ПОВОД: ГЛАВНИОТ ИЗВЕДУВАЧ НА СТРАТЕШКИТЕ НУКЛЕАРНИ ПРОЕКТИ ВО РЕГИОНОТ НА ЦЕНТРАЛНА АЗИЈА, „РОСАТОМ“, НАЈАВИ НАМАЛУВАЊЕ НА СВОЈАТА ИНВЕСТИЦИСКА ПРОГРАМА ЗА РЕЧИСИ 50 ПРОЦЕНТИ
- Најавата на генералниот директор на компанијата Алексеј Лихачов дека „Росатом“ годинава ќе ја намали својата инвестициска програма за
речиси 50 отсто поради „лошите економски услови“, а истовремено ќе ги намали и оперативните трошоци за 10 проценти во следните 18 месеци, претставува јасен сигнал дека руската компанија повеќе нема финансиски простор за агресивната експанзија што ја водеше изминатата деценија
Амбициозните планови на Казахстан и Узбекистан за развој на нуклеарната енергија би можеле да се соочат со сериозен тест. Причина не е недостигот од политичка волја во Астана или Ташкент, туку финансиската состојба на рускиот државен нуклеарен гигант „Росатом“, кој во последните години се наметна како главен изведувач на стратешките нуклеарни проекти во регионот.
Најавата на генералниот директор на компанијата Алексеј Лихачов дека „Росатом“ годинава ќе ја намали својата инвестициска програма за речиси 50 проценти поради „лошите економски услови“, а истовремено ќе ги намали оперативните трошоци за 10 проценти во следните 18 месеци, претставува јасен сигнал дека руската компанија повеќе нема финансиски простор за агресивната експанзија што ја водеше изминатата деценија.
– Се откажавме од низа проекти или ги поместивме роковите за нивна реализација, водејќи се според неколку критериуми, од кои главен е ефикасноста до 2030 година, односно поголема добивка и приход по рубља инвестиција – изјави Лихачов.
Влијае ли војната во Украина на руската економска реалност?
Проблемите на „Росатом“, според повеќе економски аналитичари, сепак имаат директна врска со војната во Украина и, според нив, логични се економските последици. Војната значително ја ослабе финансиската моќ на Русија, додека меѓународните санкции дополнително го отежнаа работењето на руските државни компании, вклучувајќи го и нуклеарниот сектор.
Иако Лихачов не откри кои конкретни проекти ќе бидат одложени или укинати, токму оваа неизвесност создава најголема загриженост кај партнерите на Москва.
1. Казахстан – проект под знак прашалник
Казахстан во 2025 година му го довери на „Росатом“ договорот за изградба на првата нуклеарна централа во земјата, на брегот на езерото Балхаш. Но уште од самиот почеток проектот беше проследен со одложувања и административни спорови.
Голем број аналитичари и пред последната изјава на Лихачов предупредуваа дека причината за застојот најверојатно лежи во сè потешкото обезбедување финансии од страна на „Росатом“. Новата најава само ги засилува сомнежите дека електроцентралата тешко ќе биде завршена во планираниот рок – до средината на 2030-тите. Парадоксално, токму Казахстан е најголемиот светски извозник на ураниум – суровината без која не може да функционира нуклеарната индустрија.
2. Узбекистан бара поголема сигурност
Слична неизвесност постои и во Узбекистан, каде што „Росатом“ има прелиминарен договор за изградба на мали нуклеарни централи. Во обид да ги намалат стравувањата на узбекистанските власти околу финансирањето, претставници на компанијата на почетокот на 2026 година предложија проширување на договорот и создавање цел нуклеарен кластер. Но најновите финансиски кратења во компанијата речиси сигурно ќе предизвикаат дополнителен скептицизам во Ташкент околу способноста на рускиот партнер да ги реализира преземените обврски.
Кина и САД како алтернативи?
Во меѓувреме, и Казахстан и Узбекистан веќе почнаа да ја диверзифицираат својата стратегија. Астана веќе има потпишано договор со кинеска компанија за изградба на две нуклеарни централи, додека двете централноазиски држави покажаа интерес за соработка со Соединетите Американски Држави во развојот на мали модуларни реактори (SMR), технологија што се смета за следната генерација на нуклеарна енергија. Тоа значи дека „Росатом“ повеќе не е единствената реална опција, како што беше пред само неколку години.
И други руски енергетски гиганти се соочуваат со сериозни предизвици
Финансиските проблеми на „Росатом“ не претставуваат изолиран случај. И други руски енергетски гиганти се соочуваат со сериозни предизвици. Акциите на „Газпром“ во последните три месеци значително ослабеа, а пазарната вредност на компанијата денес изнесува околу 25 милијарди долари. За споредба, во 2008 година „Газпром“ вредеше повеќе од 360 милијарди долари, додека во 2021 година неговата вредност беше нешто над 100 милијарди долари. Овој драматичен пад претставува индикатор за пошироките економски последици што руската економија ги чувствува како резултат на војната, санкциите и притисоците на западните земји, кои континуирано се во активни кампањи за намалување на довербата на Русија на меѓународните пазари.
Енергетската геополитика влегува во нова фаза
Намалувањето на инвестициите на „Росатом“ не е само корпоративна одлука. Тоа претставува индикатор дека сепак целиот Запад со сета своја армада мерки (воени, финансиски, економски, пропагандни, медиумски итн.) остава последици врз способноста на Русија, вклучувајќи го и користењето на нуклеарната енергетика во контекст на геополитичко влијание.
А за Казахстан и Узбекистан од Централна Азија, тоа отвора нов простор за преиспитување на стратешките партнерства и за поголема диверзификација на изворите на технологија и финансирање. Во такви околности, Кина и САД постепено добиваат можност да станат нови повлијателни играчи во нуклеарната иднина на Централна Азија, додека Русија, барем засега, се соочува со ограничувањата што ѝ ги наметнува Западот, што влијае на руската економска реалност. Р.С.
































