Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денот на космонаутиката традиционално беше свечено одбележан пред споменикот на Јуриј Гагарин во скопската општина Карпош, во организација на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија. На настанот присуствуваа амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, претставник од Амбасадата на Кина во земјава, Мао Чингвен, пратеникот на Демократската партија на Србите, Иван Стоилковиќ, почесниот конзул на Руската Федерација проф. д-р Велимир Стојковски и други претставници на организации и здруженија, кои положија цвеќе на споменикот на легендарниот руски космонаут.
Честитајќи им го празникот на многубројните присутни, амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин, истакна дека Јуриј Гагарин влезе во историјата како светска легенда.
– Би сакал да истакнам дека тој пред сѐ стана олицетворение на храброста и херојството на нашиот народ, кој е способен да ги надмине сите тешкотии за слава на татковината. Феноменот на Гагарин е во фактот дека овој шармантен, отворен и навистина добар човек стана симбол на колосалната технолошка победа на нашата држава, која беше во корист за целото човештво – нагласи тој.
Тој најави дека Русија ќе продолжи да дава приоритет на меѓународната соработка во вселената, за што доволно покажува неодамнешната државна посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва.
– Нашите напори се насочени кон мирно истражување и користење на вселената, спречување трка во вооружување во неа, пред сѐ преку развивање и склучување соодветен меѓународен договор, а како посредна мерка – усвојувањето од страна на сите држави на обврската да не бидат први за сместување оружје во вселената. Овие одредби се вградени во новиот руски Концепт за надворешна политика, одобрен со указот на претседателот на Русија, од 31 март оваа година – истакна Баздникин.
Амбасадорот нагласи дека во 2022 година имало 22 лансирања на руски вселенски лансери и дека сите биле успешни.
– Меѓу најважните задачи на нашата вселенска индустрија е транзицијата кон сериско производство на сателити, комерцијализација на вселенските услуги и создавање нова орбитална станица – рече амбасадорот. Д.Т.З.


Јуриј Гагарин – прв човек во вселената

Јуриј Алексеевич Гагарин е роден на 9 март 1934 година во Русија. Тој е светски познат космонаут, кој на 12 април 1961 година, во 6 часот и 7 минути по Гринич – 9 часа и 7 минути по московско време, со бродот „Восток“ направи една обиколка околу Земјата. На височина од седум километри, Гагарин беше катапултиран и со падобран се спушти во колхозниот регион од Саратовската Област.
Целиот вселенски лет траел еден час и 48 минути, но останува засекогаш во историјата на човештвото како лет на првиот космонаут во вселената.