Повеќе од јасно е дека по последниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ) на Бугарија одново се рециклирани старите добро познати негаторски тези во однос на Македонија. Со други зборови, Бугарија наместо на отстранување, како да дејствува во насока на цементирање на ветото кон
нашата држава, со намера за целосно бришење на Македонците

Повеќе од пет часа траеше последниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ), на кој бугарскиот државен врв ја утврдуваше позицијата што ќе ја заземе во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, при што беа донесени неколку заклучоци што упатуваат на тоа дека Софија во идниот период ќе се обиде да го извлече максимумот од македонските власти. Во рамките на дискусијата беа донесени седум заклучоци, кои веднаш по состанокот на КСНБ ги соопшти бугарскиот претседател Румен Радев, според кого четири години по потпишување на Договорот за пријателство и добрососедство, од 2017 година, Македонија не ги исполнила и не дава никакви гаранции дека ќе ги исполни одредбите во овој документ. Но што, всушност, содржат заклучоците на бугарскиот совет за безбедност и дали во некои од нив се кријат и одредени замки за Македонија?
Ако се направи една анализа на донесените заклучоци, некои од нив се прифатливи и со ништо не се спорни за обете страни, бидејќи се говори за општи одредби за подобрување на соработката и односите во различни области.
Така, некои точки во заклучоците предвидуваат воспоставување структуриран дијалог меѓу парламентарните комисии и групите за пријателство од двете земји, забрзување на изградбата на Коридорот 8 како единствен проект што ќе опфати автопатско, железничко, енергетско и дигитално поврзување, формирање мешани работни групи по области опфатени со Договорот за пријателство и соработка, подготовка на акциски план со мерки за постигнување напредок во сите области на билатералните односи меѓу Бугарија и Македонија, како и следење на исполнувањето на точките од Договорот за пријателство и соработка.

Бугарија не отстапува од рамковната позиција и декларацијата на Народното собрание

И додека за пет заклучоци соопштени од претседателот Радев нема дилема дека ќе придонесат за подобрување на односите и врските меѓу двете земји и двата народа, сепак првите два заклучока не оставаат многу простор за оптимизам дека Бугарија ќе го отстрани ветото за македонските евроинтеграции и ќе отстапи од своите веќе познати уцени и барања кон Македонија.
– Во спроведувањето на надворешната политика на државата, Советот на министри треба да ја исполни националната позиција на Бугарија, како согледување на тврдењата произлезени од Договорот од 2017 година, рамковниот став од 2019 година и декларацијата на 44. Народно собрание – истакна Радев, соопштувајќи го првиот заклучок усогласен на состанокот на КСНБ.
Колку за потсетување, токму во овие документи што ги посочи Радев се содржани елементи што длабоко задираат во историјата и идентитетот на македонскиот народ, односно со нив се бара откажување од македонизмот.
Во декларација од 2019 година се бара доследно спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, строго придржување до членот 8 од Договорот дека „објективните, автентични, историски извори се засновани на докази за научно толкување на историски настани“, откажување од македонското малцинство во Бугарија, рехабилитација на жртвите репресирани поради бугарска самосвест, неспоменување на македонскиот јазик, туку негово ословување според Уставот на РСМ, промена на учебниците во кои се споменува бугарски фашистички окупатор, заштита и одржување на бугарските споменици во земјава.
Македонското собрание минатата година изгласа Резолуција во која се заштитуваат националните позиции на македонскиот народ и држава и во која јасно се нагласува дека во однос на посебноста на македонскиот јазик и идентитетски обележја на македонскиот народ нема простор за отстапки ниту може да биде предмет на преговори.
Во вториот заклучок од КСНБ очигледно е испратена директна порака до бугарскиот премиер Кирил Петков по неговите изјави дека проблемот може да се надмине за шест месеци.

– Давањето согласност за почеток на пристапните преговори за членство на РСМ во ЕУ да не се врзува со рокови, туку со постигнување реални резултати, вклучувајќи и во однос на правата на македонските Бугари – истакна Радев.
Сето ова, искомбинирано со првата препорака, во која се бара од Владата да ги почитува барањата од Договорот за добрососедство, декларацијата на 44. Народно собрание и од рамковната позиција од 2019 година, упатува на подоцнежното ретерирање на Петков од првичниот оптимизам за брзо решавање на спорот.
Во третиот заклучок има момент што сега е поинаку формулиран и кој остава простор динамиката на спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство да се следи во текот на преговарачкиот процес.
– Извршната власт да продолжи да работи за известување за спроведувањето на Договорот (за добрососедство, н.з.) од 2017 г. во преговарачкиот процес на РСМ во ЕУ – се вели во овој заклучок.
Тука е евидентно дека терминот „преговарачка рамка“ сега е заменет со „преговарачки процес“, што подразбира дека Бугарија би можела спроведувањето на Договорот за добрососедство да го следи и во текот на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, а не како досега тоа да биде услов за усвојување на преговарачката рамка.
Како и да е, повеќе од извесно е дека во заклучоците што ги соопшти Радев нема некакво сериозно поместување на тврдите, би рекле, криминални бугарски позиции кон Македонија, од која се бара да ги жртвува својот идентитет, историја и јазик.

Домашните аналитичари не гледаат простор за оптимизам

За некои од познавачите на состојбите, заклучоците на бугарскиот КСНБ се повеќе од јасни и недвосмислени и не покажуваат никакво позитивно придвижување во насока дека Бугарија би можела да го тргне ветото.
– Бугарија си има декларација и не отстапува од неа. Никој не ја отповикал таа декларација. Ние постојано ја правиме истата грешка, наместо да го читаме она што точно ни го порачува Софија, ние читаме онака како што нам ни одговара. Бугарите се кристално јасни што сакаат и што бараат, проблем е ние што правиме – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски.
Според него, ако има какво било придвижување во однос на Македонија, во Бугарија ќе падне Владата.
– Петков не доби мандат да го решава проблемот со Македонија, туку да се справува со состојбите таму. Тој треба таму да се докаже, зад него е една млада партија, која сè уште не е етаблирана на тамошната политичка сцена и нормално е да сака во други области да покаже резултати. Ако веднаш се зафати да го решава спорот со Македонија и се сопне уште на почетокот на мандатот, тогаш буквално како да си пука во нога. Тој на почетокот само сакаше да даде позитивни сигнали и сигурно нема намера да влегува во нешто што може негативно да му се одрази – категоричен е Боцевски.
Поранешниот вицепремиер смета дека мора да се гледаат сурово работите и да не се прават некакви илузии дека Бугарија омекнала.
– Штом има точка каде што се споменува декларацијата на Народното собрание, нема простор за оптимизам, другото е само обланда. Ако тоа е прва точка, нема што понатаму да се чита и толкува. За сѐ друго, за железница, патишта, друга соработка, се зборува веќе 30 години и тоа не е спорно. Ова е само уште една потврда на старите бугарски позиции – заклучува Боцевски.


Одложена посетата на бугарскиот премиер на Македонија

Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје е одложена на неопределено време, откако тој заврши во самоизолација поради контакт со позитивен на ковид-19, кој го имал за време на завчерашната средба на Консултативниот совет за национална безбедност во Софија.
БНТ, повикувајќи се на соопштение на прес-центарот на бугарската влада, појасни дека од Владата им било појаснето дека посетата на Петков на Скопје не се откажува туку се одложува, без да се прецизира датум.
Освен премиерот Петков, во самоизолација е и бугарскиот претседател Румен Радев поради контакт со спикерот на Националното собрание, Никола Минчев, кој е позитивен на коронавирус.
Главниот државен здравствен инспектор на Бугарија, Ангел Кунчев, објави дека сите учесници на Советот за безбедност се во самоизолација.


Борисов: Радев му одзеде секаков простор за маневар на Петков

Поранешниот бугарски премиер и лидер на опозициската партија ГЕРБ, Бојко Борисов, по завчерашната средба на Советодавниот совет за национална безбедност оцени дека претседателот на државата Румен Радев му оневозможил каков било маневарски простор на премиерот Кирил Петков, пренесува софиски „Труд“.
– Договорот за добрососедство со Република Северна Македонија е толку прецизен и јасен во секоја област што едноставно треба да се спроведе од двете страни. Советодавниот совет за национална безбедност (НСС) беше непотребен, тој само го покажа тоталниот хаос во кој се наоѓа државата. Порано ние имавме огромна желба Бугарија да им помогне на нашите соседи. Вчера претседателот Радев му одзеде секаква можност за маневар на премиерот Кирил Петков – рече Борисов.