Од новинарскиот бележник: кон јубилејот на Ацо Шопов
Не денови, не месеци и години, туку векови летаат како сиви гулаби, како што пееше легендата на македонската изворна народна песна, мојот драг пријател Александар Сариевски, во антологиската песна „Дејгиди луди млади години“. А кантавторот на патриотската новосоздадена македонска патриотска песна Јонче Христовски, исто така, легенда и мој драг пријател, во вонвременската песна „Ај, засвирете ми чалгии…“ ги опејува жалоста и тагата за младоста, која брзо заминала. Овие и неколку други песни, со иста или слична содржина и пораки, ги слушам и секогаш во мене побудуваат носталгија и понекоја капка солза, како жал за младоста, за минатото, за годините што брзо ми заминале. На овој начин го најдов лекот да се „ослободам“ од носталгијата, од тагата за времето и невремето што ми заминало. Одвреме-навреме во мојата работна соба нурнувам во куповите пожолтени листови на новинарските бележници, на старите весници, списанија и фотографии, ми се враќаат спомените, доживувањата низ времето минато, кое ми ги овозможи новинарската благородна професија.
Од купот илјадници, илјадници фотографии, не знам како, се оддели црно-бела фотографија, на која на задната страна сум запишал: декември 1973 година, „Поетско пладне, во чест на 50–от роденден на поетот Ацо Шопов“. Вечерта, Иван Антоновски, писател, книжевен критичар, есеист и книжевен преведувач, на ФБ ја пласира најавата за промоцијата на неговото книжевно дело – „Од онаа страна на небиднината“, разговор со Светлана Шопова за Ацо Шопов. И по повеќе од четири децении од физичкото заминување на Шопов, кога чествуваме сто години од неговото раѓање, чекорењето од онаа страна на небиднината на моменти не беше лесно…
Каква коинциденција. Антоновски напиша книга за Ацо Шопов, промоцијата ќе ја одржи во чест на одбележувањето на 100–те години од раѓањето на поетот (20 декември 1923). Мојот текст е потсетување на чествувањето на јубилејот, 50 години од раѓањето на Ацо Шопов, еден од основоположниците на македонската современа книжевност, кој беше одржан во големата сала на Работничкиот универзитет во Гостивар (ден-два пред роденденот). (Идејата беше на Тодор Чаловски, поет, литературен критичар, есеист и преведувач, роден во Гостивар, кој мене ми ја довери организацијата и да ја водам литературната средба).
Особена чест и задоволство ми причинува по половина век од овој литературен настан да напишам текст во кој ќе ги запознаам читателите со настанот посветен на творештвото на Ацо Шопов, великан на македонската современа поезија, член и еден од основачите на ДПМ, член и основач на МАНУ, основач и претседател на СВП, бил основач и се наоѓал на одговорни функции и на многу други културни институции, издавачки куќи, весници и списанија.
Вреди да се потсетиме на јубилејот 50 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов. Салата беше исполнета до последното место, со околу 150 љубители на убавиот пишан збор, речиси од сите возрасти, кои со големо внимание ги следеа настапите на гостите учесници, славеникот Ацо Шопов и на неговите колеги поети – Тодор Чаловски, Ристо Јачев и Љубен Ташковски. Учесниците јавно на гостите им признаа и им се заблагодарија за пријатната атмосфера и амбиент, кои ги поттикнале да се вдахноват и да се надминат.
За богатиот книжевен опус на поетот Ацо Шопов говореше Тодор Чаловски, негов колега и литературен критичар.
Претставник на присутните гостиварци од срце му ги пренесе честитките за јубилејниот роденден на славеникот Ацо Шопов, му посака да има здравје, плодно поетско творештво и да продолжи да твори со ист елан како досега, како во периодот кога му било и најтешко во животот, како партизан, учесник во Втората светска војна, во Народноослободителната војна, кога тој со илјадници македонски борци дал придонес во ослободувањето на Македонија од окупаторот, а многу од борците не ја дочекале слободата што ја посакувале.
Според сеќавањата и белешките во новинарскиот нотес, жалам што аудиоснимката од настанот, како и интервјуто што го имав за Радио Гостивар, одамна беа исчезнати од фонотеката на радиото. Славеникот, поетот Ацо Шопов, пријатно беше изненаден од честа што му беше укажана од гостиварци, од големиот интерес за неговото творештво. Откако од срце се заблагодари, тој накратко се осврна за годините минати со пушка на рамо во четиригодишната борба против окупаторот и за создавањето на првите стихови во виорот на војната, кои се со патриотска и револуционерна содржина, бидејќи така налагале условите.
Поетот Ацо Шопов им порача на присутните и тие да им пренесат на блиските роднини и пријатели, секое слободно време да го користат со книги на македонските автори. На овој начин, како што рече тој, не само што ќе го усовршуваат македонскиот литературен јазик, кој како и секој јазик е жива материја и постојано еволуира, туку ќе се запознаат и со нашата историја, географија, со животни приказни и сл. Како што се сеќавам, на крајот од обраќањето, поетот Шопов посака и порача небиднината на неговата генерација и на генерациите пред него да останат во историјата, а човештвото да има светла биднина.