Фото: Игор Бансколиев

По изместениот образовен процес во двете изминати пандемиски години со настава од дома, во тековнава учебна година голем дел од наставата беше реално загрозен и со лажните дојави за бомби во училиштата. Згора на тоа, годинава за некои предмети, па и за цели генерации едноставно немаше учебници. Тогаш, како мислиме дека во образовниот процес ќе продуцираме темелно образовани човечки ресурси, заради општествен и национален одржлив развој, кога генерациите што доаѓаат имаат тешки, длабоки и ненадоместливи недостатоци во стекнатите знаења и вештини?!

Ги поминавме или се загубивме низ
искушенијата на ковид-онлајн наставата,
лажните бомби и немањето учебници

Придобивките или последиците од (не)квалитетното образование во една држава и општество се согледуваат кога генерациите што минале низ образовниот процес и стекнале формални докази (во вид на дипломи) за одреден степен на стручност за професијата што избрале да ја изучуваат и да стекнат вештини ќе се вклучат на пазарот на трудот за да го ефектуираат своето знаење, како за сопствениот така и за општествениот економски и социјален напредок. Но кога речиси секојдневно општеството е засегнато од „инциденти“ поврзани со образованието, загриженоста за понатамошниот развој што се очекува од сегашната и од неколку плус генерации ученици е реална и со непримерни потенцијали за верба во иднината.

Не е само недостигот од пари во МО во прашање

Предизвиците во образованието во Македонија многу лесно добиваат политички контекст, на сметка на учениците, кои и не се сѐ уште свесни за реалните проблеми со кои се соочуваат и ќе се соочуваат. По изместениот образовен процес во двете изминати пандемиски години со онлајн настава, годинава голем дел од наставата е загрозен со лажните дојави за бомби во училиштата. Освен тоа, некако во заднински фон, како реалност што мора да се прифати, одвреме-навреме се кажува дека годинава за некои предмети, па и за цели генерации едноставно нема учебници!? Учебната година полека се ближи кон крајот, а Министерството за образование и наука сè уште не ги снабди учениците од средното образование со сите учебници. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири практично најави дека министерството и понатаму останува на ставот дека нема да ги печати сите учебници, зашто немало доволно финансиски средства за учебници за сите предмети застапени во образовниот систем.
– Реално немаме пари за учебници по сите предмети во средното образование. Според податокот што сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници, зашто станува збор за многу предмети. Реално, за средното образование немаме за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се дополнува – отворено си призна министерот Јетон Шакири.
На ова признание на министерот остро и критички реагираше јавноста, наведувајќи дека е жално што со буџет од 450 милиони евра за МОН не може да се испечатат учебници за стручните предмети. Но од друга страна, интересно е што запознаените и вклучените во процесот на изработка на учебници сметаат дека недостигот од учебници е покомплексен и не се должи исклучиво на недостигот од средства.
– Факт е дека Министерството за образование и наука не посветува доволно внимание на изработката на учебници и на авторите што можат да изработат учебници. Прво има многу комплицирани процедури само за аплицирање за изработка на учебници, па речиси веќе и никој од компетентните автори што имаат искуство со изработка на учебници не се јавува на конкурсите. Како веќе да се изгуби, да не постои онаа критична маса стручњаци што се подготвени да изработат квалитетни учебници. Реалноста е дека многу од учебниците се практично нефункционални во наставата, односно материјалот како методска единица е неразбирлив за учениците. Се чини дека авторите на учебниците немаат соодветен контакт со начинот на восприемање на реалноста што го имаат генерациите што сега се образоваат, па во голем дел учебниците им се неразбирливи на децата – вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој и самиот е автор на учебници за стручни средни училишта.

Бумерангот на необразованоста при пропустите и попустливоста во сите степени на образованието

Професорот Ацески смета дека пропустите и попустливоста во високото образование, при продуцирањето кадри за настава во основното и во средното образование, се враќаат подоцна како лош ефект во наредните генерации што доаѓаат на факултетите.
– Лошите студенти, на кои од разни причини им се прогледувало низ прсти и го завршиле високото образование, подоцна како носители на образовниот процес продуцираат генерации со несоодветни знаења за академска надградба. И таквите ученици ни доаѓаат на универзитетите, со што се затвора кругот на неквалитетно образование – заклучува професорот Ацески.
Во истражување спроведено од Институтот за политички истражувања – Скопје, граѓаните во големо мнозинство сметаат дека денеска имаме полошо образование, споредено со она од пред пет години. Дури 56,3 отсто од испитаниците го делат ваквиот став, наспроти 25 отсто, кои не гледаат некаква промена. Само 9,6 отсто од анкетираните велат дека денеска образованието е на повисоко ниво споредено со состојбата од пред пет години.
На друго прашање, 49 отсто од анкетираните велат дека квалитетот на образовниот процес во Македонија во споредба со земјите од регионот е полош. Една четвртина смета дека е сличен, а само 5,7 отсто сметаат дека Македонија има подобро образование од земјите од регионот.

Образованието е процес на формирање на личноста

Според повеќе професори со кои се консултиравме, едукацијата ги комбинира образованието и воспитувањето во една интегрална образовна институција каде што е вклучено и семејството. Образованието го чувствува пулсот на околината и социјалната средина врз детето. Психолошката суштина на образовниот процес е преминот на детето од едно во друго, повисоко ниво и состојба. Образованието ја формира психолошката структура на личноста.
Соговорниците истакнуваат дека резултатот од образованието е преточување на надворешното искуство, знаење, вредности, норми и правила во лични верувања, ставови и човечко однесување. Во пракса, едукацијата значи организирање значаен дел од животот и развојните активности на децата заедно со возрасните. Во таквата интеракција секој има свои улоги, цели, односи.
Професорите недвосмислено наведуваат повеќе цели на интегралната едукација во современата педагогија, односно дека образовниот процес не смее да изгледа онака како што е тој кај нас денес, има многу задачи: формирање сеопфатно развиена личност; всадување социјално приспособени, културни, социјално адекватни норми на однесување и живот; всадување морални и естетски квалитети кај една личност; развој на волја, целост и емоционална стабилност на поединецот; пристап до научни, историски, културни вредности и достигнувања на општеството; образование на патриотска личност во согласност со потребите на државата; анагенеза на личните способности, склоности и човечки потреби во различни области; создавање можности за спроведување различни видови когнитивни активности за проширување на погледот на светот, зголемување на нивото на образование и културно искуство; развој на способноста за приспособување на промените во општествениот, политичкиот и културниот живот на општеството…


Образование во функција на одржлив општествен развој

Образованието за одржлив развој е концепт создаден како одговор на предизвиците на развојот на современото општество. Тоа е еден од клучните механизми што треба да овозможи „развој што ги задоволува потребите на сегашноста без да ја загрози способноста на идните генерации да ги задоволат нивните потреби“ (Светска комисија за животна средина и развој – World Commision on Environment and Development). Покрај знаењето за тоа што претставува и што го загрозува одржливиот развој, образованието треба да им помогне на учениците да градат ставови и вредности врз основа на принципите на одржливиот развој, а особено да градат однесување што е во согласност со тие принципи

Концептот на образование за одржлив развој е нешто повеќе од едукација за одржлив развој. Образованието за одржлив развој, покрај знаењето, нужно се однесува и на вештините. Ова го доведува образованието во природна поврзаност со развојот на апликативните вештини и компетентноста на едуцираниот кадар за нивно практикување на соодветните знаења.
Знаењата и апликативните вештини што треба да се стекнат во текот на едно сериозно образование се и комплексен и интегрален и нераздвоен процес. Концептот на таквото образование за одржлив развој (одржливо производство и потрошувачка, управување со природните и сите други ресурси, корпоративни одговорности, заштита на животната средина и природата, ублажување на сиромаштијата, етика, одговорност на локално и глобално ниво, демократија, правда, безбедност, човекови права, здравје, културно наследство, рурален и урбан развој итн…) се сложени и не припаѓаат само на еден или само на некои наставни предмети!
Токму затоа овие проблеми се неопходни за воспитно-образовна работа за развивање на сите меѓунаставни компетенции. Од друга страна, овие компетенции ќе им овозможат на нашите ученици, деца и младина на соодветен начин да се соочат со проблемите на одржливиот развој, како сериозни предизвици и на совремието и на светот на иднината.