Фото: Архива

Повеќе од очигледно е дека новиот „северномакедонски“ идентитет станува реалност бидејќи сите го поврзуваат со новото име на државата, а овдешните официјални власти повеќе не реагираат на секојдневните „лапсуси“ што доаѓаат од страна. Повеќе нема никаква дилема дека главната цел на промената на државното име и на сите оние што инсистираа на тоа е креирање целосно нов идентитет, со што би му се ставило крај на македонското прашање на Балканот. Вратите за овој идентитетски инженеринг беа отворени со Преспанската спогодба, а Бугарија и Европа сега сакаат да го финишираат целиот процес. Можеби и затоа е толкавото брзање за промена на сите лични документи на македонските граѓани, за да се стави траен печат во креирањето на новиот „северномакедонски“ идентитет. И додека сериозните држави дури и на најмало вербално загрозување на нивниот идентитет реагираат со сета жестина и алатки што им се на располагање на државите и на нивните институции, кај нас на таквите атаки се реагира анемично, млако, па дури и никако… Такво нешто е недопустливо!

Етноцидната операција за бришење на македонскиот народ добива интензитет

Процесот на креирање нов „северномакедонски“ идентитет на македонскиот народ веќе се одвива со полн интензитет, со што уште еднаш се потврдија сите стравувања на оние што се противеа на промената на уставното име на државата, тврдејќи дека новото име на државата генерира и нов идентитет.
Ако претходно „северномакедонските“ квалификации се сведуваа на наводен лапсус, сега веќе тој термин со кој се означува македонскиот народ на големо се официјализира и станува секојдневие во сите сфери, почнувајќи од политиката, спортот, економијата и многу други области.

Од секаде се слуша „северномакедонски
политичари, работници, спортисти, јазик…“

Имено, неодамна на еден од огласите за вработување објавени од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е ангажиран од Владата за изградба на делниците од коридорите 8 и 10-д, во критериумите што треба да ги поседуваат кандидатите, меѓу другото, стои познавање „северномакедонски мајчин јазик“.
Веќе и коментаторите на спортските канали од регионот што се емитуваат во македонскиот етер сè почесто го употребуваат идентитетското обележје „северномакедонски“ во согласност со новото име на државата, било да станува збор за фудбалери, за кошаркари, за ракометари или за други спортски работници.
Неодамна и во образложението зошто некои имиња се нашле на новата американска црна листа на Канцеларијата за контрола на средствата и имотот на странци при Министерството за финансии на САД вешто беше избегнат идентитетскиот опис „македонски“ кога се споменуваа поранешни високи функционери, туку пред нивните функции стоеше само името на државата. Пред некој ден и бугарската потпретседателка Илијана Јотова повторно зборуваше за „северномакедонски народ“.
Повеќе од очигледно е дека новиот „северномакедонски“ идентитет станува реалност бидејќи сите го поврзуваат со новото име на државата, а овдешните официјални власти повеќе не реагираат на секојдневните „лапсуси“ што доаѓаат од страна. Повеќе нема никаква дилема дека главната цел на промената на државното име и на сите оние што инсистираа на тоа е креирање целосно нов идентитет, со што би му се ставило крај на македонското прашање на Балканот. Тука треба да се бараат и причините за ултимативните бугарски барања за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи официјална Софија на тој начин гледа шанса да го наметне бугарскиот идентитет на овие простори, за што веќе во соседните земји работи на асимилирање на македонското малцинство и бришење на секаква трага дека на овие простори постои македонски народ. Вратите за овој идентитетски инженеринг беа отворени со Преспанската спогодба, а Бугарија и Европа сега сакаат да го финишираат целиот процес. Можеби и затоа е толкавото брзање за промена на сите лични документи на македонските граѓани, за да се стави траен печат во креирањето на новиот „северномакедонски“ идентитет.

Без поништување на договорите со Грција и со Бугарија, новиот идентитет ќе се востанови и прифати нашироко

Професорот по меѓународно право Игор Јанев од Институтот за политички студии од Белград смета дека новиот идентитет е резултат на новото име и дека од тоа ново име се деривира и името на народот и на нацијата.
– Jасно е дека сè додека не се раскине Преспанскиот договор, ние ќе останеме „Република Северна Македонија“ и нашиот национален идентитет ќе биде соодветно модифициран, така што целиот свет ќе ја употребува вештачката кованица „северномакедонци“, односно „северномакедонска“ итн. – вели Јанев.
Според него, факт е дека државата го изгуби основниот елемент на државност, а тоа е суверенитетот ,бидејќи повеќе не смее самостојно да си го определи државноправниот идентитет (името).
– Кога не можете сами да си го определите името на државата, произлегува дека воопшто не сте држава. За една држава да биде држава е неопходно да има население, потоа територија и на крајот суверена власт, но, за жал, овој последниот елемент недостига. Со Преспанската спогодба се откажавме од правото на национална самоидентификација и самоопределување. Идентитетот што произлезе од договорот од Нивици е во суштинска спротивност со основните елементи на сувереност и всушност претставува негова негација – истакнува Јанев.
Професорот и натаму останува на својот добропознат став дека оваа држава по 2018 година е лажна, псевдодржава без основниот елемент на државност, суверенитет.
– Државноправниот идентитет е создаден вештачки (2018. со П.С.) со надворешно интервенирање и договор со друга држава, чиј интерес беше вграден во креација на таквиот лажен идентитет (РСМ), надвор од инхерентната народна волја и оригиналниот легитимитет на македонскиот народ, како суверен народ – потенцира Јанев.

Ново име, нов идентитет

За него единственото решение да се спречи етноцид на еден народ така што ќе се креира нова нација е еднострано раскинување на Преспанската спогодба и на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија.
– Секој „идентитетски договор“, имајќи го предвид фактот дека е спротивен на императивната норма или јус когенс (вроденото право на идентитет), може да се раскине еднострано, во согласност со членот 53 од Виенската конвенција за договорно право, според кој договори спротивни на императивната норма се од старт неважечки. Според истата конвенција, може да се направи истото укинување и со неприменливи договори, какви што се Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, кој е асимилаторски, и Преспанската спогодба (негаторски инструмент) – констатира Јанев.
И голем број професори, интелектуалци, аналитичари, експерти од областа на меѓународното право немаат никаква дилема дека со прифаќањето на новото име на државата всушност ќе се создаде и нов идентитет.
– Ние на овој проблем укажувавме уште на времето кога се потпишуваше Преспанскиот договор. Не може државата да се вика Северна Македонија, а придавката да си остане „македонски“, бидејќи не е во духот на зборообразувањето, ниту во духот на германските, ниту во духот на словенските јазици. Истиот момент кога тие потпишаа за Северна Македонија, истиот момент и Холандија и некои други земји го употребија терминот „северномакедонци“. Сега тоа станува реалност и за пет-шест години сите ќе нè ословуваат како северномакедонци и целта за бришење на македонскиот народ ќе биде постигната. Грците ни го забранија правото на антиката, Бугарите ни ја ремоделираат поновата историја, така што ќе остане некоја „северномакедонска историја“ по 2018 година, како и таква нова нација – заклучуваат соговорниците.