Во Пекинг вчера започнаа Зимските олимписки игри, со учество на околу 3.000 спортисти од 91 држава во светот. Олимписките игри отсекогаш биле синоним на една грандиозна цивилизациска идеја, синоним на заедништво, солидарност, спортски натпревар што го красат борбеност и пожртвуваност, но и ферплеј и почитување. За жал, и овој пат, како и во минатото, политиката и глобалните политички случувања замешаа прсти во спортот, за што најдобра потврда е бојкотот од десетици држави што решија да не испратат свои делегации во Пекинг. И додека целта на олимпизмот е да го смести спортот во служба на хармоничниот развој на човештвото, некој се потруди да ја смести политиката во спортот и на тој начин да ги наметне своите политички интереси

ГЛОБАЛНА СЕГРЕГАЦИЈА И МЕШАЊЕ НА ПОЛИТИКАТА ВО СПОРТОТ НА СТАРТОТ НА ЗОИ ВО ПЕКИНГ

Вчера во Пекинг свечено беа отворени Зимските олимписки игри, на кои ќе учествуваат околу 3.000 спортисти од 91 држава во светот. Олимписките игри отсекогаш биле синоним на една грандиозна цивилизациска идеја, која се темели на концепт на мирно спортско натпреварување помеѓу еднаквите во светот, без дискриминација и поделби. Синоним на заедништво, солидарност, спортски натпревар што го красат борбеност и пожртвуваност, но и ферплеј и почитување помеѓу сите учесници.
Низ историјата било правило – додека се одржуваат Олимписките игри, да владее примирје и да престанат сите непријателства и војни. Толкава е симболиката и моќта на Олимписките игри. Современите олимписки игри, барем онака како што биле замислени од основачот на Меѓународниот олимписки комитет, Пјер де Кубертен, требало да го воскреснат античкиот олимписки дух и да го трансформираат сфаќањето за спортот како меѓународен инструмент за промоција на мирот и разбирањето меѓу народите. Сепак, сенката на бојкотот како резултат на мешање на политиката врз спортот пак се надвисна и врз овие Олимписки игри во Пекинг.
Уште на самиот старт на ова големо спортско случување стана јасно дека годинешните Игри паднаа во сенка на потенцијалните геополитички судири во светот и на воените конфликти, особено на кризата помеѓу Русија и Украина, која е актуелна во моментов, но и глобалната сегрегација меѓу Истокот и Западот по редица други прашања. Токму како резултат на глобалните политички влијанија вчерашното отворање на Зимските олимписки игри беше бојкотирано од десетина држави, кои не испратија свои високи дипломатски претставници на чинот на отворањето.
Дипломатите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека иако на политиката најмалку местото ѝ е во спортот, тоа, за жал, поради конфликтите во геполитиката, стана секојдневие на модерното време.
Долгогодишниот македонски политичар, професор, но и функционер во Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски, кој добро ги познава состојбите во спортот и олимпизмот, но и можните влијанија од страна на политиката, вели дека состојбите во актуелната олимпијада во Кина не се новост во светот, голем број такви примери имало низ историјата и, за жал, ќе има.

– Многу тешко се надминуваат овие состојби на кои сведочиме сите. Политичарите се обидуваат да си ја протнат својата агенда, без разлика на значењето на настаните. Односно политиката во себе ги нема моралните и фер вредности што ги има спортот, кој е всушност една благородна дисциплина е и чиста спротивност на војните и конфликтите. Па, оттука може да се заклучи дека дипломатите и државниците што ги бојкотираат летните и зимски олимписките игри всушност докажуваат дека тие не го чувствуваат спортот за своја вредност, а со тоа и не придонесуваат високите морални вредности што се присутни во спортот да се прошират и развијат на глобално ниво – вели Тупурковски.
Тој се надева дека политичките интереси нема да бидат посилни од духот на заедништвото и прогресот и дека наредните олимпијади ќе минат без овие циркузи и без политички пораки и ноти.
За македонскиот дипломат Ристо Никовски, бојкотот на Олимписките игри во Пекинг само покажува дека меѓународната ситуација е затегната и се влошува.
– Нема сомневање дека Пекинг ќе ги организира Игрите на извонреден начин и дека се тоа први Игри со вештачки снег, меѓутоа фактот што некои држави бојкотираат фрла темна дамка. Иако сите тврдат дека политиката не треба да се меша во спортот, тоа, за жал, очигледно и натаму се случува – вели Никовски.
Според него, сето тоа е одраз на жестоките конфронтации што САД ги имаат со Русија и Кина и кои, за жал, во блиска иднина нема да стивнат и нема да попуштат.
– За нас е интересно што сите овие судири најдиректно се рефлектираат и врз Европа, а тоа ќе значи и врз Македонија. Крајно време е нашата земја да се концентрира на одбрана на сопствените интереси – вели амбасадорот.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека актуелните случувања поврзани со Зимските олимписки игри во Пекинг го потсетуваат на репликата „не сакам политика во мојот дуќан“, која ја кажал Борис Дворник во улогата на Мештро од некогаш популарната ТВ-серија „Вело мисто“.

– Ја сакале ние денес или не, факт е дека политиката е длабоко присутна во секој домен на општествата, дури и онаму каде што природно најмалку би требало да ја очекуваме, а тоа се спортот и олимписките игри – вели Стефаноски.
Тој забележува дека се наметнува впечатокот дека во спортот, а особено во врвниот, како оној што треба да се отслика во олимписките игри, не владее веќе принципот на спортското витештво, врз чии темели во древните времиња всушност и започнале да се организираат овие спортски случувања, за кои дури и Античките Грци ги прекинувале своите војни за да ги испочитуваат спортистите.
Според Стефаноски, од друга страна, илузија би било да се поверува дека спортот сам за себе може да постои и да опстане надвор од актуелните политички и економски текови.
– Денес секому му е јасно дека врвниот светски спорт и транснационалните корпорации одат рака под рака и егзистираат во складна заедница, ништо помалку складна од заедницата на истиот тој капитал и политиката, на пример. И неминовно спортот и политиката создаваат свои потрајни или краткотрајни заедници од блискости и интереси, честопати и многу јасно видливи. Таква е и богатата историја на мешање на политиката во спортот, особено препознаена во организирањето на Олимписките игри – нагласува тој.
Инаку, неколку земји, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, Австралија, Канада и Велика Британија, најавија дипломатски бојкот на Игрите поради оцените за правата во Кина, вклучувајќи го и нејзиниот третман кон претежно муслиманските Ујгури во регионот Ксинџијанг, што САД го сметаат за геноцид.
Токму затоа овие земји најавија дека нема да присуствуваат на отворањето на спортската манифестација. Во бојкотот учествува и Литванија, чии односи со Кина се влошија поради врските со Тајван. Индија соопшти дека нема да испрати официјални лица по извештаите дека кинескиот воен командант вклучен во судири со индиските погранични сили во 2020 година е избран за еден од носителите на олимпискиот факел во Пекинг. Дополнително, одреден број светски држави, како Германија, Австрија, Швајцарија, Данска, Холандија и Нов Зеланд, не ги бојкотираат Олимписките игри, но нивните преставници нема да присуствуваат, а како причина ги наведоа ограничувањата за коронавирусот.

Спротивно од оваа група земја, на отворањето на Игрите присуствуваа и Обединетите нации – генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејесус. Натаму, на игрите присуствуваа највисоки државни преставници од Русија, Србија, Еквадор, Аргентина, Саудиска Арабија, Узбекистан, Туркменистан, Катар, Обединетите Арапски Емирати…
Од македонска страна, пак, од Кабинетот на шефот на државата информираат дека на денот на отворањето на годинешните Зимски олимписки игри нема да присуствува македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Даниел Димовски, претседателот на Македонскиот олимписки комитет, изјави дека македонската делегација ќе присуствува во Пекинг, но тоа нема да биде за време на отворањето на Олимпијадата, туку во наредните денови, а сето тоа се должи на спроведувањето на строгите здравствени протоколи против ковид-19 што ги спроведува Кина.

[email protected]