ПОВОД: „УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ДОГОВОРЕНИ,
САМО ТРЕБА ДА ГО ИСПОЛНИМЕ ОНА ШТО Е ПРЕД НАС“ (!?)

Македонија, како суверена и независна држава, нема потреба воопшто да им угодува и исполнува барања на други држави, во случајот на Бугарија, туку треба да ги гледа сопствените интереси и на сопствените граѓани. Оттаму вистинската теза е дека ништо не е договорено, додека вистински ние не се договориме, односно додека во целост не бидат заштитени интересите на македонскиот народ и држава, и да се превенираат сите евентуални идни замки во евроинтеграциите и во опстојувањето на македонскиот народ. Тоа практично треба да бидат сижето и водилката во дејствувањето на сите политичари, од власта и опозицијата, пред домашната и пред меѓународната јавност, оценуваат соговорниците

Последната изјава на висок претставник на власта во која се тврди дека ние со Бугарија веќе сме се договориле и дека нема потреба повторно да се преговара, при што треба само да го исполниме тоа што се бара од нас, предизвика бура реакции кај стручната јавност.
– Нема потреба повторно да преговараме, само треба да го исполниме ова што е пред нас, да ги внесеме Бугарите како и сите други што сме ги внеле досега во Уставот – изјави вицепремиерот Маричиќ.
Нашите соговорници се едноставно вчудовидени со каква леснотија високи државни функционери излегуваат во јавноста, недочекувајќи ја сѐ уште неискажаната волја на граѓаните, без јавен претрес на содржините и формите од страна на институциите… Искажани се исклучително проблематични тези во однос на суштински прашања за државата, кои имаат идентитетски, историски и друг национален предзнак, сведувајќи го истото тоа на едноставна „пиши – бриши“ политика. Ваквиот приод е државно и национално суициден, а во иднина ќе има далекосежни последици врз опстојувањето на македонскиот народ и држава.
Од друга страна ваквите тврдења, дека треба само да исполниме тоа што се бара од нас, одат во прилог на сомнежите дека во Македонија некои поединци или групи се ставаат во ситуација да носат одлуки (не верификувани од граѓаните низ различни форми и механизми или, пак, од институциите, туку по некое свое видување, или можеби по инструкции однадвор или нечиј туѓ диктат). Таквите одлуки, неминати низ филтрите на широка и длабока јавна и институционална анализа и синтетизирани во една заедничка унисона државна позиција, само можат да им нанесат длабока болка и штета на македонскиот народ и држава.

Никако повторно пред завршен чин!

За жал и претходно, при носењето на Преспанскиот договор, исто така како држава и како народ бевме ставени пред свршен чин, да исполнуваме нешто што политичарите веќе претходно, по свое видување и замисла, го договориле. Во таа насока ставот на експертите е категоричен.

Македонија, како суверена и независна држава, нема потреба воопшто да им угодува и исполнува барања на други држави, во случајот на Бугарија, туку треба да ги гледа сопствените интереси и на сопствените граѓани. Оттаму вистинската теза е дека ништо не е договорено, додека вистински не се договори, односно додека во целост не бидат заштитени интересите на македонскиот народ и држава и не бидат отстранети сите евентуални идни замки во евроинтеграциите. Тоа практично треба да бидат сижето и водилката во дејствувањето на сите политичари, од власта и опозицијата, пред домашната и пред меѓународната јавност, оценуваат аналитичарите.

Притоа никој нема мандат за какви било договарања и отстапки, кои се контра интересите на државата и граѓаните, и затоа треба да се заземе цврст курс со кој дополнително ќе се заштити и засили државотворноста на македонскиот народ, при евентуалните уставни измени.

Фото: Игор Бансколиев

Тезата што веќе подолго време ја застапуваа и нашиот весник, а претставува и своевиден сублимат од аналитички сондажи и мислењата и на стручната јавност, е дека при евентуално отворање на Уставот, Бугарите може да бидат внесени, но само и единствено како малцинство, што ќе важи и за другите малцински етнички заедници во државата. Сите тие, се разбира, и досега имале и отсега ќе имаат право да ги уживаат сите малцински права што се пропишани според меѓународните договори. Но клучната разлика што треба да се направи е во преамбулата на Уставот и понатаму во нормативниот дел да се нагласи дека единствен носечки државотворен народ во Македонија е македонскиот народ, како мнозински народ во државата. За експертите нема сомнение дека во моментов најопасно е доколку се потпреме на (леко)верувањата на одредени политичари дека, наводно, треба само да се внесат Бугарите во Уставот и работата е завршена, односно нема да има други барања и условувања.

Тоа е уште една голема стапица и замка за Македонија, тврдат познавачите на околностите во Унијата.
– И при спорот со Грција ни велеа само сменете го името и патот кон ЕУ е отворен. За жал, до ден-денес тоа не се оствари. Напротив само 12 дена по потпишувањето на договорот од Преспа, ЕУ излезе со за нас тогаш шокирачка одлука да не ни додели датум за почеток на преговорите. Истото може да се случи и сега и затоа мора да бидеме многу внимателни. Да не избрзуваме со непромислени изјави и потези и да се обидеме да постигнеме широк политички консензус за националните прашања со кои ќе се засили државотворниот капацитет на македонскиот народ – велат аналитичарите.

Тие уште додаваат дека Бугарија е несомнено најслабата алка, во секој поглед во рамките на Унијата, и ние немаме потреба да се приспособуваме на интересите на најслабата алка, туку треба да ги гледаме нашите интереси да ги издигнеме на ниво на ЕУ.

Уште кој треба да ни каже дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав нема да биде последното барање на Софија

Во изминатиот период дури и редица бугарски политичари јасно порачаа дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав нема да биде последното барање, туку само првиот од многуте услови на европскиот пат на Македонија.
– Нема да поставуваме нови услови, единствено бараме Скопје да ги исполни обврските од преговарачката рамка – порача бугарскиот претседател Румен Радев.
Истата теза, во друга конотација – но со иста суштина, дека треба да се исполнат сите наведени барања во преговарачката рамка, ја повторија и германскиот канцелар Олаф Шолц и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.

Вчера, пред почетокот на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи потврди дека сите бугарски барања се внесени во преговарачката рамка за Македонија.
– ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Моментот за одговорни одлуки е сега – твитна Вархеи.
Клучното прашање што се наметнува, по вака јасно искажаните пораки, на европски политичари е следното. Ако Македонија треба да ги исполни сите бугарски барања од преговарачката рамка, тоа во превод значи целосна промена на нашата историја, образованието или со други зборови бришење на македонскиот национален идентитет и посебност како држава и како народ.
Патем, во преговарачката рамка стои дека треба да се прифатат сите препораки на мешаната историска комисија, да се сменат учебниците по историја, да се откажеме од најзначајните делови од нашата историја, да се откажеме од македонското малцинство во Бугарија итн.

Токму поради сите овие условувања, кои може да бидат пречка на нашиот пат кон ЕУ, видни експерти, академици и аналитичари предлагаат мораториум на работата на историската комисија сѐ до наше членство во Унијата.
– Комисијата добива едно интересно значење на некакво семоќно тело, кое ќе треба да биде гарант за европската иднина на Македонија, а научното работење не може да го врзете во определени рамки и конкретни датуми. Така, двете држави, не подоцна од учебната 2024-2025 треба да ги усогласат сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на комисијата. Таквите промени во учебниците нема да бидат во корист ниту на учениците, ниту на државата, ниту на наставниот процес.

Еве и конкретен пример. На 11 октомври македонскиот народ се кренал на востание, но сега нема да пишува ниту против кого, ниту зошто се кренал на востание. За да може да задоволите нечиј историски бугарски наратив треба да одите сами против себе и да ја негирате македонската антифашистичка борба за самостојност и независност – стравуваат историчарите во однос на идните предизвици во евроинтеграциите.