Досега новата додавка на државното име, во слеан говорен израз, можевме да ја слушнеме од носители на јавни функции од Бугарија, Грција и Германија, но и од други земји, а по заострувањето на односите со Русија, поради војната во Украина, придавката „северномакедонски“ се одомаќинува и кај високите официјални органи на Москва
Новата додавка на државното име како придавка се одомаќинува во меѓународната заедница
Политичарите од повеќе европски земји сѐ повеќе го користат терминот „северномакедонски власти“ кога сакаат да испратат пораки што се однесуваат за нашата земја. Досега новата додавка на државното име, во слеан говорен израз, можевме да ја слушнеме од носители на јавни функции од Бугарија, Грција и Германија, но и од други земји, а по заострувањето на односите со Русија, поради војната во Украина, зборот „северномакедонски“ како една небулозна придавка се одомаќинува и кај високите официјални органи на Москва. Имено, портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по повод протерувањето на шест дипломати од Амбасадата на Русија во Скопје, нѐ предупреди дека „северномакедонските власти продолжуваат да го следат примерот на Западот, кој е во русофобно лудило, размотувајќи спирала на уништување на билатералните односи“. Ова, како што изјави Захарова, неминовно ќе има долгорочни негативни последици за руско-северномакедонската соработка.
Ваквата зачестена практика во употребата на новата „идентитетска терминологија“ од страна на меѓународните дипломати не наведува(ат) на констатациите и предупредувањата на експертите дека, практично, од името на државата произлегува идентитетот…
Прашањето што се поставува пред македонската политичка јавност е како да се спречи оваа појава и дали нашите институции треба да реагираат секогаш кога некој ќе го спомене „северномакедонскиот“ идентитет, импутирајќи ни го нам, како нација, односно како некој новонастанат и новоименуван етнички супстрат?!
За Синиша Пекевски, политичкиот аналитичар, ова е еден практичен начин да се почувствува силината на аргументот дека името на нацијата произлегува од името на државата.
– Според нивниот начин на размислување и изразување, народите ги именуваат според името на државата: Италијанци од Италија, Корејци од Кореја. За нив е поприфатливо да ги користат придавките што произлегуваат од името на државата Северна Македонија и така најчесто нѐ ословуваат со „северномакедонска“, „северномакедонци“… Едноставно, тие не сакаат да се оптоваруваат и да прават разлика во однос на нашите очекувања за тоа како треба да ни се обраќаат! Ова не е случај само со странските медиуми или граѓани туку и во официјалните настапи на странски државни претставници. Вториот аспект се однесува и на тоа што и самите почнавме да ги менуваме називите на институциите, така што ова ќе биде само преоден период, на кој ќе нѐ навикнуваат. Овде треба да реагира нашата дипломатија, која очигледно не го прави тоа, а помалку заинтересиран е и актуелниот министер за надворешни работи, кому му е сеедно како ни се обраќаат во странство. Приоритетите на македонското министерство за надворешни работи, па и на Владата и претседателот на државата, се ставени на европската интеграција на земјата, така што изостануваат и соодветни дипломатски реакции до институциите и политичарите што нѐ ословуваат со новата придавка – ни изјави Пекевски.
Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, беше еден од многуте македонски интелектуалци што предупредуваа на тоа дека „името на државата е идентитетот на народот“.
– Ние не сме Македонци само поради името на државата, името на оваа држава е Македонија затоа што ние сме Македонци. Името на македонскиот народ е нераскинливо поврзано со државното име Македонија и обратно. Промената на државното име трајно го менува идентитетот на нацијата – името, јазикот, културата и историјата. Во меѓународните односи името на националноста по автоматизам произлегува од името на државата. Прашањето за државното име е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога Македонците, граѓаните на Македонија, во апсолутно мнозинство гласаа „за суверена и самостојна држава Македонија“, без додавки и без придавки – беше ставот на Петров, пред одржувањето на референдумот за името и, како што нагласи, „евентуална одлука за промена на државното име од кого и да е, никогаш нема да биде легална и легитимна“.
Авторот на повеќе авторски дела, поетски збирки и романи Ивица Челиковиќ, кој преведува шведска литература на македонски, се осврнува на употребата на придавката „северномакедонски“ во скандинавските земји Данска, Норвешка и Шведска.
– Околу користењето на Северна Македонија во јавната комуникација во Европа тешко дека нешто некому може да му се забележи. Но за остварување на можеби невозможната мисија за заштита на употребата на придавката македонски, а не северномакедонски, во контекст на меѓународниот статус на идентитетските одредници на граѓаните на Северна Македонија, моментно не се гледа раздвижување дури ни како светлина на крајот на тунелот. А за таква мисија е неодложно потребна свесно насочена акција со заеднички сили на меѓународен план – и со натпартиски, национален консензус – заклучува Челиковиќ во својата колумна за порталот „Окно“.
Како што пишува тој, медиумите во Скандинавија често известуваат со користење токму на придавката „северномакедонски“ – политичари, уметници или спортисти, или пак кога се повикуваат на „северномакедонски медиуми“. Голем број туристички агенции во Данска, Норвешка и Шведска нудат аранжмани со посети на „северномакедонски винарници“, викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците со „сцени од северномакедонската историја“. Тој го споменува и случајот со шведскиот телевизиски водител, во најавата на претставникот на Северна Македонија на „Евровизија“, како дава и неколку податоци околу „пласманот што го постигнале северномакедонците“ на овој музички натпревар во изминатите години!