините на религиите. Живее на површината, но ја бара длабочината на универзумот. Како ќе биде со религиите? Ако е, на пример, Африканец – како ќе гледа на конструкцијата Евреи – муслимани, која ќе му татни и во спалната и во капелата? Ќе навива за една страна? Мммммм…. може ли? Дали е ова среден век? Секако и сега има политичари од средниот век и антиката… тепачки, витези, крстови против полумесечини, или шадаи… ама тој не смее! Денес не смее! Ако биде – ова нема да биде среќен свет. А што со Русија, Кина…? Сѐ ми се чини дека со нив подобро ќе се разбере од порано. А со Биткоин, Етериум, Трим генератори… ќе мислат други, но тој ќе мора да го игра суперциклусот. Што ќе биде со бракот? Што со хомосексуалноста? Со ЛГБТ? Со абортусот? А педофилијата? Прашањата сигурно ќе бидат поставени. Мислам дека ќе биде сличен на Франциск – но не сум апсолутно сигурен. Дали ќе влијаат разузнавачките служби врз изборот и понатамошната функција? Бидете сигурни дека ќе биде така…. не сомневајте се, играта оди и сега, па одеше и за време на Франциск и пред тоа. Има и програми за тоа, дејствуваат над можностите за вашето мислење дури и ако сте најпаметниот.
Значи – сеедно дали папата е „црн или бел“ (изреката на Мао), важно е да дејствува. А уште поважно – да слуша! Како ќе биде со вировите (Украина, Балкан, Израел…)? Се знае! Украина мора да биде мир – не заради хуманоста, туку заради бизнисот од 10-от коридор (зборувавме порано). А Балканот? Франциск беше милостив и љубонаклонет кон Македонија. Прво има „мал круг“ (Македонија, Косово, Албанија), па „поголем“ (Хрватска-Србија, Романија, Бугарија, Грција), па и „уште поголем“… бизнисот мора да иде понатаму и понатаму од понатаму… Понатаму ЕУ версус поголемите кругови? Ќе може ли? Мора! На крајот – ништо не кажавме за теолошките аспекти. А можеме ли? Смееме ли? Никој нема да го смени христијанството.
Бог е еден кај сите религии и никаква моќ нема да го смени. Благослов е ако го смениме човекот, на добро, барем и малку. Тогаш и Бог ќе биде среќен.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио