Во историските архиви Ванчо Михајлов останува запаметен како поддржувач на фашизмот, соработник на усташката организација и на нацистичка Германија, но и како нарачател и индиректен извршител на многубројни политички убиства на македонски дејци. По негова наредба меѓу убиените се Димо Хаџи Димов (истакнат борец за независна Македонија и соработник на Гоце Делчев) и Тодор Паница (приврзаник на Јане Сандански), еден од организаторите на Народната федеративна партија и еден од основачите на ВМРО (обединета). Но во современата македонска историја останува еден недоволно познат настан што се случил на 18 мај 1925 година, во пиринското село Дабница
Од историските архиви
По убиството на Тодор Александров и крвавите горноџумајски атентати во 1924 година, во пиринскиот дел на Македонија настанува криза во македонското револуционерно движење, биле ликвидирани водечки македонски дејци, а ВМРО се поделила на две организации ВМРО (автономистичка) и ВМРО (обединета). По убиството на Александров, неговиот секретар Ванчо Михајлов и член на Централниот комитет (ЦК) на ВМРО, како и Александар Протогеров презеле активности за преземање на револуционерната организација. Веднаш по убиството на Александров биле преземени енергични мерки за мобилизирање на членството и воспоставување контрола над вооружените сили, кои биле искористени за ликвидација на идејните приврзаници.
За крвавите настани што следувале, Марсел Валтер истакнува: „Под изговор на одмазда за убиството на Тодор Александров… се организира една Вартоломејска ноќ во Горна Џумаја и по целиот Петрички округ. Беа убиени 160 македонски револуционери, меѓу кои и најактивните работници на ВМРО. Беа убиени: Димо Хаџи Димов, Чудомир Кантарџиев, Ал. Бујнов, Арс. Јовков, Стоју Хаџиев, Славчо Ковачев и други. Тие револуционери беа убиени за да се обезглави, да се скрши движењето што го беше опфатило целиот македонски народ… Тие беа убиени бидејќи новата ориентација на македонското револуционерно движење, високо прокламирано со Манифестот, го застрашуваше постоењето на сите балкански реакционерни и фашистички влади…“.
За ова крвава состојба пишува и Божидар Настев (македонски преведувач, универзитетски професор и поранешен декан на Филолошкиот факултет во Скопје), според кого, ВМРО се „стави безрезервно во служба на бугарскиот двор и на неговите стремежи за создавање на санстефанска Бугарија и претставуваше посебна форма на терористичка дејност среде македонските маси.“
Ванчо Михајлов презел активности и против приврзаниците на Тодор Паница во пиринскиот дел на Македонија. Оттука Михајлов во април 1925 година презел голема акција. Од страна на месние чети на организацијата, предводени од Јордан Ѓурков и Георги Настев, во селото Дабница биле одвлечени над 300 души и три месеци, од април до јуни, биле подложени на крвави репресалии пред очите на месните државни, административни и воени власти.
Според архивските документи, бројот на жртвите од оваа крвава акција изнесувал од 50 смртни пресуди, според признанието на самиот Михајлов, до 165 души, според пишувањето на Б. Видов, врз основа на лично спроведена анкета во Неврокопско. Како последица на жестоката инквизиција починале 200 души, а поголем број биле интернирани надвор од границите на пиринскиот дел на Македонија, што се потврдува од едно доверливо писмо потпишано од Р. Дејанов, псевдоним на Ванчо Михајлов, од 10 јули 1927 година.
Крвавиот настан во селото Дабница широко одекнал во бугарската јавност и наишол на отворена реакција и кај македонските емигранти во Бугарија. Крвавиот чин бил осуден и од самиот Александар Протогеров. Последниот протестирајќи против самоволието на Михајлов во егзекутирањето на населението од Неврокопско без негово знаење, побарал смртните пресуди да ги потврдува Централниот комитет, a не Михајлов.
Меѓу убиените биле Георги Папалезов, Никола, Ст. Ушев од Грмен, Никола Тодоров, Ив. Донков, Георги Чонев, Стојан Пандуров, Димитар Ангелов Мутафчиев, Стојан Попиванов и други. Неколку години подоцна, очевидци потврдиле дека локацијата на масовната гробница се наоѓала во близината на селото Хвостјане, Неврокопско. Телата на погубените биле пронајдени во необележана гробница во месноста Кавак Дере, во нивата на еден селанец, при што со откопувањето се утврдил број на околу триесетина човечки трупови.
Ванчо Михајлов ги оправдувал своите постапки со зборовите: „Секое револуционерно движење, а и секоја легална партија презема мерки и наложува санкции против оние свои членови, коишто не ги почитуваат правилата за однесување. Слични мерки преземаат и сите држави и општествени заедници, посебно во време на војна; ја приложуваат и смртната казна, иако располагаат со затвори.“
Меѓутоа поради крвавите убиства и дела, Ванчо Михајлов во македонската историска наука останува запаметен како најцрната личност во историјата на македонското револуционерно движење, како личноста што ги ликвидираше највидните македонски национални дејци. Д.Ст.
Крвавата куќа од Дабница
Казните и проследувањата биле спроведени во т.н. Арнаутска куќа, која била една од ретките преродбенски куќи што биле зачувани во селото. Била на два ката со внатрешен двор, кој бил ограден од висок камен ѕид со масивна врата. Во дворот имало печка за вар, како и печка за тули. На приземјето биле шталите, а над нив дневните соби. Поради крвавите настани од 1925 година, станала позната како Крвавата куќа. Во 1974 година, бугарската држава делумно ја реставрира, а во 1980 година целосно се реставрира и е претворена во музеј. По 1989 година, музејот бил затворен, а куќата урната. Со затворањето на музејот, како и со рушењето на куќата, бугарското општество дозволи да се релативизираат ликот и делото на Ванчо Михајлов во современата историја, но пред сѐ да се затскријат неговите недела врз македонскиот народ во пиринскиот дел.