Ако се земат предвид сите индикации на бугарската политика и лингвистика за македонскиот литературен јазик, ќе се види дека тие се реликти на минатото, остатоци од 19 и 20 век. Една застарена политика што никако не одговара на новото време, на светските политички и духовни процеси. Политика што не е израз на добрососедство и пријателство. Негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија, 80 години по кодификацијата, слободно може да се смета за кршење на говорните права на Македонците, ограничување на нивните слободи да мислат и да говорат на сопствениот јазик и да пишуваат со своето писмо и за грубо мешање во нивниот приватен, општествен и социјален живот
Македонскиот јазик меѓу кодификацијата и стварноста
Македонската држава и нејзините надлежни институции достоинствено ја одбележаа осумдесетгодишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. За Македонците тоа е ден од национално значење зашто преку писменоста прескокнаа векови во својот културен и духовен развој. Инаку, низ Европа, 800 милиони Европејци, на 26 септември го одбележуваат Европскиот ден на јазиците, кој е одбран и воведен од Советот на Европа во 2001 година. Септември годинава е уште една пригода за поширока промоција на македонскиот јазик низ европските земји членки на Унијата, со што ќе го осигури своето заслужено место во регистарот на европските јазици. Засега таму го нема, а ќе го нема сѐ до официјалниот прием во Унијата, ако некогаш се случи тоа.
Светот е богат со различни јазици
Во светот постојат меѓу шест и седум илјади јазици што ги говорат околу осум милијарди луѓе. Во Европа се говорат 225 автономни јазици, што е околу 3 отсто од јазиците во светот. Најмногу јазици има во Азија и во Африка. Мнозинството европски јазици припаѓаат на индоевропското семејство. Повеќето јазици се во родство едни со други како членови на едно семејство. Во Европа јазиците се израснати низ три широки групи и повеќе подгрупи. Германското семејство јазици ги вклучува данскиот, норвешкиот, шведскиот, исландскиот, германскиот, холандскиот, англискиот и други помали. Романската група ја сочинуваат францускиот, италијанскиот, шпанскиот, португалскиот, романскиот и други не толку користени јазици. Третата група се словенските јазици, меѓу нив се рускиот, полскиот, чешкиот, словачкиот, словенечкиот, белорускиот, украинскиот, бугарскиот, српскиот, хрватскиот. На групата словенски јазици припаѓа и македонскиот јазик.
Според објавени статистики, речиси половина од луѓето во светот се двојазични или повеќејазични, зборуваат еден или повеќе странски јазици. Јазиците се во постојан контакт едни со други, влијаат едни на други на разни начини. Англискиот јазик позајмувал зборови од други јазици, европските јазици сега позајмуваат многу зборови од англискиот. Македонскиот јазик позајмил зборови од бугарскиот, српскиот, рускиот, многу од турскиот јазик, а последните децении од англискиот и од германскиот.
Во администрацијата на ЕУ не фигурира македонскиот
Европската Унија има 27 членки, а 24 јазици се во службена употреба. Тоа е така затоа што некои земји имаат ист јазик. Официјални јазици се: холандски, француски, германски, италијански, дански, англиски, грчки, португалски, шпански, фински, шведски, чешки, естонски, унгарски, летонски, литвански, малтешки, полски, словачки, словенечки, бугарски, ирски, романски и хрватски. Како што земјите биле примани така за службени биле официјализирани нивните национални јазици, иако имало исклучоци. Хрватскиот, кој по распадот на Југославија се одвои како самостоен од тогашниот српскохрватски, е последниот службен јазик во Унијата.
Во администрацијата на Унијата не фигурира македонскиот. Го нема како признаен јазик, иако на македонските делегации им е дозволено да зборуваат на својот мајчин јазик, со соодветен превод. Ги нема ниту српскиот и црногорскиот јазик, иако двете држави одамна ги имаат почнато преговорите и се стигнати до некои кластери. Го нема ниту албанскиот затоа што Албанија е на самиот почеток на преговорите, а Косово е далеку од таков старт.
За еден јазик да стане официјален, потребно е прво земјата да стане рамноправна членка. Како што се гласа со апсолутен консензус за приемот, така е потребен консензус и за јазикот, барем засега додека не се укине таквата процедура. Гласаат сите 27 земји. Но и притоа има исклучоци. За нас особено е поучен примерот со Ирска. Оваа островска држава е примена во ЕУ во 1973 година. Поради разни спорења околу англискиот јазик, ирскиот јазик за официјален е признаен дури во 2007 година, 34 години подоцна од приемот.
Пречките и забраните од Бугарија
Во Република Северна Македонија од одредени кругови од СДСМ се тврди дека македонскиот јазик бил признаен со потпишување на договорот за ФРОНТЕКС, пред три години, но прашањето за јазикот нема блиска врска со Унијата, со Советот на Европа и со нивните административни тела. Поранешните македонски власти, исто така, тврдеа дека не се преговара за јазични теми, но откако се појавија потпишаните протоколи со Бугарија се покажа дека министерот Бујар Османи и премиерите Заев и Ковачевски ширеле лажни вести. Од македонска страна, по налог на ЕУ беше објавена една срамна белешка, која наместо да го штити, го доведе јазикот во сфера на поголема неизвесност.
За признавањето на македонскиот јазик како официјален јазик на ЕУ клучен фактор се бугарските услови и барања, односно поставени забрани. Како што е познато, официјална Бугарија не ги признава македонскиот народ и македонскиот литературен јазик. Ги смета за бугарски, најмалку до 1944-1945 година, односно до денот на одлуката за кодификација донесена на АСНОМ. Бугарското собрание во 2019 година има донесено декларација за непризнавање и таа обврска ја има оставено како аманет до сите идни генерации. Како што има ставено вето за приемот на државата, такво вето има доставено до ЕУ и за името на јазикот и на писмото.
Во посебна декларација на Министерството за надворешни работи на Бугарија, која е доставена до сите земји членки, се укажува дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во никој случај не треба да се толкува како признавање на „македонскиот јазик“ од страна на Република Бугарија. Цитирано: „Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и други на ЕУ и нејзините институции, тела, канцеларии и агенции мора да се разбере строго во согласност со Уставот на оваа земја и никако да не се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на ’македонскиот јазик‘“.
Исти ставови и по 80 години
Ако се гледа текстот на тој документ во целина, станува јасно дека бугарската влада става до знаење дека услов за Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ е да ја прифати интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и на македонскиот јазик, како единствена историска вистина. Од друга страна не се исклучени ниту евентуални нови грчки ултиматуми затоа што во Спогодбата за името со Грција македонскиот јазик е условен со ѕвездичка – објаснување како дел од групата јужнословенски јазици.
Според тврдењата на бугарските лингвисти, македонскиот литературен јазик е формиран врз граматичката структура на југозападниот бугарски говор со создавањето на СР Македонија во рамките на југословенската федерација и тој е наложен по силата на политички декрет, кој е прифатен на определено место (во манастирот „Прохор Пчињски“) и на определен датум (2 август 1944 г.).
Според нив, терминот „македонски“ во синтагмата „македонски говор“, употребуван во славистичката наука пошироко, треба да се третира како географски термин според областа Македонија, аналогно на тракиски спрема Тракија, мизиски спрема Мизија. Терминот „македонски литературен јазик“ асоцира на втор бугарски книжевен јазик и не е посебен национален јазик. Тој е варијанта на бугарскиот литературен јазик, негов западен дијалект. Истовремено потенцирана е тезата дека македонскиот јазик е измислен од србокомунистите, дека е вештачки како што е вештачки создадена македонската нација и дека тоа го направиле србоманските изроди од Македонија. Таквите тврдења се од денот кога македонскиот јазик е официјално кодифициран, што значи, еве, веќе, 80 години.
Враќање во минатите векови
Ако се земат предвид сите индикации на бугарската политика и лингвистика за македонскиот литературен јазик, ќе се види дека тие се реликти на минатото, остатоци од 19 и 20 век. Една застарена политика што никако не одговара на новото време, на светските политички и духовни процеси. Политика што не е израз на добрососедство и пријателство. Бугарскиот однос по македонското прашање може да бара поводи и оправдување во дел од историски и научни факти, но тој нивен поглед никако не е во корелација со потеклото на јазиците, а најмалку со принципите на Европската Унија и на Советот на Европа за суверенитетот на јазикот и самобитноста на духовната култура на еден народ.
Едно од главните обележја на ЕУ, една од вистинските вредности е почитувањето и негувањето на јазичните различности затоа што јазиците се важен елемент во националното наследство и традиција. Значи, заштитата на повеќејазичноста е едно од темелните начела на ЕУ. Цел на таа политика е луѓето да комуницираат на нивните јазици, да се заштити богатата јазична разноликост и да се поттикнуваат луѓето да учат повеќе јазици.
Во случајот со Македонија и со македонскиот јазик, Европската Унија, поддржувајќи ги бугарските погледи, не се држи до своите утврдени ставови, ги крши сопствените начела. Самата унија декларира дека почитувањето на јазикот на една земја е почитување на нејзиниот народ, дека јазикот е средство за разбирање меѓу луѓето, не за копање длабоки ровови. И клуч за создавање и чување на идентитетот. Негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија слободно може да се смета за кршење на говорните права на Македонците, ограничување на нивните слободи да мислат и да говорат на сопствениот јазик и да пишуваат со своето писмо и за грубо мешање во нивниот приватен, општествен и социјален живот.