Има поединци што и натаму веруваат дека уставните измени се единствениот начин земјата да зачекори по европскиот пат и се цврсто убедени дека ќе се случи
некакво чудо и дека до 2030 година Македонија би можела да стане дел од ЕУ. Од друга страна, тој оптимизам не го делат некои од дипломатските претставници во
земјава, за кои не само што 2030 година е нереален датум туку уште повеќе се нереални очекувањата дека во следните неколку години ќе бидат постигнати некакви резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата и градењето
функционални институции, најмногу затоа што не гледаат политичка волја за такво нешто
Вицепремиерот за европски прашања има противречни ставови со дипломатските претставници
Последните случувања во државата покажаа дека наместо фокусирање на уставни измени и лицитирање со датуми кога Македонија би можела да стане членка на Европската Унија, крајно време е да се направи целосен ресет на системот и да се почне со вистински реформи што ќе овозможат квалитетен живот за граѓаните и враќање на довербата во институциите.
Но има поединци што и натаму веруваат дека уставните измени се единствениот начин земјата да зачекори по европскиот пат и се цврсто убедени дека ќе се случи некакво чудо и дека до 2030 година Македонија би можела да стане дел од ЕУ. Еден од нив е вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој и натаму е оптимист дека во следните шест години Унијата ќе се реформира, ќе го промени начинот на одлучување и на тој начин ќе се олесни приемот на нови членки.
– Граѓаните ќе почувствуваат како е да се биде дел од Европската Унија многу порано од предвиденото. До 2030 година можно е да се реформираат некои правила во ЕУ за да се примат нови членки и дотогаш можно е да се реформираат нашите држави за да бидат подготвени за членство. Битно е да имаме цел, затоа што ако се пропушти овој момент, понатаму може да сметаме само на пораст на национализмот – порача вицепремиерот Маричиќ, говорејќи на конференција организирана од фондацијата „Калеви Сорса“ на темата „Гледање напред кон земјите на Западен Балкан во ЕУ, искористување на моментумот за проширување“.
Според вицепремиерот, скринингот завршува следната недела и бидејќи, како што вели, сме ги исполниле сите услови за отворање на преговарачките поглавја, ќе заглавиме само затоа што не сме ги направиле уставните измени.
Сепак, тој оптимизам не го делат некои од дипломатските претставници во земјава, за кои не само што 2030 година е нереален датум туку уште повеќе се нереални очекувањата дека во следните неколку години ќе бидат постигнати некакви резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата и градењето функционални институции, најмногу затоа што не гледаат политичка волја за такво нешто.
– Многупати во јавноста кажав дека ова прашање не е важно. Целата оваа опседнатост со уставните измени само дефокусира од неопходните реформи – вели холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.
Тој додава дека Македонија не била спречена од никого сиве овие 30 години да си ги направи внатрешните реформи и дека нема причини само да се бараат некакви изговори за тоа.
– Како е можно во 1991 година, кога пропадна СССР, животот во сите овие земји, од Естонија до Бугарија, беше многу потежок отколку во поранешна Југославија и, сепак, тие успеаја уште пред 15 години да станат членки на ЕУ, а државите што ја сочинуваа Југославија не. Тоа прашање сè уште се поставува. Во меѓувреме, напредокот во реформите е закочен и тажната работа е дека сите го знаат тоа. Но, сепак, ќе ви дадам неколку примери, има неприфатлив политички притисок во процесот на избор на јавни обвинители, има неприфатлив политички притисок во процесот на избор на кандидати за Судскиот совет, има неприфатлив политички притисок врз судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд… Сетете се на изборот на контролори на летање во Скопје, кој беше под надворешен притисок. Зошто има недостиг од соодветни обвиненија по наодите на антикорупциската комисија и државниот ревизор? Ги имавме сериозно сомнителните процедури околу коридорот 8, го имаме хаосот во Судскиот совет, а и неодамнешните амандмани на Кривичниот законик, со кои фактички се уништија предмети поврзани со корупција на високо ниво, исто така и ретроактивно, вклучувајќи и предмети на СЈО и во иднина ќе овозможат корумпирани криминалци да заминат слободни. Сето тоа се натрупува… Моето прашање е каква врска има ова со Грција, со Бугарија или со ЕУ? Одговорот е – никаква. Ова се работи што се случиле тука, никој однадвор не треба да се обвинува за тоа – истакна Коп.
Холандскиот амбасадор, говорејќи во интервју за „360 степени“, посочи дека мора да се промени менталитетот, за да не се случува изговорите за неспроведените реформи, за високата корупција и за нефункционалните институции да се бараат во уставните измени.
– Најитната работа што е потребна е да се смени менталитетот. Земјата навистина треба да сака да стане членка на ЕУ, навистина мора да е справи со корупцијата. Без тоа напредок во која било област е невозможен. Мислам дека би бил добар совет за земјата да биде исклучително внимателна во зачувувањето на својата прореформска демократија, заштита на слободата на говорот, да ја зачува релативната независност на медиумите… Без овие работи каков било напредок не е можен. Што друго треба да направи земјата, зависи од С. Македонија, таа е суверена земја и од неа зависи кои се нејзините приоритети. Таа вели дека сака да е членка на ЕУ и затоа треба, во таа рамка, прецизно да ги одреди приоритетите. Јасно е дека за Холандија најголема загриженост е владеењето на правото, но на крајот ова е ваша, а не наша земја – заклучи Коп.
И голем дел други странски дипломати не го делат оптимизмот на вицепремиерот Маричиќ околу можноста Македонија во 2030 година да стане членка на ЕУ, па дури и да ги направи уставните измени.
– И без уставните измени можат многу работи да се направат внатре за земјата да стане пореспектабилен партнер во очите на ЕУ. Точно е, тие се услов за отворање на преговарачките поглавја, но суштинските работи, особено оние опфатени со првиот кластер „фундаменти“, едноставно ги нема и тоа е многу поголем проблем од уставните измени – констатираат некои од дипломатските претставници во земјава.