Веднаш по седницата за уставните измени, откако се виде дека за нив, во оваа форма како што се предложени, засега нема поддршка ниту во Собранието ниту кај македонскиот народ, домашните носители на јавни функции се растрчаа низ белиот свет. Како да се толкува тоа: како барање помош или отчет?! Зошто пред сѐ и над сѐ нашите избраници не се завртија кон нас, кои им го делегиравме легитимитетот да одлучуваат во институциите, за да најдат институционален начин да го чујат непосредно мислењето на граѓаните? Вака сега испаѓа дека на некакви неформални вечери во Атина, Мадрид, Брисел итн. далеку од очите на домашната јавност ќе се кројат нови планови за тоа што ќе се прави понатаму?!
ПО СОБРАНИСКАТА СЕДНИЦА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧАРИ СО ПОЛНА УСТА ЗА ПОМОШ И ПОПЛАКИ НА „ЕВРОПСКА ТУРНЕЈА“
Првата работна недела по собраниската седница за уставните измени, која се одржа во петокот на 18 август, за домашните политичари започна навистина „работно“. Така, политичарите од власта веднаш фатија пат под нозе и се растрчаа низ белиот свет на европска турнеја на некакви формални и неформални средби, додека претставниците од опозицијата својата политичка агенда ја одработуваат засега од дома или лобирајќи кај сестринските партии во Европа.
Премиерот Димитар Ковачевски ја започна работната недела со посета на Атина, каде што ќе учествува на неформална вечера што ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Неформалната вечера ќе се одржи во премиерската палата и на неа ќе стане збор за проширувањето на Унијата и за европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од самитот ЕУ – Западен Балкан и Декларацијата од Солун. Поканата на Мицотакис ја прифатиле и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат на вечерата. На оваа неформална вечера се најавува присуство и на претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и на лидерите на земјите од регионот што се членки на ЕУ, премиерите на Бугарија, Хрватска и на Романија. Особено интересен е моментот на оваа неформална вечер, кој доаѓа веднаш по првично неуспешната седница во македонското собрание за уставните измени.
Пред посетата, премиерот Ковачевски во телевизиско интервју најави дека во Атина ќе се сретне со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, која, како што рече, од прва рака ќе може да се информира од него за текот на уставните измени, иако, како што истакна, „таа веќе ги има сите информации и пред одржувањето на седницата во однос на поднесувањето“, како и за целиот процес.
Сосема е извесно дека Ковачевски ќе побара од Фон дер Лејен поизразито и посилно дипломатско присуство на европски политичари во Македонија во следниот период, со цел силно лобирање за уставните измени, како што беше и за смена на името пред Преспанскиот договор. Тоа европско лобирање веќе започна пред неколку месеци, со испраќање на таканаречените европски тројки, односно заедничко доаѓање на тројца политичари од три различни држави, па можно е сега уште повеќе да се интензивира. Можеби токму на таа неформална вечера во Атина ќе се крои и стратегијата како понатаму во однос на уставните измени, откако се виде дека за нив, во ова форма како што се предложени, засега нема поддршка ниту во Собранието ниту кај македонскиот народ, велат дипломатски извори. Засега, сепак, е нејасно дали ЕУ ќе опстои на претходната стратегија на притисок за уставни измени или можеби ќе се повлече.
Отсутен од државата, нешто подолго од Ковачевски, оваа недела ќе биде и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој изминатиот период беше меѓу најекспонираните политичари токму во однос на уставните измени.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од 21 до 25 август, или цела работна недела, ќе престојува во посета на Кралството Шпанија, каде што ќе учествува на летна академија организирана од страна на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Џозеп Борел и меѓународниот универзитет „Менендез Пелајо“.
– Османи ќе се обрати на панел посветен на проширувањето и соседството, со фокус на Западен Балкан и неговиот пат кон Европската Унија. На агендата на Османи на маргините на летната академија се и многубројни билатерални средби со колеги, меѓу кои со шефот на европската дипломатија, Борел, и на Литванија, Ландсбергис – велат од МНР. Во моментов токму Шпанија е актуелен претседавач со ЕУ и од неа може да произлезат различни иницијативи, како што впрочем беше и со францускиот предлог, за време на претседателството на Франција.
Веројатно на таа карта игра и Османи. Исто како и премиерот и шефот на дипломатијата ќе ја искористи посетата за евентуално обезбедување поширока европска поддршка и афирмирање на неговите политички и партиски позиции во однос на уставните реформи.
Но дали ќе ја добие и во каква форма, останува неизвесно.
Од друга страна, клучното прашање што се наметнува е кому прво требаше да му реферираат и да му дадат отчет домашните политичари. Кој е поважен за македонските политичари – дали граѓаните или странците. И конечно, дали нивните посети и средби со странските дипломати можеби треба да се искористат сосема во друга насока во интерес на очекувањата на македонските граѓани и одбрана на националните интереси на државата.
– По започнатата и незавршена седница за уставните измени, македонските граѓани најмалку што очекуваат од своите политички претставници и од политичките лидери е да реферираат прво пред нив, да дадат отчет, но и визија како мислат да продолжат понатаму наместо да се оди на „исповед пред странците“ и таму да се кројат нови планови. Тоа е само уште една потврда за една политика без чувство на одговорност и отчетност пред сопствениот народ – тврдат аналитичарите.
Според нив, ваквите посети треба да се искористат сосема во друга насока на разубедување на европската политичка јавност во апсурдноста на бугарските уцени и барања упатени кон Македонија. Така, наместо да се разубедува Македонија, треба да се разубедуваат Бугарија и Европа, и тоа е многу поефикасен, подемократски и поевропски приод отколку да се продолжи со уцените и притисоците врз Македонија, тврдат соговорниците.