Енергетската криза го покажува вистинското лице, крајно време е за конкретни контрамерки
Она што неколку дена се најавуваше во јавноста, завчера конечно и се случи. Во кризни времиња за државата, неопходно е сите политички сили во земјава да ги стават на располагање сите свои интелектуални, мисловни и творечки капацитети, со единствена цел наоѓање решенија што ќе обезбедат постабилна и нешто поевтина зима за домаќинствата и за стопанството, односно ублажување на состојбата во која се најде земјата поради екстремно високите цени на енергентите и неможноста тие да се обезбедат навреме
Последиците од енергетската криза веќе почнаа да се чувствуваат, особено меѓу поголемите компании, кои соочени со високите цени на енергентите на светските берзи најавуваат дека ќе бидат принудени да го запрат производството и да ги отпуштат вработените доколку државата не најде начин како да им помогне да ја надминат кризата.
Со слични стравувања се соочуваат и домаќинствата, кои без оглед што претходно инвестираа во инвертори и печки на пелети поради поеколошко и поекономично греење, сега се изложени на дополнителни трошоци за набавка на нови печки на дрва, како и на огревно дрво.
Сето ова најдобро говори дека ѓаволот ја однел шегата и дека времето за нагаѓање решенија одамна помина, а сега е момент за трезвеност и спасување на она што може да се спаси.
Заеднички обид на политичките фактори да се најдат модуси за пребродување на кризниот период за македонското стопанство и за домаќинствата
Во таа насока е и вчерашната средба на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со премиерот Димитар Ковачевски, во обид заеднички да се најдат модуси како оваа зима македонското стопанство и домаќинствата да не бидат изложени на огромни трошоци и да го издржат овој прв налет на енергетската криза, која повеќе од очигледно ќе трае и во следните години. Она што неколку дена се најавуваше во јавноста, конечно завчера и се случи. Во кризни времиња за државата, неопходно е сите политички сили во земјава да ги стават на располагање сите свои интелектуални капацитети, со единствена цел наоѓање решенија што ќе обезбедат постабилна и нешто поевтина зима за домаќинствата и за стопанството, односно ублажување на состојбата во која се најде земјата поради екстремно високите цени на енергентите и неможноста тие да се обезбедат навреме.
Опозицијата стави на маса три предлога за кои смета дека би можеле донекаде да ја ублажат целата ситуација и да донесат заштеда во државниот буџет, односно со нив да се обезбеди поевтина електрична енергија од таа што е на берзите, а со што ќе им се помогне на граѓаните, на стопанството и на државата.
Првиот предлог предвидува да се стапи во контакт со компании што опозицијата ги посочила, а кои се подготвени да обезбедат значително поевтин ресурс за ТЕЦ „Неготино“. Цената по која тој ресурс ќе биде донесен до ТЕЦ „Неготино“, зголемена за трошоците на производство на тој ресурс, ќе даде цена на електрична енергија што ќе биде најмалку двапати помала од таа што во овој момент е на берзите. Предлогот е оваа електрична енергија да му се отстапи на стопанството и да се спасат илјадници работни места, оти компаниите едноставно не можат да ја платат берзанската цена на електричната енергија.
Несомнено, ситуацијата е многу посериозна од впечатокот што го имаат обичните граѓани. Доказ дека тоа е така се и големиот број предлози и иницијативи за ублажување на последиците од енергетската криза што пристигнуваат од сите страни. Во таа насока, „Нова Македонија“ сака да ги охрабри сите оние стручни експерти што имаат познавања и идеи како да се заштеди енергија и да се најдат решенија за енергетските предизвици, токму сега да понудат сопствени концепти за тоа како ја гледаат енергетската иднина на својата земја. Од секоја идеја може да произлезе нешто добро, така што време е за целосна општествена и интелектуална мобилизација
Втор предлог е преку измени на Законот за енергетика за мигрирање на сите јавни претпријатија од слободниот на регулираниот пазар, како и на сите објекти од образованието и од здравствениот систем, со единствена цел парите да останат кај граѓаните и кај стопанството, наместо да одат кај трговците со струја од увоз.
Во третиот предлог се нуди концепт како в година да не се повтори идентична ситуација, а во чии рамки е предвидена изградба на кракот на пругата од Длапкин Дол до „Осломеј“ во должина од седум километри, за изградба на крак од пругата што доаѓа од Битола до РЕК „Битола“. Целта на овој зафат би била да се намалат транспортните трошоци за увозниот јаглен дури и до 30 отсто од моменталните и на тој начин ќе има уште поевтин увозен јаглен што ќе го засили домашниот, ќе го хомогенизира домашниот и агрегатите ќе може да произведуваат поевтина струја од таа што ќе биде на берзата.
Ова се трите клучни прелога што ги изнесе опозицијата за ублажување на последиците од енергетската криза, со констатација дека Македонија и во иднина нема да зависи од увозна струја, под услов Владата да ги одржува оперативно со полн капацитет сите расположливи енергетски капацитети, поточно да работат трите блока во Битола, да работи „Осломеј“, да работат двете турбини во Неготино, да работи хидропотенцијалот и да работи ТЕ-ТО – Скопје.
Краткорочен концепт за зголемено домашно производство на електрична енергија
„Нова Македонија“, во пресрет на енергетската криза, во неколку наврати понуди концепти што можеше сериозно да помогнат во намалувањето на количеството увезена струја, а со тоа да се заштедат значителни средства од буџетот и нови задолжувања на државата.
Тие концепти беа со краткорочен и со долгорочен ефект, имајќи предвид дека во Македонија, освен изработка на енергетски стратегии што никогаш не се реализираат, во пракса во енергетиката ништо не се гради.
Ако тргнеме од заложбата за обезбедување евтина домашна струја за стопанството и спас на илјадници работни места и воопшто на економијата на државата, нашиот краткорочен концепт предвидува максимално производство на електрична енергија од домашните капацитети. Тргнувајќи од реалните показатели од пред три децении, домашното производство задоволувало и до 80 отсто од овдешните потреби за електрична енергија со оптимална работа. Сега овој процент е паднат на 60 отсто, најмногу поради лошото раководење, честите дефекти и прекини во работата на РЕК „Битола“, намалувањето на ископувањето и послабиот квалитет на јагленот, приближувањето кон крајот на животниот век на термоцентралите, како и несоодветните инвестиции, односно немањето никакви инвестиции во енергетскиот сектор.
За да се намали зависноста од увозна скапа струја за стопанството оваа зима, „Нова Македонија“ во својот краткорочен концепт предложи надминување на сите состојби што доведоа до намалено производство. Имено, за да можат сите енергетски капацитети да работат со полна пареа и да бидат во постојана кондиција, ремонтите мора да се завршат навреме, да се ангажираат хонорарно поранешни инженери и експерти, кои со години работеле во комбинатите и знаат како да ја оптимизираат работата на постројките без да се случуваат испади, а со тоа производството на електрична енергија да се одвива непрекинато. Партиските нестручни кадри и раководства да се тргнат настрана и енергетските капацитети да ги управуваат стручни луѓе, а не да се користат како партиски претставништва во кои само се вработува, а производството од година на година опаѓа. Понатаму, слабиот квалитет на јагленот може да се поправи на тој начин што неговата калоричност ќе се зголеми така што паралелно со јагленот ќе се гори и РДФ-гориво. Употребата на РДФ како алтернативно гориво за производство на електрична енергија покажува дека остaтокот од индустрискиот процес (т.н. индустриски РДФ) може да се користи како дополнително гориво и калорично да го збогати јагленот при согорувањето, а да не загадува.
Практично ова значи дека во термоцентралите во Македонија веднаш и без одложување може да се користи индустриски РДФ (не комунален РДФ) како дополнување на јагленот при производство на електрична енергија, со што ќе се намали количеството на отпадот во природата, а истовремено ќе се намали и количеството на употребениот јаглен за производство на електрична енергија. За ова треба само некои административни промени во Законот за упрaвување со отпад, за што треба многу кратко време, а токму тоа се вклопува пред зимата.
Една поедноставена калкулација покажува дека ако сега цената на јагленот на берзата изнесува 350 евра за тон, за 100.000 тони ќе бидат потребни 35 милиони евра. Но доколку со користење гориво од индустриски остаток (РДФ) се супституираат од 30 до 40 отсто од количествата потребни за производство на електрична енергија, тоа би значело заштеда од околу 35 отсто. Поточно, се заштедуваат 35.000 тони јаглен, односно нешто над 12 милиони евра. Имајќи предвид дека за еден искористен тон остаток се добива надомест од три до пет евра, за 35.000 тони уништен отпад ќе се заработат до 175.000 евра. Кога ќе се направи сета математика, се доаѓа до заклучок дека вистинската заштеда со користењето на заменското гориво од индустриски остаток (РДФ) е околу 12,5 милиони евра, што изнесува заштеда од околу 36 отсто во однос на планираниот трошок. Ова со себе повлекува и намалување на цената на електричната енергија за 36 отсто, што во овие кризни времиња е многу важен фактор.
За да може да се реализира ваквата заштеда, македонската влада мора што побрзо да реагира со измени и дополнувања на Законот за управување со отпадот, во кој треба да се промени членот 93 ст. 2, во кој би се дозволил увоз на остаток од постројките за управување со индустриски преработувања (но не комунален отпад, туку со одредени спецификации).
Во краткорочниот концепт може да се вклучи и субвенционирањето за поставување фотоволтаични централи на покривите на домаќинствата, со максимално поедноставени процедури и без скриени административни замки и казни. Тоа значи и укинување на ДДВ-то за опремата, што ќе придонесе за намалување на целокупната почетна инвестиција.
Ова се сет мерки што државата може веднаш да ги спроведе за да ги ублажи последиците од енергетската криза и да им овозможи на домаќинствата и на стопанството полесно да ја поминат претстојната тешка зима.
Долгорочен концепт за сигурна енергетска иднина
Се разбира, главната причина за недостигот од домашна евтина струја не треба да се бара во војната во Украина, туку во овдешната незаинтересираност да се инвестира во енергетски капацитети што сега ќе можеа да ги задоволат домашните енергетски потреби, па дури и да има вишоци струја.
Тоа не беше направено, па затоа сега стопанството е фрлено на колена и во крајна неизвесност дали ќе успее да го одржи производството во вакви услови.
Во таа насока е и долгорочниот концепт на кој „Нова Македонија“ инсистира подолго време, а во кој се потенцира важноста од енергетска независност на земјава од увоз на електрична енергија.
Ако тргнеме од фактот дека јагленот е основниот енергент за работа на најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК „Битола“, тогаш треба итно да се почне со отворање нови јагленокопи низ Пелагонија, бидејќи истражувањата покажале дека таму има доволни резерви на јаглен за следните 50 и повеќе години. Македонија се определи за зелената агенда, но состојбата на терен покажува дека не е време за зелени енергии и дека дури и многу економски поразвиени земји, како Велика Британија, Германија, Полска, повторно се враќаат на јагленот. Како и да е, отворањето на рудниците не значи завршување на работата, туку ќе треба да се реши и транспортниот проблем, односно дистрибуирање на ископаниот јаглен до постројките, било со железница било преку транспортна лента, доколку растојанието го дозволува тоа.
Понатаму, долгорочен концепт би била изградбата на „Чебрен“, но никако како странска инвестиција, туку како државен капацитет што ќе произведува електрична енергија за домашните потреби. Професорот и енергетичар Константин Димитров е застапник на тезата дека во големи енергетски капацитети мора да инвестира исклучиво државата, за да не биде зависна од други.
– Треба домашни инвестиции. Еве, конкретно „Чебрен“ би требало да чини некаде околу 800-900 милиони евра. Тоа би се градело најмалку шест-седум години. Земјава секоја година да одвојува од 150 до 200 милиони евра не би било проблематично за неа. Ќе го изградиме „Чебрен“ со наши пари, зошто да им го даваме на Грците и да ја користат нашата вода, а да си произведуваат струја од која тие ќе заработуваат.
Дополнително, државата може да им понуди на граѓаните и тие да се вклучат, да инвестираат во изградбата свои пари и да станат акционери, па потоа да земаат дивиденда. Верувам дека многумина би инвестирале во такво нешто – порачува професорот Димитров.
Она што е повеќе од јасно е дека Македонија не може да изгради нуклеарна централа, но во светот сè повеќе стануваат интересни таканаречените нуклеарни мини-централи. Тие се со капацитет од 50 до 500 мегавати и се значително помали од големите нуклеарни реактори, а досега се користеа и натаму се користат во нуклеарните подморници или во бродовите. Американскиот стартап „ЊуСкејл пауер“ во Портланд веќе разви дизајн на нов мини-реактор од 60 мегавати и ја доби потребната дозвола од тамошните власти, па веќе во 2027 година ќе започне со работа. Долгорочно гледано, земјава може и преку стратегиското партнерство со САД да се осврне и на овој вид енергија и да побара помош од Американците за реализација на идејата за нуклеарни мини-реактори и кај нас, со што целосно би ја направиле земјава енергетски независна.
Во моментот низ Европа се исцртува новата гасна инфраструктурна мапа, без конекциите со Русија. Неодамна Бугарија гасно се поврза со Грција, а Македонија повторно останува зависна од интерконекторот во Александропули и единствената гасна конекција што доаѓа од Бугарија. Гасното поврзување на земјава и стабилизирањето на цените на овој енергент, според долгорочниот концепт што го нуди „Нова Македонија“, предвидува изградба на повеќе когенеративни термоцентрали топлани со комбиниран циклус за производство на електрична енергија и топлина. Долгорочно, тоа може да обезбеди дополнителни количества струја, како и на топлинска енергија, односно ќе се овозможи воспоставување топловодно греење во градовите низ земјава и намалување на загадувањето предизвикано од нееколошкото греење.
Ова се некои од концептите за кои државата треба да размислува, а кои ако сега почнат да се реализираат, ќе обезбедат енергетска стабилност на многу подолг рок. Тоа е исклучително важно бидејќи енергетската сигурност носи развој, инвестиции, посилна економија и воопшто посилна држава. На крајот, тоа ќе резултира и со повисок стандард на граѓаните.
Сечија идеја и концепт се добредојдени
Несомнено, ситуацијата е многу посериозна од впечатокот што го имаат обичните граѓани, а доказ дека тоа е така се и големиот број предлози и иницијативи за ублажување на последиците од енергетската криза, кои пристигаат од сите страни. Во таа насока, „Нова Македонија“ сака да ги мотивира сите оние стручни експерти што имаат познавања и идеи како да се заштеди енергија и да се најдат решенија за енергетските предизвици, токму сега да понудат сопствени концепти за тоа како ја гледаат енергетската иднина на својата земја. Од секоја идеја може да произлезе нешто добро, така што време е за целосна општествена и интелектуална мобилизација.
Краткорочните мерки и концепти веќе утре може да се реализираат ако се има вистинска желба и знаење, додека долгорочните треба да почнат од утре да се реализираат, за по пет, десет или 15 години веќе да ги уживаме придобивките од мудрите енергетски политики. Тридеценискиот сон заврши, време е за работа.