По повод 75-годишнина од основањето на Сојузот на филателистите на Македонија

Сојузот на филателистите (СФМ) е здружение на граѓани, кое годинава одбележува 75 години постоење. По тој повод, со гордост се навраќаме на нашиот прилог кон збогатувањето на културната и образовната историја на нашата држава. Првите години по ослободувањето, кога е општонародна радоста дека конечно во своја слободна држава првпат слободно се говорел мајчиниот македонски јазик, се разгрануваат творечките сили, долго потиснувани и забранувани. Со скромни материјални средства, но со многу занес никнуваат нови институции и организации, образовни и културни установи и здруженија, училишта, издавачка дејност и весници, сценска уметност, ликовни салони и други културни дејности. На свој јазик може да се претставуваат и печатат творби на поетите, писателите, на сцените да се изведуваат претстави и музички дела, а паралелно се основани стручни, спортски организации и здруженија. Тоа се активности со кои целото општество се труди да го надомести заостанувањето наметнато со децении. Импресивна е листата на најразлични иницијативи на граѓаните, од планинари и ловџии до еснафи и задруги.
Среде тие општествени процеси и во тој бран на полет се вклучиле и група собирачи на поштенски марки и сроден поштенски материјал, писма, разгледници, поштенски налепки и формулари. Се раѓа и остварува идејата да се основа Сојуз на филателистите на Македонија.
И така, во 1950 година група ентузијасти се здружиле како основачи на нашиот Сојуз и на 29 јануари 1950 година го основале Иницијативниот одбор за формирање на нашиот Сојуз. Според документите, клучна личност за оваа иницијатива бил Светолик Наумовски, раководител во ПТТ Македонија. Одборот ги одредил носителите на потребните активности за да се регистрира Сојузот според тогашните прописи. Најважно било да се состави Статутот на идниот Сојуз, да се организира основачко собрание и потоа пријавата за регистрација на Сојузот да се поднесе во надлежните институции. Овие подготвителни активности траеле речиси два месеца.
Зачуваната документација, за жал, не е целосна за да се проследи целата постапка, но сепак направивме напор да го забележиме секој следен чекор, сѐ до денот на формално впишување на Сојузот на 13 март 1950 година во Регистарот на општествени организации. Во годините што следуваат Сојузот ја раширува својата мрежа на подружници и друштва низ целата Република и во еден период стасува до 14 регистрирани здруженија, а во годините на најизразит подем членството достигнува бројка од 800. Како претседатели на Сојузот се забележени истакнати борци од НОБ, општественици, стопанственици, имаме и писатели, доктори, инженери и адвокати, кои паралелно со професионалните обврски и поради својата пасија, филателијата, имале мотив да се ангажираат и во административните обврски на Сојузот. Кон тоа да додадеме дека личности од Македонија со највисок политички ранг во поранешна СФРЈ, како Л. Мојсов, К. Црвенковски, Д. Беловски, биле избирани во раководните филателистички тела на сојузно ниво и имале пресудна улога во некои кризни периоди. Нашиот Сојуз како основач на Сојузот на филателистите на ФНРЈ, подоцна на СФРЈ, е член на меѓународните организации на филателистите, Светската федерација и на Европската асоцијација и дејствува според меѓународните филателистички правила.

Ако се навратиме на историјата, скудни се изворите за филателистичко истражување. Нема зачувани документи, уште помалку средени, кои содржат посебни податоци за некоја филателистичка активност во Македонија во XIX и XX век. Но трагајќи низ публикациите од тие времиња може да се најдат интересни информации. Нашите претходници се потпирале на многу скромна основа. Не постоела традиција за собирање марки, туку оние луѓе што имале деловни врски со странците биле љубопитни да разберат што е тоа што ги привлекува да собираат марки. На преминот од 19 во 20 век низ Македонија поминува Ориент-експресот, Турската Империја е членка на Меѓународниот поштенски сојуз и природно продирало сознанието дека и ние сме дел од поштенската мрежа. Постепено биле преземани дотогаш непознатите дејности што се одлика на современо општество. Вреди да се одбележат некои имиња и настани. Во документите е забележено дека во Велес се издадени првите разгледници. Поимотните трговци почнале да ги чуваат писмата од нивната комерцијална преписка. Во почетокот на 20 век во Велес таткото на Ганчо Аџипанзов, поетот и интербригадист во Шпанија, собирал марки, писма и банкноти, за што дознаваме од белешката во која е опишана штетата на семејната куќа, која изгорела до темел. Меѓу двете светски војни некои стопанственици што соработувале со странците започнале со колекционирање. Битола, значаен конзулски град, природно се појавува како прво место каде што имало граѓани со интерес за колекционерство. Подоцна, пред Втората светска војна, од статија во весник дознаваме дека во Еврејската заедница имало филателисти. Во Скопје се оформила група на поимашни граѓани, кои успеале во 1940 година да ја организираат и првата филателистичка изложба во тогашната Вардарска Бановина. Изложбата била организирана според правилата што важеле во Европа, па за неа биле објавени посебна марка со проспект и пригоден плик, поштата издала пригоден печат, а настанот го обележиле тогашните гласила.
Во текот на окупацијата 1941-1945 сепак постоел промет со филателистички материјал. Сведоштво за тоа е збирката што, според некои податоци, му припаѓала на првиот претседател на Народноослободителниот одбор на Скопје, во која се наоѓаат непоништени марки од Србија под окупација, од Бугарија и од НДХ, дури и од Генералниот Гувернерат, окупациско име за Полска. Зачувани пликови има малку и нивно натамошно истражување е нужно оти тие откриваат податоци за стопанскиот живот, а поопшто и за општествениот. Во историската архива на Народната банка се чуваат пликови од кореспонденцијата на окупациските банки во Македонија со своите централи. Во оние два месеца од капитулацијата на Бугарија на 9 септември до ослободувањето на Скопје на 13 ноември 1944 година германскиот Вермахт воспоставува Комитет како некој вид локална власт. Овој Комитет донесува Решение број 21 на 10 октомври 1944 година затекнатите бугарски марки да се препечатат во печатницата „Крајничанец“ со текст „Македонија“ со бугарска кирилица и со датум 8.9.1944, но никогаш не биле пуштени во службена употреба.
И уште еден историски податок. Еден од основачите на нашиот Сојуз и подоцнежен претседател, Мане Хаџи-Пецов, ја започнал колекцијата „препечатки“, окупациски марки врз кои е отпечатена петокрака или текст „Демократска Федеративна Југославија“, од периодот есен-зима 1944 година, и формирал збирка „ДФЈ Привремени изданија на федералните единици“, која подоцна ја изложувал на првите југословенски филателистички изложби.

Мораме да го обележиме фактот дека Поштата на Демократска Федеративна Југославија веднаш по конечното ослободување на државата, на 2 август 1945 година ја издава својата прва пригодна марка. На неа е претставен манастирот „Св. Прохор Пчињски“, а е објавена по повод годишнината на Првото заседание на АСНОМ, веднаш по серијата редовни марки со ликот на водачот на Народноослободителната борба, маршалот Тито.
* * *
Витрините исполнети со марки и друг филателистички материјал со своето шаренило и богатство од информации го пленат погледот. Тоа е всушност најзначајната активност на Сојузот, широката публика да ја запознае со достигнувања на општеството на сите полиња. Преку марките се соопштува за придонесот на одделни личности во областа на нивното дејствување, за стопанските постигнувања, а културното наследство се доближува на еден ненаметлив, но и атрактивен начин. Уметничките дела се исто така чест мотив на марките. За читателите се интересни и статиите што информираат за активностите на филателистите.
Ние не се ограничуваме само на нивно собирање, туку и ги проучуваме, средуваме и прикажуваме пред јавноста. Ние сме и толкувачи на нивните карактеристики. Ги истражуваме нивната историја и содржина, ги споредуваме со слични, ги подредуваме според воспоставените меѓународни правила.
Поимот филателисти не ги опфаќа сите подрачја на нашиот интерес. Во нашите збирки се застапени и монети и банкноти, приврзоци, понатаму значки, спомен-лажичиња, документи, запалки, тематски книги, етикети… Ние сме по природата на нештата колекционери и ова е наведено и во нашиот Статут. Го јакнеме нашиот натпреварувачи дух со излагање на меѓународни манифестации. Ние сме и публицисти оти објавуваме книги, монографии и статии за нашите збирки. И секако, како организација се обидуваме да го најдеме своето место во општественото живеење и да придонесеме за подобро претставување на нашата држава.
Поминаа времињата кога поштенскиот сообраќај ја носеше главнината на товарот да се пренесе порака од едно на друго место. Новите технологии се наметнаа, а како последица нашата пасија, филателијата и воопшто колекционерството, го губи своето место меѓу човековите активности во слободно време. Денес сме помалку, но не се предаваме.
За популаризација на филателијата Сојузот досега организираше три републички и десетина тематски изложби, на кои беа претставени колекциите на членовите. Со текот на времето се стекнавме со искуство и учествуваме на најпрестижните светски изложби со нашите збирки. Ја популаризираме продукцијата на нашата Пошта, но пред сѐ ја претставуваме нашата држава.
Нашата документација сведочи дека наши збирки биле изложени во дваесетина држави, од Бразил преку Европа до Кореја, а сме се вратиле со околу 150 медали, дипломи и признанија. Во периодот на пандемијата се разви нов начин на претставување на збирките, на виртуелни изложби, па брзо се приспособивме и на овој модел на презентација.

Поштата го прифати нашиот предлог да издаде марка по повод нашиот јубилеј, 75 години од основањето на Сојузот на филателистите на Македонија, и ја внесе во Годишната програма на изданија за 2025 година. Нашиот претседател Синиша Павлески е признаен познавач на светските трендови на дизајните на марките и Поштата го прифати неговиот предлог за ликовното решение. Сакаме нашите изданија да го држат чекорот и да се квалификуваат за високи оценки на меѓународните изложби.
По традиција, Сојузот настојува значајните датуми од нашата историја и од општествениот живот да ги проследи со соодветна филателистичка активност. Во неколку наврати изготвивме спомен-пликови и спомен-разгледници по различни поводи, меѓу кои ги издвојуваме изданијата за писателот Ацо Шопов и сликарот Ѓорѓи Зографски, потоа за научникот Никола Коперник, а редовно бараме заинтересирана институција за заедничко издавање филателистички материјал, пликови и разгледници. Покрај Сојузот, и некои членови имаат сопствени изданија. Од не помало значење се нашите публицистички трудови. За почит е листата на објавени книги и историски прегледи на теми од филателијата и нумизматиката, истории и историски прирачници, монографии, прв лексикон на филателистички поими на македонски јазик од автори филателисти. Да бидеме во трендот, подготвивме и видеоколаж за нашата историја. Наши дописи и статии беа публикувани во нашите весници, но и во меѓународните филателистички списанија.
За одбележување на јубилејот, 75 години од основањето, годинава, токму на Денот на победата над фашизмот, 9 Мај, го завршивме нашиот повеќегодишен проект „Народните херои од Македонија во Народноослободителната борба 1941-1945 година“. Го започнавме во соработка со Сојузот на борците во 2020 година, кој ни помогна да ја добиеме официјалната листа на сите 66 херои и литература за нивните биографии. Поддршката ни беше драгоцена да ги пронајдеме наследниците на хероите, но и за самата организација на настанот.
Цел на проектот, кој го започнавме во 2021 година, беше да потсети на нивниот јуначки влог во нашата слобода, да им се остави во наследство на следните генерации споменот на нивното дело, но и да укаже на еден општествен пропуст, дека дваесетина народни херои се заборавени – нема институција, установа или улица што го носи нивното име. Издадовме пригоден филателистички материјал, спомен-пликови (на стогодишнината од раѓањето на херојот) и спомен-разгледници (на осумдесет години од загинувањето) со нивните ликови. Свои дела ни понудија неколку наши ликовни уметници, меѓу нив и Зоран Кардула, кој ни го стави на располагање целиот свој тематски опус „Народни херои“. Овие изданија ги промовиравме пред граѓаните во нивните родни места, дури и во текот на пандемијата. Голем број медиуми и портали со должно внимание го претставија овој заеднички труд.
Годината на јубилејот ја заокружуваме со два настана во просториите на Сојузот на плоштадот „Слобода“ во Скопје. Приредивме изложба на добиените медали, дипломи и признанија во текот на годините. Меѓу експонатите се издвојуваа златните медали на нашите членови, а со својата егзотика и особениот ликовен израз пленеа плакетите добиени на светските филателистички изложби на Далечниот Исток.
Новогодишен филателистички базар организиравме на 14 декември. Нашите членови им понудија на посетителите марки, банкноти и монети од целиот свет, албуми и кластери, но и писма, разгледници и документи од XIX и XX век. Некои од гостите донесоа наследени филателистички збирки и ним им овозможивме, со увид во најновите светски каталози од библиотеката на Сојузот и со наша помош, самите да ја направат процената на вредноста.

Aвтор: Димитар Белчев

Авторот е претседател на Извршниот одбор на Сојузот на филателистите