Што покажуваат резултатите од најдолготрајното глобално истражување во светот, со кое се мерат индексот на надежта, индексот на среќата и трендот на очекувања за економската состојба
И покрај тоа што за среќата, надежта и оптимизмот се вели дека се субјективни доживувања, дека зависат од структурата на личноста, од вредносниот систем, воспитувањето, образованието…, научниците и истражувачите, во изминативе години, сѐ поинтензивно се обидуваат да докажат оти тие се поврзани и со објективните околности и нивни варијабли, или променливи вредности, кои, сепак, се многу поегзактни од претходно споменатите. Тие, според нив, се условени, пред и над сѐ, од квалитетот на животот, а се изразуваат низ можностите за задоволување на материјалните и нематеријалните животни потреби, општествената инклузивност и за остварување на личните и професионалните цели и амбиции. Поради сето тоа, барем на прв поглед, произлегува дека она што во современото општество веќе се дефинира како индекс на среќа, има и субјективни и објективни примеси. Но за научниците, тоа веќе е симбиоза на субјективните доживувања и објективните околности, за која, колку што се познато, сѐ уште не постои точна формула.
Во изминативе години, Организацијата на Обединетите нации, како и голем број владини и невладини институции и организации низ светот се обидуваат да го дефинираат и, со некакви бројки и ранг-листи, да го изразат индексот на среќата, при што се прават рангирањана на глобално и на национално ниво, а најзастапените аспекти се задоволството од животниот стандард, работното место и перспективите за професионален развој, достапноста на сообраќајната, здравствената, образовната и секаква друга инфраструктура, животната средина, семејната положба…
Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации со резолуцијата од пред десетина години, дури и го прогласи 20 март како датум за одбележување на Меѓународниот ден на среќата.
– Потрагата по среќа е сериозна работа. Среќата за целото човештво е една од главните цели на ОН. Мир, благосостојба, достоинствен живот за сите. Тоа е она што ние го бараме – објасни притоа тогашниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун.
Во меѓувреме, и група професори од Економскиот институт при УКИМ, под раководството на докторите Владимир Петковски и Елизабета Џамбаска, спроведоа истражување за социоекономските индикатори и квалитетот на животот во Македонија.
– Подолго време, економската наука посветува внимание и во истиот период сè повеќе се промовира концептот на економска благосостојба. Фокусот е не само постигнување позитивен економски раст и развој туку како и дали истиот тој ја подобрува благосостојбата на луѓето.
Статистичките индикатори за реален БДП не можат да ја покажат реално благосостојбата на луѓето. Индексот на човеков развој е показател што претставува композит од три индикатори, кои ги покажуваат постигнувањата во поглед на човековиот развој (очекуваното траење на животот, образованието и, секако, економскиот параметар за БДП изразен по жител и според паритетот на куповната моќ). Подоцна, согледувајќи ги и другите аспекти што се значајни за човековиот развој и економската благосостојба воведени се и други индекси. На овој начин со статистичката база на индекси и индикатори што го пресметуваат квалитетот на човековиот развој се овозможува преглед на достигнувањата на човековиот развој, како и компарација.
Во изминативе години, особено заинтересиран за објаснување на тој феномен во македонските услови е и докторот Живко Груевски.
– За жал, нашата држава во континуитет е рангирана во втората група на најмалку среќни земји во светот, а македонските граѓани се помалку среќни од сите други во соседните балкански земји. За ваквите навистина поразителни резултати, во најголема мера треба да им „заблагодариме“ на нашите дежурни кочничари на развојот, кои агресивно ги манифестираат своите лични фрустрации и комплекси изворно поврзани со нивниот „лузерски“ код на животна неисполнетост и нереализираност како вистински вредни личности. Овие хронично незадоволни и длабоко несреќни индивидуи упорно управуваат со своите активности гледајќи во ретровизорот и возејќи во „рикверц“, не прифаќаат промени и упорно одбиваат да ги отфрлат вкоравените предрасуди и песимистичкото чувство на губитници или судбински страдалници од памтивек, кои, ете, никој не ги сака, а странските инвеститори само ги искористуваат за нивните лукративни цели… – објаснува д-р Груевски.
А каква е состојбата во Македонија, според некои веќе прифатни критериуми, во моментов во однос на претходната година, покажува глобалното истражување на „Галуп интернешнл“.
На прашањето: „Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2022 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2021 година?“, 21 отсто од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 38 проценти рекле дека ќе биде полоша, 37 проценти дека ќе биде иста како 2021, а 4 отсто не знаеле или немале одговор. И очекувањата во однос на економијата покажуваат загриженост, но, како што наведуваат истражувачите, нема пораст на загриженоста во споредба со лани.
Анкетираните граѓани во Македонија на прашањето: „Во споредба со оваа година, според Вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски тешкотии или ќе остане иста за нашата земја?“, 19 отсто рекле дека ќе биде година на економски просперитет, 50 проценти дека ќе биде година со економски тешкотии, 28 отсто одговориле дека ќе биде иста како претходната, а 3 отсто не знаеле или немале одговор.
Ниту глобалните проекции, според истражувачите, не се охрабрувачки.
– На крајот на 2021 година, глобалната надеж и среќа во светот се намалуваат во споредба со минатата година. Стравувањата од претстојните економски тешкотии остануваат високи и постојано растат. Глобалната пандемија очигледно сè уште влијае на надежите, стравовите и очекувањата на светот, но има значителни разлики по региони и по земји – се вели во истражувањето именувано „Крајот на годината“, најдолготрајното глобално истражување во светот со кое „Галуп интернешнл“ од 1979 година ги мери индексот на надежта, индексот на среќата и трендот на очекувања за економската состојба.
Но овој пат, оттаму забележуваат дека „како што се приближува крајот на 2021 година, има надеж за посветла иднина во светот, иако не на ниво измерено пред неколку години“.
И конечно, на прашањето како може да се измерат надежта, среќата и оптимизмот, претседателот на институтот, Канчо Стојчев, објаснува дека научниците за анкетирање секогаш мерат меки и субјективни карактеристики, бидејќи човечката свест како таква е мека и субјективна.
– Со мерење меки и субјективни карактеристики, добиваме нешто многу силно и многу објективно, имено, јавното мислење, кое е моќна колективна санкција во едно демократско општество, јавен чекан. Значи, со анкетирање на луѓето низ светот, ние не ги бараме нивните индивидуални ставови или преференции, туку се обидуваме да ги одразиме перцепциите на јавноста – појасни Стојчев. Д.М.М.