Секоја година Бугарија го одбележува 3 Март како свој национален празник. Тоа е, всушност, датумот кога е потпишан договорот од Сан Стефано, кој во својата суштина го отсликува бугарскиот иредентизам што се стреми кон припојување туѓи територии кон бугарската држава. Токму овој неизживеан сон за голема Бугарија и нејзините вековни претензии кон Македонија може да се почувствуваат и препознаат и денес во бугарската политика кон нашата држава.
За националистичката политика на Бугарија кон Македонија, Крсте Петков Мисирков има кажано: „Бугарските влади една по друга во коренот ја уништуваа можноста за создавање автономна Македонија… Софија не можеше и не сакаше да ги разбере интересите на Македонија. Во Софија само мислеа за голема Бугарија, за санстефанска Бугарија“
Што прославува Софија на трети март
Секоја година Софија го одбележува Трети март како свој национален празник, односно како Ден на ослободувањето на Бугарија од Османлиската Империја. Како датум за прослава е избран денот кога е потпишан Санстефанскиот мировен договор, со што заврши Руско-турската војна од 1877-1878 година. Но Санстефанскиот договор е контроверзен настан бидејќи бугарскиот иредентистички и шовинистички политички концепт за голема Бугарија (санстефанска Бугарија) се гради токму врз одлуките на споменатиот договор од Сан Стефано.
Санстефанска Бугарија
Царска Русија, водејќи грижа за сопствените геополитички интереси, ја принудува Османлиската Империја да прифати создавање една голема држава, во која требало да влезат териториите на историските и географските области Бугарија, Тракија и Македонија, без да се земат предвид етничките, јазичните и културните особености на споменатите области.
Санстефанскиот договор никогаш не бил реализиран и бил ревидиран со Берлинскиот конгрес од 1878 година, со што предвидената бугарска држава никогаш не заживеала. Меѓутоа, санстефанска Бугарија се преобрази во суштината на бугарскиот иредентизам, кој се стреми кон припојување туѓи територии кон бугарската држава, притоа како аргумент се користи наводното етничко, јазично, историско и културното единство помеѓу населението што ја населува замислената голема Бугарија.
Што точно прославува Софија на трети март?
Повеќе историски извори и автори ја определуваат суштината на санстефанскиот националистички иредентизам. Михаил Думбалков истакнува дека над бугарските партиски „стоел еден лозунг околу кој немало недоразбирања, тоа била санстефанска Бугарија. Меѓу Дунав и Стара Планина почнало слободно да суштествува третото бугарско царство.“ Според истиот автор: „Во еден циклон на епохални борби кнежеството работеше да оствари еден идеал – слободата на бугарството. Првата етапа била реализирана во 1885 година со обединувањето на северна и јужна Бугарија.“ Думбалков исто така вели дека „бугарството со силата на оружјето во неколку војни требало да ги постигне и заокружи идеалите. За епохата, којашто им претходеше на војните, еден идеал ги импулсираше боречките сили и го подготвуваше духот на Бугаринот… за вооруженото завојување на последната етапа кон… племенското единство.“
Во 1908 година, весникот „Одрински глас“ ја објавува статијата „Прославата на бугарската вооружена пропаганда“, во која се вели: „Врховизмот – тоа е спроводник на бугарските националистички претензии; неговата крајна цел е санстефанска Бугарија; на автономијата тој гледа само како на преодна форма и како на средство за надмудрување на непријателските посегања на останатите фактори по македонското прашање; разбирајќи го македонскиот проблем како бугарско – националистички, тој секогаш бил во полна услуга на врховните диригенти на бугарската политика.“
Што говореше и пишуваше Крсте Петков Мисирков за санстефанска Бугарија?
Крсте Петков Мисирков во својата статија „Македонскиот и бугарскиот национален идеал“ објавена во „Македонски глас“, 1914 година, вели: „Мошне важно прашање за сите приврзаници на автономијата на Македонија, како и за нејзините противници, се јавува прашањето: кои се и што претставуваат Македонците што се борат за независноста на Македонија? Од кои луѓе се состои лагерот на приврзаниците на автономијата… Врз што тие ја засновуваат својата борба за македонскиот национален идеал? Кои се нивните непријатели во Македонија и на Балканот и дали движењето е национално или политичко?“
Анализирајќи ги овие прашања, Мисирков истакнува: „Единството и автономијата на Македонија – ете го идеалот на Б. Сарафов; зграбувањето на цела Македонија од Бугарија или барем нејзина поделба помеѓу Бугарија и Србија со присоединување на поголемиот дел од Македонија кон Бугарија – ете го идеалот на бугарските националисти.“
За националистичката политиката на Бугарија кон Македонија, Мисирков вели: „Бугарските влади една по друга во коренот ја уништуваа можноста за создавање автономна Македонија… Софија не можеше и не сакаше да ги разбере интересите на Македонија. Во Софија мислеа за голема Бугарија, за санстефанска Бугарија, без оглед на тоа какви земји ќе влезат во составот на таа санстефанска Бугарија.“
Крсте Петков Мисирков заклучува дека иако „Бугарија од Сан Стефано не била реализирана, оставила силен впечаток меѓу Бугарите. За Бугарите санстефанска Бугарија останала призната и нереализирана цел. Оттогаш е сон на целата бугарска нација.“