Опцијата на отворени изборни листи претставува можност за гласачите, покрај одлуката за една изборна листа, да имаат право да заокружат и одреден кандидат од таа листа. Постојат повеќе модели на т.н. преференцијално гласање, во зависност од кои гласачите ќе можат да се одлучуваат за преферирање од двајца до сите кандидати на листата
Речиси неизбежно на темата за една изборна единица се надоврзува и онаа за отворени листи, па во јавноста сѐ повеќе се создава мислење како најдобар, односно најдемократски начин за граѓаните директно да ги изберат вистинските, компетентни личности и низ еден компетитивен политички изборен процес да се намали влијанието на партиските лидери во составувањето на изборните листи.
Повеќе варијанти на отворени листи
Опцијата на отворени изборни листи претставува можност за гласачите, покрај одлуката за една изборна листа, да имаат право да заокружат и одреден кандидат од таа листа. Постојат повеќе модели на преференцијално гласање, во зависност од кои гласачите ќе можат да се одлучуваат за преферирање од двајца до сите кандидати на листата.
– Пред каква било одлука, треба да ни биде јасно дека за примена на преференицијално гласање во изборниот систем е потребно еманципирано гласачко тело. Постојат многу варијанти и модели на преференцијално гласање, односно на изборниот принцип со отворени листи. Можностите за влијание на гласачите во редоследот на кандидатите на листата ќе бидат утврдени според изборниот модел што ќе биде прифатен. И покрај моделот на отворени листи, би можело да биде утврден фиксен бројот на пратеници што ќе добијат мандати според редоследот што го понудиле партиите. На пример, 50 отсто од добиените мандати ќе им припаднат на оние кандидати за кои одлучила партијата, другите 50 отсто според процентот на преференцијални гласови од избирачите. Друг пример би можел да биде начинот на кој се спроведуваат парламентарите избори во Грција. Таму се применува пропорционалниот модел, со тоа што партијата што добила најмногу гласови на изборите автоматски добива плус 25 мандати, со што се олеснува формирањето влада. Навистина постојат многу модели на гласање со отворени листи – појаснува аналитичарот Петар Арсовски.
– Изборните модели треба да овозможат ефикасност на изборите и правична застапеност на волјата на гласачите. Една изборна единица со отворени изборни листи, секако, претставува поголема демократичност на изборите и поголема застапеност на волјата на гласачите, но, од друга страна, ја комплицира ефикасноста во постизборното составување влада – истакнува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Сепак, Арсовски констатира дека на големите партии во Македонија им одговара досегашниот изборен модел (пропорционален со шест изборни единици) и дека се секогаш во добивка со примената на Донтовиот модел на пресметка на гласовите.
Пратеникот Аребр Адеми од ДУИ, претседател на собраниската комисија за европски прашања, изјави дека ако се дојде до консензус за формирање една изборна единица тогаш ќе мора да има и отворени изборни листи. Притоа Адеми нагласува дека тоа е став на ДУИ.
– Ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за отворени листи и праг од пет отсто. Ние сме отворени да дискутираме за сите предлози водејќи се од аргументите. Денеска не зборувавме на оваа тема, немаше материјална расправа за предлозите. Оваа работна група не е формирана исклучиво само за ова прашање за измена на моделот на изборите, туку и за други прашања. Така што, ете, априори ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од 5 отсто. Но ќе се воздржам за дополнителни коментари оставајќи простор да дискутираме конструктивно во рамките на работната група – рече Адеми.
– Во секој случај, отворените листи се прифатлив систем. Привлечно е да се зборува за отворени листи. Но никој од политичките субјекти во Македонија не го има проучено тој систем. Можеби отворените листи треба прво да се тестираат на локални избори, за советите на општините. Една изборна единица и отворени изборни листи одеднаш би бил преамбициозен исчекор за изборни реформи. За почеток е најпрепорачливо да ги видиме прво резултатите, односно како функционира моделот една изборна единица – смета Павле Трајанов.