Фото: ЕПА

Деновиве се потсетуваме и на денот пред дваесет и две години кога терористи од тетовското кале отворија оган врз цивилите и полицијата што беа присутни на настан во центарот на Тетово, по што стана јасно дека земјата влегува во наметнат оружен конфликт, со потенцијал целосно да ескалира. Наречено со сегашен воен речник, прво тоа беше хибридна агресија и содржеше елементи на „агресија однадвор, од соседното Косово, од страна на вооружени формации од поранешната УЧК“. Второ, тоа беше во комбинација и со поддршка на вооружени групи од албанскиот антидржавен и противуставен корпус од Македонија и, трето, сето тоа со логистика на странски опскурни центри на моќ, кои имаа и сè уште имаат различни и спротивставени интереси за државно-политичката конфигурација и перспектива и територијалната (гранична) поделеност на Балканот

ДВАЕСЕТ И ДВЕ ГОДИНИ ОД СТРЕЛБИТЕ СО ОГНЕНО ОРУЖЈЕ ОД ТЕТОВСКОТО КАЛЕ КОН МАКЕДОНСКИ ЦИВИЛИ, ПОЛИЦИЈАТА И ДРЖАВАТА

Предизвиците со кои се соочуваше Македонија изминатите години гледани од денешна временска дистанца, според нашите соговорници, професори, аналитичари и дипломати, јасно посочуваат на една констатација, дека целиот проект на моделирање на Балканот е последица на судир на неколку добро осмислени планови на одредени европски и светски центри на моќ, кои некогаш се совпаѓаат, а во чести случаи се судир на геостратегиски интереси. Во целиот тој галиматијас на преплети и расплети на интереси на Балканот, Македонија не пронајде соодветни политики на резистентност од надворешни (и внатрешни) влијанија, кои би биле цврсти, непоколебливи, национални и државни и кои би биле константа идентификувана како „национален интерес“! Македонија од осамостојувањето, според соговорниците, е третирана како аморфна маса, каде што по тежнеењата однадвор, може слободно да се редефинира во кое било време како државен ентитет, токму онака како што налага интересот во соодветниот момент на одредена сила што доминира во регионов.

Тероризам и воени злосторства наспроти правната држава, Уставот и законите на Македонија

Целата операција започна пред 22 години (веројатно и многу порано ако се смета времето во кое се подготвувало сценариото), кога на 22 јануари беше гранатирана полициската станица во тетовско Теарце од страна на терористички групи, при што загина еден полицаец. Деновиве се потсетуваме и на денот пред дваесет и две години, кога терористи од тетовското кале отворија оган врз цивилите и полицијата што беа присутни на настан во центарот на Тетово, по што стана јасно дека земјата влегува во наметнат оружен конфликт, со потенцијал целосно да ескалира. Наречено со сегашен воен речник, прво тоа беше хибридна агресија и содржеше елементи на „агресија однадвор, од соседното Косово, од страна на вооружени формации од поранешната УЧК“. Второ, тоа беше во комбинација со поддршка на вооружени групи од албанскиот антидржавен и противуставен корпус од Македонија и, трето, сето тоа со логистика на странски опскурни центри на моќ, кои имаа и сè уште имаат различни и спротивставени интереси за државно-политичката конфигурација и перспектива и територијалната (гранична) поделеност на Балканот. Во тој контекст беа и првичните коминикеа што пристигаа од терористичката групација што се именуваше како ОНА – исклучиво со повици за создавање етнички чисти територии, односно за протерување на македонското население од западниот дел на земјата и отцепување од државата! Терористите се обучуваа и вооружуваа во кампови на Косово и во Албанија, а потоа лесно ја минуваа границата и ги напаѓаа македонските безбедносни сили, без оглед што границата требаше да ја обезбедуваат силите на НАТО, кои веќе беа стационирани на косовска територија, но при сета софистицирана опрема „не забележуваа никакви вооружени групи“.
За меѓународната заедница во првиот момент немаше никаква дилема дека станува збор за класични терористи што се борат за територии, но многу брзо странците го променија наративот и одеднаш ѕверствата кај Бриони, Вејце, кај Карпалак, кај Љуботенски Бачила се претворија во борба за човекови права, а терористите најпрво добија легитимитет и статус на бунтовници (признаени како завојувана страна според меѓународното право), па потоа и борци за правата на Албанците, за на крајот странците односно меѓународната заедница да организира извлекување со автобуси од Арачиново на истите тие „борци“, без оглед што со денови се закануваа дека ќе ги гранатираат скопскиот аеродром и блиската рафинерија. Класични терористички методи на дејствување.
Веќе тогаш стана јасно дека Западот има намера да им даде легитимитет на терористите и да ги седне на преговарачка маса, за да може наметнатиот и увезен конфликт политички да се изменаџира. Тоа беше и моментот кога, според експертите по уставно и меѓународно право, дефинитивно беше иницирана воведната фаза на етапна промена на карактерот на македонската држава. Со овој чин агресорите се изедначија со бранителите, бидејќи ниту по повеќе од две децении по конфликтот државните институции не излегоа со јасна констатација што всушност се случи во 2001 година?! Од друга страна, оние што во 2001 година пукаа врз македонската држава, денес земаат пензии од истата таа држава што неколку месеци ја тероризираа.
Собранието не го дефинира прецизно и педантно статусот на конфликтот, со што Охридскиот договор, потпишан заради примирје и мир, влезе во Уставот со амандмани, кои не само што ги променија духот, природата и суштината на највисокиот правен акт туку предизвикаа и карактерни де факто и де јуре промени на државата, кои оттогаш носат тешки и нерешливи рецидиви.

Корените на формалноправното редефинирањето на карактерот на македонската држава по осамостојувањето

Со една темна метафора, политичките експерти како наши соговорници велат дека „првиот клинец во ковчегот на Македонија беше закован со Охридскиот рамковен договор, со кој ѝ се стави крај на Македонија како држава на македонскиот народ и се овозможи таа да продолжи да се развива само како административна територија во која ќе функционираат повеќе (две тежишни) етнички заедници, со акцент на албанската“. Од друга страна, со Охридскиот договор на Албанците што живеат во Република Македонија им биле ветени поголеми концесии, кои вклучуваат издигање на албанскиот јазик за службен јазик во државата, зголемување на бројот на етничките Албанци во управувањето и администрацијата на државното управување, во полицијата и армијата, како и донесување нов план за децентрализација. Тоа што им било ветено е стопроцентно исполнето, па дури и многу повеќе над тоа, па сега се случува малцинството во државата да менаџира со мнозинството, (зло)употребувајќи ги клучните лостови на државното управување.
Со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, следуваше и промена на Уставот на Република Македонија, со кој сега втор службен јазик стана и албанскиот во општините во кои има над 20 отсто што го зборуваат овој јазик, личните документи станаа двојазични, се дозволи слободно истакнување на албанското државно знаме како национален симбол на албанската заедница во земјава, одлуките во Собранието мора да поминуваат со одобрување на мнозинство пратеници од малцинските заедници, со други зборови државата целосно се подели по етничка линија и ниту една одлука не може да помине без одобрување на една малцинска етничка заедница. Истото тоа се однесува и при формирање влада.
Втор клучен момент што го промени карактерот на Македонија како унитарна држава е територијалната поделба од 2004 година. Тогаш на вештачки начин, со припојување други општини со мнозинско албанско население, се намали процентот на македонско население во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, со единствена цел и на терен да се валоризира пленот од воениот конфликт во 2001 година. Впрочем, тоа и самите членови на ДУИ, политичкиот наследник на воената ОНА, го потврдуваат во своите изјави, дека станува збор за воен плен и дека во тие општини не смее да се дозволи Македонец да биде градоначалник, како што беше случајот со последните локални избори во Кичево, кога во првиот круг водеше македонски кандидат, но потоа следуваше масовно пристигнување на албанската дијаспора, само да се спречи некој друг да го управува Кичево. И денес се гледа неодржливоста на таквата изнудена и вештачка територијална поделба на Македонија, која доведе до тоа во низата албански општини, македонските да ги нарекуваат енклави?!
Во меѓувреме, Албанците во земјава две децении не дозволуваа да се спроведе попис на населението само за да не се покаже вистинскиот процент колку ги има навистина, па дури и последниот попис што се одржа во септември 2021 година беше под нивен мониторинг и со нивни однапред лицитирани бројки, само за мир во владејачката коалиција.
Кога на сето ова ќе се придодаде и потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, а особено на Преспанската спогодба, како и откажувањето од сопствените малцинства во соседните земји, тогаш станува повеќе од јасно дека внатрешни сили во земјава, заедно со некои влијателни центри од меѓународната заедница, веќе две децении упорно работат целосно да го ремоделираат карактерот на државата, по некој калап што не е македонски интерес.
Во тоа редефинирање на Македонија треба да се бараат и причините за силниот притисок од Бугарија за вметнување на Бугарите во македонскиот устав, бидејќи Софија е свесна дека не сака да остане без дел од колачот (ако не и најголемото парче) по кој сите ги подаваат рацете.

Државното име е идентитет и карактер на државата

Факт е дека во оној момент кога на државното име Македонија се придодаде географската одредница „северна“, тогаш стана јасно дека промената на карактерот на државата ќе оди и така што ќе се избрише целосно терминот „македонски“, почнувајќи од државните институции за да нема идентитетска врска, завршувајќи со народот, кој, според нечии сфаќања, мора да се доведе до апатија и до целосна идентитетска заблуда, да почне да се прашува што е тој всушност. Затоа следуваа оние пробни балони кога Македонците стануваа секојдневно „северномакедонци“, при секоја посета на странски политичар, за сега некој да тестира како би звучело ако Македонците се означат само според нивната верска определба, без идентитет, само како „православен народ“. Не треба никој да има илузии дека станува збор за случајни лапсуси, туку станува збор за вешто напипување на пулсот, да се види до каде може да се понижува Македонецот и да го прифаќа тоа. Како и да е, интенцијата е крајно опасна, но очигледно зема сè поголем замав. Целта сега е Албанците да се прикажат како главен конститутивен народ во државата, бидејќи повеќе нема да има Македонци, така што широко се отвора вратата втора најмногубројна заедница прекуноќ да стане бугарската и да се реализира сценариото од повеќето нонпејпери што мистериозно се појавија на Балканот во изминатите неколку години, а во кои Македонија најчесто беше поделена меѓу Албанија и Бугарија.
– Националното име е идентитет. Поедноставно кажано, правен титулар за држава мора да има содржан државноправен идентитет во вид на националното име (одредница) како правен атрибут на титуларот (правната категорија) – појаснува професорот по меѓународно право Игор Јанев од Институтот за политички студии во Белград.
Според него, во државното име како државноправен идентитет е содржан основниот правен номинатор (или, ако сакате, деноминатор) на и за сите национални категории со својство титулар.
– Името, оттаму, како национално име е најфундаментален заеднички содржател што правно го определува националното, односно сите други национални елементи/категории што имаат ист идентитетски титулар (основен атрибут) – истакнува Јанев.
Поедноставно кажано, кога ќе се промени името на државата, се менува и идентитетот на народот, неговиот јазик, а со тоа и карактерот на самата држава како држава (во нашиот случај) на македонскиот народ.
Со сегашната формулација „граѓани на Северна Македонија“ всушност нема конститутивен народ, не важат ниту постулатите на АСНОМ, се прекинува историската врска на македонскиот народ со векови, се присвојуваат идеолозите што се бореле за независна македонска држава и се остава слободен простор за „креативните решенија“ на соседите и на меѓународната заедница.

Можно ли е евроинтеграциите, под условите што сега ѝ се нудат на Македонија, да бидат некаков параван на целата операција?!

Токму ветувањата за некаква европска иднина овозможуваат оваа неприродна идентитетска интервенција да се одвива под превезот на членството во ЕУ и во период од некои 20 години, колку што би траеле преговорите, целосно да се реобликува карактерот на македонската држава, кој и сега е веќе непрепознатлив, за разлика од она што беше на почетокот на самостојноста пред три децении.
За соговорниците со кои се консултиравме нема никаква дилема дека сегашна Македонија е целосно непрепознатлива од онаа пред три децении и дека продолжува да се менува по желбите на сите други, само не на македонскиот народ.
– Веќе секому треба да му биде јасно дека сето ова што се правеше изминатите години беше во насока што, за жал, ги деноминира македонскиот народ, идентитет, историја, јазик и во тие стратегиски и глобални процеси, малите народи да се претопуваат. Потврдната верзија на искажувањето на соговорниците вели дека, сакале да признаеме ние или не, сето тоа е во насока „да се избрише македонскиот народ“ – велат нашите соговорници.
Соговорниците нагласуваат дека „сега сите сме некакви заедници, еве сега Албанците бараат заедница на нивни општини и, порано или подоцна, ќе го остварат тоа како што остварија сè досега, нивните политичари отворено повикуваат на редефинирање на државата, така што јасна е намерата, да се промени карактерот на Македонија и конечно да се затвори македонското прашање на Балканот“. На штета на Македонците.
– За тоа се залагаат сите наши соседи, а очигледно тоа не ѝ пречи и на Европа, бидејќи и нам не ни пречи – акцентираат соговорниците, велејќи дека и самите го прифаќаме тоа…
Според соговорниците, историјата ни се повторува и очигледно ништо не научивме од лекциите од минатото, за жал.