Човекот кого при појавувањето на бугарската политичка сцена го нарекуваа Мистер Харвард, поради неговото бескрајно истакнување на фактот дека дипломирал на престижниот американски универзитет, не сака толку лесно да ја испушти премиерската фотелја. Петков самоуверено изјавува дека е подготвен да ја продолжи битката со своите политички опоненти и да продолжи таму каде што застана вчера.
Но, од друга страна, засега е нејасно колку тој навистина е подготвен да се справи со обелоденетите информации што се однесуваат на неговата деловна и приватна заднина, која многу ќе влијае врз неговата политичка иднина. Во бугарската јавност проциркулираа видеа и фотоснимки, изјави и информации што го компромитираат Петков и кривично и прекршочно и етички и морално…
Бугарската јавност во дилема: Има ли Кирил Петков кредибилитет да биде Мистер Харвард
Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера ја депонира оставката во народното собрание. Како што е познато, владата на Петков остана на власт нешто повеќе од шест месеци и беше соборена со гласање недоверба минатата недела, со 124 гласа од ГЕРБ, ДПС, Преродба и групата Има таков народ. Шефот на државата Румен Радев ќе започне консултации со претставниците на пратеничките групи за да го врачи мандатот за формирање нова влада во рамките на актуелниот парламент.
Вчера, пак, Петков самоуверено рече дека „по добивањето на мандатот од претседателот, во истиот состав ќе биде и кабинетот што ќе го предложи“. Рече и дека е подготвен да разговара и со други пратеници од пратеничките групи.
Петков подготвен за политичка борба, но во
деловното работење и во неговиот приватен живот откриена „длабока темна страна“
Очигледно човекот кого при појавувањето на бугарската политичка сцена го нарекуваа Мистер Харвард, поради неговото бескрајно истакнување на фактот дека дипломирал на престижниот американски универзитет, не сака толку лесно да ја испушти премиерската фотелја. Според најавите, тој е подготвен да ја продолжи битката со своите политички опоненти и да продолжи таму каде што застана вчера.
Но засега е нејасно колку е тој подготвен да се справи со својата деловна и приватна заднина, која многу ќе влијае врз неговата политичка иднина. Првиот предизвик дојде уште вчера, преку ликот на неговата до скоро најблиска соработничка, шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова. Имено, вчера во бугарските медиуми беше обелоденето дека поранешната шефица на кабинетот на Кирил Петков била повикана во државното обвинителство да даде исказ во врска со тешка коруптивна зделка во која е вмешан Кирил Петков, кој тогаш бил министер за економија во бугарската влада. Според бугарските медиуми, Лена Бориславова како адвокатка во приватна адвокатска канцеларија (и интимна пријателка на Петков) била таргетирана од државната Бугарска банка за развој (БДБ) формално да ги застапува интересите на банката, а неформално да го искористи влијанието на тогашниот министер Петков, да не бидат разрешени првите луѓе на државната БДБ.
Тргување со влијание
Бугарските медиуми вчера посветија големо внимание на објавата на Лена Бориславова на социјалните мрежи, со наслов „Обвинителството ме проверува“. Имено, уште на 1 јули 2021 година, Бориславова потпишува договор како претставничка на приватна адвокатска канцеларија со државната Бугарска банка за развој (БДБ), во кој, според весникот „Труд“, јасно стои дека „адвокатската канцеларија ќе ѝ додели на Лена Бориславова да ги застапува услугите на самото место во канцеларијата на клиентот“. Државното обвинителство контактирало со неа, „но не за заостанатите заеми или за штетата на државниот ресурс, туку поради договор склучен со канцеларијата, кој му помогна на новото раководство во првите денови од битката“, напиша Бориславова на социјалната мрежа. Под „битка“, таа ги подразбира минатогодишните обиди на, како што го нарекува весникот, „нејзиниот интимно близок“ Кирил Петков да го смени раководството на државната банка БДБ.
Бугарската јавност се прашува зошто токму вчера се активира целиот овој проблем, иако работите стануваат појасни ако се потсетиме која е Лена Бориславова.
Основано сомнение и за извршени други кривични дела од страна на Петков
Од вчера е јасно дека „истрагата“ започнала нецели две недели откако во медиумите беше објавено скандалозното видео од интимната средба на Кирил Петков и Лена Бориславова, на која се гледа дека раката на тогашниот министер е на неприкладно место на телото на тогашната адвокатка. Тоа било документирано со видео од страна на сопственикот и издавач на ПИК, Недјалко Недјалков, кој истото тоа го проследил како пријава до надлежните државни институции. Пријавата, според Недјалков, содржела и дополнителни елементи за извршено друго „можно кривично дело сторено од страна на Петков и Бориславова, поврзано со нивното патување во Солун или за евентуален судир на интереси“. Недјалков во пријавата барал проверка на сите назначувања на јавна функција и исплата на надоместок на Бориславова, вклучувајќи и од државната банка БДБ.
Пошироката јавност дозна дека „снимката од љубовното гнездо“ е направена на 20.6.2021 година, кога Петков сѐ уште ја извршуваше должноста министер за економија, а дамата до него беше само адвокатка од фирмата „Џингов, Гугински, Ќучуков и Величков“, која десетина дена подоцна склучи договор „да ја поддржи битката на новото раководство на БДБ“. Инаку, адвокат од истата канцеларија тогаш беше Никола Минчев, несреќниот поранешен претседател на 47. Народно собрание, па можно е и тој да падне во опфатот на истата обвинителска истрага.
Кирил Петков и „играта со Опра Винфри“
Кога би била само епизодата со Бориславова, веројатно Петков полесно би минал и би се извлекол со добри советници. Но остануваат уште многу интересни темни епизоди што го следат во кариерата, а кои имаат индиции за „извршени измами и други прекршоци и кривични дела“, кои фрлаат темна сенка врз моралниот лик на Кирил Петков.
Така, еден од првите индикатори што остана без последици е противуставното именување на Петков за министер за економија, што го констатира Уставниот суд. Причина за тоа е што Петков во моментот на именувањето имал двојно државјанство – бугарско и канадско, што се коси со бугарскиот устав. И не е само тоа. Веројатно засекогаш ќе останат неразјаснети бизнис-зделките што Кирил Петков и неговиот најблизок соработник Асен Василев ги правеле носејќи наводно странски инвеститори во Бугарија. За тоа доволно аргументи има лицето Мортен Лунд, бизнис-партнерот на Василев. Тој јавно сведочеше за овие зделки кај Станислав Цанов, бугарски новинар, кој во мај 2020 година го почнува проектот „Цанов НАПРЕД и НАГОРЕ“, на каналот Јутјуб. Токму во рамките на овој проект, Лунд изнесе низа основани обвиненија за партнерот на Петков, Василев.
Но во истата емисија јавноста дознава уште низа интересни факти. Еден од нив е дека Петков не секогаш ја зборувал вистината. Така, меѓу највпечатливите моменти е изјавата дека Опра Винфри е голема пријателка и обожавателка на производот „провиотик“, кој во Канада го развива и го продава Петков, а кој се базира на природни состојки, пред сѐ на бугарско кокиче. Е, тој производ се најде на насловната страница на официјалниот магазин на Опра, се пофали идниот бугарски премиер. Но новинарот Цанов не беше мрзлив, па го побара конкретниот број на списанието. На него ја немаше рекламата на „провиотик“!
Но не е само таа „игра“ со фотошопот, разоткрива натаму Цанов. Тој посочува на неколку прилози од Јутјуб за некакви средби со граѓани на кои Петков настапува од името на партијата Продолжуваме со промени. На трите прилога има наводно 381.000, 279.000 и 387.000 гледачи, што е одлична посетеност. Но, од друга страна, на нив има само по околу 200 знаци „лајк“, а ниеден коментар, што е речиси невозможно, особено ако е точна огромната бројка на посетеност на страницата.
И да не набројуваме понатаму, веројатно и Петков и луѓето околу него се свесни за сето она што е во годиниве искажано, напишано и измонтирано за него. Очигледно е дека го чека уште многу борба, колку отворена со неговите политички опоненти, но и многу поголема и потешка со сите оние што имаат свои интереси за политичко, деловно и приватно дискредитирање на Мистер Харвард.