Каква и да била претходната година, колку и да сме скептични за иднината, пред Нова година, макар и по навика, си ги подигнуваме сопствените очекувања за среќа, надежите за радост, како за себеси, но и за да им ги подариме на другите. Зашто секогаш радоста и среќата се поголеми кога се споделуваат. Пред новогодишните празници ги прашавме македонските политичари на што се радуваат тие самите, како сакаат да ги радуваат другите и дали елементот на среќа треба да биде застапен во програмите на политичарите и политичките партии. Каде ја бараат среќата македонските политичари?
Новогодишна анкета
Стево Пендаровски – претседател на Македонија
Во 2022 година посакувам, пред сѐ, здравје за сите наши граѓани. Пандемијата на ковид-19 нѐ научи колку е скапoцено нашето здравје и дека ако го имаме здравјето, другото сѐ е надминливо.
Ме радува секогаш кога ќе слушнам позитивни приказни за наши млади што успеваат дома, со развој во кариера, отворање бизниси, успешни креативци и претприемачи, наместо да се иселат во странство.
Сметам дека политичарите се должни да работат за среќата, или би рекол за благосостојбата на граѓаните. Не треба само да ја мериме среќата на граѓаните, што може да се смета за моментална состојба, туку повеќе фокусот треба да биде на благосостојбата. Колку нашите граѓани имаат спокој дека живеат во стабилна држава, каде што може да ја планираат на подолг рок својата иднина, колку имаат верба дека доколку им се влоши здравствената состојба, ќе добијат соодветна медицинска помош и нега и колку веруваат дека нивните деца ќе добијат квалитетно образование.
Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Не е едноставно ова прашање, особено по ваква тешка година, би рекол тешки години на порази во низа. Граѓаните заслужуваат да бидат среќни, да чувствуваат предвидливост и да веруваат во иднината тука во Македонија.
За жал, пред некое време читав една релевантна статистика каде што Македонија е рангирана за една од државите што е најнесреќна во Европа. И на тоа мора државата да има решение.
Едноставен е рецептот, држава што се грижи за своите граѓани, што обезбедува предвидлива подобра иднина, развој и напредување.
Тоа е возможно само со чесни и честити луѓе во политиката и тука е одговорот на прашањето дали е потребно среќата да е застапена во политичките програми.
Оттука, јасна е пораката како јас би ги израдувал, а тоа е вистинска искрена и чесна посветена работа кон тоа Македонија да има стандард, како што еднаш споредив, како една Австрија, но не само на економски туку и на здравствен, образовен, правосуден, стандардизиран систем на кариерен развој, создавање еднакви услови за живеење на сите луѓе во Македонија.
Граѓаните ќе ги израдува ако имаат систем во којшто ќе бидат вреднувани вистинските вредности и систем во којшто децата, нашата иднина, ќе бидат тука, ќе ја гледаат својата иднина тука во Македонија.
Солза Грчева – претседателка на Глас за Македонија
Ме радуваат средби и познанства со искрени, храбри луѓе, кои не се воздржуваат да го кажат тоа што го мислат, со никаква политичка заднина. Ме радува да им помагам на луѓето, да придонесам колку што можам да им предизвикам насмевки и повеќе се радувам кога јас дарувам отколку кога добивам подароци. Што се однесува до грижата на политиката за среќата на граѓаните, ми се чини дека во програмите на партиите како да го нема народот, или барем како фокусот да е изместен од потребите на народот. И според повеќе анкети, народот во Македонија се перциприра меѓу најнесреќните во Европа, па и во некој поширок глобален контекст. Една од поголемите грижи на многу семејства е што децата им заминуваат да си го бараат својот пат надвор од Македонија. Таа слика на загрижени и нерадосни луѓе треба да биде променета. А тоа не зависи од еден човек или од една партија – потребни се коренити промени на системот. Треба да се создаде амбиент со похрабри, почесни, поискрени луѓе, кои ќе ги искоренат корупцијата, непотизмот, партизираноста.. и другите слабости на општеството, кои се надоврзуваат едни на други.
Зијадин Села – претседател на Алијанса за Албанците
Што може да ме израдува? Животот и сето добро што го има во него: децата, љубовта кон нив и кон семејството, возвратената љубов. Успехот, бидејќи преку успехот се радуваш себеси, но истовремено и другите.
Како сакам јас да ги радувам луѓето? Со вистината, а вистината во врска со среќата и радоста најдобро се опишува во една поговорка, која гласи вака: „Радоста е избор, а не резултат. Ништо нема да те прави радосен додека не избереш да бидеш радосен. Ниту една личност нема да те направи радосен ако не одлучиш да бидеш радосен. Радоста нема да дојде кај тебе. Таа доага само од тебе.“ А дали среќата треба да биде дел од политичките програми? Па среќата и радоста се суштината на нашата политичка програма, а претпоставам и на другите. Ставањето на среќата како посебно поглавје на политичките програми, повеќе наликува на тоталитаризам и диктатура, како што е последниот пример на Северна Кореја, кога беше воведена 11-дневна забрана за смеење во знак на тага за бившиот „голем лидер“.
Сања Лукаревска – директорка на УЈП и заменик-претседателка а СДСМ
Добрите луѓе и убавиот збор секогаш мамат насмевка и нѐ прават среќни. Повозрасните и поискусните велат дека за среќа малку треба и тоа е навистина така. Пријатен разговор, убаво време поминато со семејството, пријателите е нешто што секому му е потребно. Но како жена што се занимава и со политика, кај мене среќа предизвикуваат сите мерки и реформи што се за добро на граѓаните, кои ја подобруваат нивната економска и социјална состојба, кога знам дека како политичари сме постигнале да предизвикаме позитивни чувства и среќа кај луѓето. Се соочуваме со глобална здравствена и економска криза. Горда сум што Владата на Република С. Македонија креираше антикризни пакет-мерки со кои се помогна работниците да ги зачуваат работните места, се поддржаа семејствата од ранливите категории, стопанствениците…
Граѓаните сакаат сигурност, благосостојба, вреднуван труд, добар здравствен и образовен систем, напредок. Креирајќи ги условите за сето ова да го почувствуваат, ја креира нивната среќа. Тоа е нашата мисија на којашто посветено работиме и горда сум и среќна што сум дел од тоа.
Димитар Апасиев – пратеник и лидер на Левица
Интересно е како за време на празниците се форсира концептот на среќа и како честопати, дури и насила се обидуваме да го креираме – преку лампиони, ламбички, украси, сценирани фотографии, мотивациски говори… Лично, а и како левичар, не верувам во персоналната и индивидуализирана „потрага по среќа“, туку сметам дека благосостојбата и задоволството на човекот во голема мера се одредени од материјалните услови на живот, кои ги имаме во општеството, како и од личното духовно надградување, со фокус на благодарноста. Сметам дека наместо вештачката западнистичка индустрија на среќата, во животот е подобро да бараме смисла! Во таа насока, чувствувам дека мојот живот добива смисла преку мојата улога како сопруг и татко, како и преку искрената и посветена политичката борба за создавање правичен систем, кој ќе резултира во создавање здраво општество, со примарен фокус на потребите на човекот. Нашиот народ, под притисок на тешкото капиталистичко секојдневие во срушениов „систем“, за жал, нема многу пригоди да се радува и затоа е еден од најнесреќните народи во Европа. Радоста е сведена само на некои лични моменти на успех или ефемерни постигнувања. За да можеме да се радуваме сите заедно, потребно е сите учесници во политичкиот живот на Републиката да ги остваруваат ветувањата од предизборните програми и да не бидат корумпирани. Тоа би било добар почеток за заедничарење, врз основа на нов општествен договор – ослободен од етнотрибализам, сецесионизам и националшовинизам.
Гордана Силјановска – пратеничка и професорка по уставно право
Среќата во принцип е индивидуална работа и можеби не се секогаш најсреќни тие што се најбогати. Но болно е кога ќе прочитате во анкети дека во Македонија народот е несреќен, дури меѓу најнесреќните народи во Европа, во оваа сегашност. Луѓето имаат потреба од среќа и во тешки времиња, а ја пронаоѓаат во малите нешта. Притоа имаме една огромна дискрепанца во стилот на животот на две категории граѓани. На една страна – несреќен народ, а од друга страна стилот на живот на политичарите е како виртуелен свет во однос на другите граѓани. Смислата на политичкото дејствување е да се усреќат колку што е можно повеќе луѓе, но мислам дека нашите политичари не се водат воопшто според оваа максима, ниту според основниот принцип на нашиот устав – хуманизам и солидарност. Во таквата реалност, ме радува што во Собранието сум поинаква од другите, но сум послична на граѓаните. Луѓето имаат потреба од среќа и во тешки времиња, а ја пронаоѓаат во малите нешта. Многу малку е потребно да се променат работите на подобро. Потреба ни е политика заснована на вредности, којашто ќе создава човечки вредности.
Јасминка Павловска