Фото: Игор Бансколиев

Со актуелно наметнатите уставни измени, Македонците чувствуваат дека се создава терен за процеси што ќе одат во спротивна насока од она што е декларирано како обединувачка идеја во резолуцијата од 2021 година. Реафирмирањето на таа резолуција е всушност решението за сите политички предизвици што ги создава притисокот за спроведување уставни измени по секоја цена

Решението за предизвикот на уставните измени е реафирмација на резолуцијата на Собранието од јули 2021

Со 95 гласа „за“, еден „воздржан“ и ниту еден „против“, на 29 јули 2021 години Собранието ја усвои резолуцијата за одредување на црвените линии во преговорите со Бугарија, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.
Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Една година пред да биде дадена согласност од извршната власт за т.н. француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, со резолуцијата, Собранието ја обврзува Владата во преговорите со Бугарија за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со ЕУ; да се почитува континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.
Декларираната волја на граѓаните во оваа резолуција, објавена во „Службен весник“, е актуелна и денес, кога главен политички предизвик е усвојувањето на уставните измени, како услов од т.н. француски предлог, кој речиси е сосема спротивен од она што пратениците го утврдиле како државна позиција во контекст на европските интеграции.


Содржина на собраниската резолуција од 29.7.2021

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на членот 68 став 2 од Уставот Република Северна Македонија, како и врз основа на членот 184 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Тргнувајќи од објавениот „Резултат од референдумот во Република Македонија одржан на 8 септември 1991 година“ („Службен весник на Република Македонија“ број 43/1991), почитувајќи ги позициите на „Декларацијата за развој на односите на Република Македонија со Европската Унија“ усвоена од Собранието на 4 февруари 1998 година („Службен весник на Република Македонија“ број 7/1998), а во контекст на наметнатите билатерални пречки кон Европската Унија, ние пратениците ја декларираме волјата на граѓаните и на ден 29 јули 2021 година, Собранието на Република Северна Македонија донесе

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ДРЖАВНИ ПОЗИЦИИ ВО КОНТЕКСТ НА БЛОКАДИТЕ НА ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ

1. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;

2. Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;

3. Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор – споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам;

4. Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите;

5. Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на Организацијата на Обединетите нации (ООН) за правото на самоопределување и за човековите права и слободи;

6. Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност;

7. Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа резолуција;

8. Оваа резолуција ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Бр. 08 3602/1 29 јули 2021 година Скопје, Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, м-р Талат Џафери, с.р.


Резолуцијата за утврдување македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции од една страна и францускиот предлог на спротивната страна

Консензус се гради за нешто што обединува, а не што разнебитува

Отпорот на македонските граѓани спрема уценувачкиот пристап за уставните измени, изразен речиси секогаш при истражување на јавното мислење кај 80 отсто од испитаниците, говори за амбиент што во реалноста не го поддржува политичкото настојување за нивно спроведување по секоја цена. Барањата, политичките калкулации, „прагматичните“ идеи за манипулации до постигнување на целта барем за двотретинско мнозинство (иако се слушаат и изјави за гласање на сите 120 пратеници), одат само во прилог на наметнување неодржливо решение, кое ќе продуцира длабоки општествени поделби и разнебитување на државата. Политичкиот консензус што се бара се гради околу идеја што обединува, а не што разнебитува. Постигнатиот политички консензус, постигнат при гласањето во Собранието на резолуцијата во 2021година, јасно кажува дека обединувачката идеја е зацврстување на државноправното уредување на Македонија, како унитарна и суверена држава, со нагласување на државотворната улога и значење на македонскиот народ. Со актуелно наметнатите уставни измени, Македонците чувствуваат дека се создава терен за процеси што ќе одат во спротивна насока од она што е декларирано како обединувачка идеја во резолуцијата од 2021 година. Реафирмирањето на таа резолуција е всушност решението за сите политички предизвици што ги создава притисокот за спроведување уставни измени по секоја цена.


Уште еден аспект на резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.

Консензусот еднаш веќе е постигнат и тој треба да се следи

И покрај постоењето на резолуцијата за македонските позиции во однос на условите што ни се поставуваат во евроинтеграциите, една година подоцна Владата практично се согласи со предлог за да започнат преговорите со ЕУ, кој е целосно поништување на сѐ што било декларирано во неа. Прифаќањето само на првиот услов за одржување втор состанок од меѓувладината конференција со ЕУ, по спроведување уставни измени и внесување на Бугарите во македонскиот устав, како уште едно малцинство, е суштинско погазување на претходно декларираните државни позиции за „преговори на рамноправна и принципиелна основа“. Со вметнувањето протоколи од меѓувладините седници на македонската и бугарската влада, како анекс на преговарачката рамка за Македонија, Бугарија практично вгради контролен механизам за ексклузивно управување со македонските евроинтеграции, а целата резолуција на македонското собрание практично станува непостојна.
Актуелниот парадокс во македонскиот политички амбиент е што сега се бара консензус од опозицијата за да бидат изгласани во Собранието условените уставни измени, кои се целосна негација на претходно изгласаниот консензус за резолуцијата.
Според аналитичарите и познавачите на македонските политички процеси, па и на политичкиот менталитет, ваквите состојби во кои Македонија е принудена на политичко „салто мортале“, како од соседите, така и од меѓународната заедница, се поради тоа што е веќе перципирано дека постигнувањето консензус за важни национални прашања е „тенката нишка што лесно се кине“, поради што е послабата страна во билатералните односи, важни за мозаикот на „големата слика.
– Не мора да сме послаби. Ако сме принципиелни и ако сме одговорни како политичари (независно дали сме на власт или во опозиција), мислам дека Македонија може да постигне многу повеќе резултати. Сетете се, Софија пред да влезе во сериозни разговори со Македонија, седнаа во парламентот и направија политички консензус, донесоа ставови.
Во македонскиот парламент, во јули 2021 година, политичките партии седнаа, донесоа резолуција за позициите на Македонија во спорот. Дури 95 пратеници од СДСМ и ВМРО гласаа за таа резолуција во којашто се вели: „Треба да се почитуваат историските факти, за самобитноста на македонската нација, културата, за јазикот, за вековните тежненија за државност…“. Тоа не го изгласало само ВМРО-ДПМНЕ, туку и пратеници од СДСМ. Тогаш треба да се придржуваш до тоа што си го гласал за тоа. Како можело тогаш да се постигне консензус за таа резолуција… Одговорноста во едно демократско општество е секогаш поголема кај власта. Недостига добра волја, разбирање, пред сѐ во СДСМ, но и во ДУИ, дека оваа работа не можат да ја истераат тука, во Македонија, со сила и со уцени. Не можат да ја приведат опозицијата на гласање – анализира во едно медиумско гостување новинарот Бранко Героски.
Во контекст на апелите за постигнување консензус за уставните измени, две години по донесување на резолуцијата за македонските позиции во однос на условите што ни се поставуваат во евроинтеграциите, добро е да се потсети дека тој веќе е постигнат! Но, тоа секако е консензус против сѐ што претставуваат и ќе предизвикаат во македонското општество таквите уставни измени под уцена. Собранието, едноставно, треба да се придржува до таа своја консензусна резолуција од јули 2021 година.