Редица чудни феномени и дилеми отворија резултатите од пописот во Македонија. Она што е особено симптоматично е административното објаснување за „административно попишаните“, што не е доволно за разбивање на сомнежите за импликациите што можат да ги предизвика таа категорија на граѓани од 7,2 отсто, како новопојавен елемент во пописната статистика. Уште поголем збунувачки „феномен“ што произлезе од пописот се бројките за резидентното и нерезидентното население, при што процентот на нерезидентно (само)попишани Албанци е двојно (или дури тројно) поголем од нерезидентните Македонци во дијаспората?!

РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПОПИСОТ ОТВОРИЈА РЕДИЦА ДИЛЕМИ И ФЕНОМЕНИ

Објавувањето на резултатите од пописот во Македонија, спроведен во септември 2021, предизвика дебатен процес во македонската јавност, во смисла на логично толкување на податоците добиени од најсложената статистичка операција, која во земјава не беше спроведена 20 години. Од сегментите на пописот што предизвикаа општествена конфузија се оние „мистериозни“ 7,2 отсто „административно попишани“, за кои немало услови да се изјаснат за својата етничка и верска припадност. Од Државниот завод за статистика имаше објаснување дека тие 7,2 отсто се оние што не им отвориле врата на теренските попишувачи, па затоа е спроведено нивно евидентирање преку утврдување и споредба на податоци од регистрите на МВР и други институции што законски ги поседуваат податоците на граѓаните, но во нив не постои евиденција за етничката и верската припадност, зашто граѓанските права не се поврзани со овие субјективни елементи на самоидентификација. Сепак, административното објаснување за „административно попишаните“ се чини не е доволно за разбивање на сомнежите за импликациите што може да ги предизвика таа категорија граѓани од 7,2 отсто, како новопојавен елемент во пописната статистика.

Пописниот податок од 7,2 отсто отворен простор за злоупотреба на соседните пропаганди

Адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, изразува сомнеж дека токму овие 7,2 отсто административно попишани можат да бидат користени како аргумент и алиби за политички инженеринг на „домашни и странски ‘елити’ што сакаат да ги разнебитат македонскиот народ и македонската држава“.
– Не верувам во резултатите од пописот и нивниот кредибилитет! Начинот, постапката, методологијата што е користена при попишувањето, како и лицата што го спроведоа, се далеку од принципот на непристрасност и објективност, кој треба да ја карактеризира оваа операција. Но сега е веќе доцна!
Спроведениот „политички инженеринг“ од пописните резултати може да им користи само на оние домашни и надворешни „елити“ што сакаат да ги разнебитат македонскиот народ и македонската држава. Резултатите што се сега достапни во јавноста се најдоброто алиби што и тоа како ќе биде употребено во наредниве десет години за редефинирање на она што остана од македонската држава и македонскиот народ. Но во правец на нивно уништување или бришење.
Ако зборуваме со факти и бројки, интересно е да се види како бројот на Македонците во Пиринска Македонија се намалува при нивниот последен попис, а бројот на Бугарите во Македонија се зголемува или расте. Тоа значи дека некој сака да ги поистовети овие две појави и да изврши промени во Уставот, но не во Бугарија, туку во Македонија.
Процентот на административно попишани од 7,2 отсто е дополнителен аргумент што соседните пропаганди во наредниот период ќе го искористат многу добро и од Македонците како жртви на кои не им се признаваат основните човекови права на себеизразување, ние, Македонците, ќе бидеме претставени како извршители што не ги почитуваат основните човекови права, со тоа што 7, 2 отсто од населението се плаши да се изјасни за својата етничка припадност. Тоа можат да бидат Грци, Власи, Бугари или Срби, а можат да бидат и Албанци и Турци. Оваа појава може да биде користена од секого, во зависност какви интереси има, за жал – го согледува овој аспект на пописните резултати адвокатот Тони Менкиноски.

Чуден феномен кај нерезидентното население

Уште еден збунувачки „феномен“ што произлезе од пописот е поделбата со идеја за „обединувачко единство“ на резидентно и нерезидентно население. А дополнителна нелогичност што бара објаснување е како се случи и дали е симптоматично што процентот на нерезидентно (само)попишани Албанци со македонско државјанство е двојно (или дури тројно) поголем од нерезидентните Македонци во дијаспората. Имено, од нерезидентното население опфатено со пописот, 24,45 отсто се Македонци, 66,36 – Албанци, 4,79 – Турци, 1,02 – Роми, 0,19- Власи, 0,35-Срби и 0,81- Бошњаци.
Според Ана Дукоска, претставничка на македонската дијаспора од САД и на движењето „Ние сме Македонија“, повеќе фактори влијаат за подгревање на сомнежот во релевантноста на пописниот процес спроведен во дијаспората.
– Нерезидентното население (кое апсолутно никој во светот не го попишува посебно, туку го забележува од официјалните податоци во пописите на другите земји) беше попишувано електронски, на софтвер изработен од бугарска фирма, кој беше цел на многубројни хакерски напади, па беше нефункционален неколку дена, што придонесе за зголемување на сомнежот во релевантноста на целиот процес и уште поголемо разочарување и зголемена недоверба во институциите што го организираат. Ниту една земја во светот не ги брои своите државјани што живеат во други држави повеќе од 12 месеци. Според методологијата на „Еуростат“ и на Обединетите нации, попис се спроведува само на резидентно население (дефиниција: државјани со постојано живеалиште во државата, државјани што живеат во странство не повеќе од 12 месеци и странци што живеат во државата повеќе од 12 месеци со регулиран статус). САД ми се постојано живеалиште веќе 15-та година и, следствено на тоа, јас учествувам во пописот на САД, каде што имав можност да се декларирам како Македонка. Сакам да верувам дека и други Македонци што живеат во САД, на пописот во 2020 се декларираа како Македонци, па би можеле оттука да добиеме официјален податок – колку Македонци живеат во САД. (До моментот кога го пишував ова не најдов таков податок) – пишува Ана Дукоска на социјалните мрежи, во пресрет на објавување на резултатите од пописот во Македонија, нагласувајќи дека „дури и врапчињата се свесни дека во Македонија пописот е политичка операција и лицитација со бројки за зголемување/унапредување колективни права на други етнички групи на сметка на уставотворната нација“.
Адвокатот Тони Менкиноски одговорот за таквиот симптоматичен резултат на пописот кај нерезидентното македонско население го гледа во неединството на Македонците.
– Неединството на Македонците кон ова прашање е причината за ваквиот резултат! За некои работи треба да се гледа малку подалеку во иднината и да не се тргува со националните интереси за задоволување нечии лични и дневни потреби. Треба да се има љубов и почит кон својот народ и држава – смета Менкиноски.